Култура
„Тони Китановски трио“ со настап во Битола на Меѓународниот ден на џезот
Младински културен центар – Битола (официјален УНЕСКО младински клуб) реализира континуирани активности во текот на целата година во насока на промовирање на човековото достоинство, охрабрување на дијалогот и разбирањето помеѓу културите и цивилизациите.
Оваа година МКЦ – Битола осми пат се вклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден на џезот, 30 Април, со организирање концерт на „Тони Китановски трио“ (Тони Китановски, гитара; Виктор Филиповски, тапани; Кирил Туфекчиевски, бас) в сабота, во кафе-барот „Порта џез“ во Битола, со почеток во 12.30 часот.
Тони Китановски е композитор, кој свири на гитара. Сметајќи дека како напреден инструменталист не му е во карактерот да му биде кажано како да го свири својот инструмент, најдобар начин да ја усоврши гитарата е преку изучување композиција. Благодарение на наградата „Роберт Шер“ во форма на полна стипендија, дипломира на престижниот Беркли колеџ. За време на студиите ја добива наградата „Чарли Мингус“ за врвни музички достигнувања.
Композиција изучува под менторство на Грег Хопкинс и Херб Померој, специјални студии по композиција и аражирање со Денис Грило (ученик на Пол Хиндемит), посетува семинари по композиција на Ѓорѓи Лигети и Лучијано Берио на Конзерваториумот на Нова Англија и на „Харвард“.
Покрај голем број композиции за џез-состави, автор е и на синфониски дела, музика за филм, театар, перформанс и современ танц.
Професор е по џез-гитара и композиција.
Организатори на сите седум континенти, секоја година, по повод Меѓународниот ден на џезот презентираат неверојатен спектар на перформанси, едукативни програми и програми за информирање на заедницата.
Овој концерт осми пат ја става Битола на глобалната мапа на градови што го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите што тој ги промовира. На овој начин Битола ќе биде на иста линија со светските метрополи, кои имаат почит кон уметноста како начин на живеење и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почнува 19. издание на фестивалот за современи уметности АКТО
Месецов почнува 19-тото издание на фестивалот за современи уметности АКТО и ќе се одвива во текот на целата година. Новото 19-то издание на АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали, на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат во разни градови во државата опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата. Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ и ќе биде отворен в четврток на 28 март. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.
Во центарот на Скопје, на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ пред 30-ина години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беше во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, организацијата „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски иницираа акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот.
Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата ниту, пак, во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – оние што се упатени кон (или заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака, која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.
Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници што го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а за да опстанат, тие зависат во голема мера од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста туку и пошироко во рамките на општеството во кое живееме.
АКТО 19 претставува продолжение на тематиката – „Јавните простори во движење (кон)“, преку која минатата година фестивалот презентира неколку практики, кои замислуваа ослободен простор, дури и привремено, за гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, испуштените и маргинализираните во рамките на постојната хегемонија. АКТО смета дека овие уметнички практики може повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.
Фестивалот АКТО е во организација на здружението „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ и во текот на годината во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и странство.
Култура
„Госпоѓиците од Авињон“ на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и Балет, на 11 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе атрактивната балетска претстава во 9 слики, „Госпоѓиците од Авињон“. Со оваа претстава почнува jубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“, кое ќе има нов концепт и повеќе разни програми, меѓу кои и програмата со наслов „Паралели“, во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и Балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова. Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.
Култура
Бесплатен влез за две претстави во МНТ за Светскиот ден на театарот
Македонскиот народен театар, по повод 27 Март, Светскиот ден на театарот, за љубителите на театарската сцена организира две бесплатни претстави.
Станува збор за детско-младинската претстава „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, која ќе се одигра на малата сцена на 30 март во 12 часот, и изведбата на претставата „Бесачи“, во режија на Јавор Грдев, која ќе биде со вечерна изведба на 6 април со почеток во 20 часот.
Гратис билетите ќе се подигнуваат пред почетокот на изведбите.
ПР-текст