Култура
Утревечер почнува фестивалот „Крај Вардарот џез“
Утревечер, почнува четвртото издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“, во организација на дискографската куќа „ПМГ џез“, и ќе трае до 20 мај.
Организаторите на фестивалот на денешната конференција за печат ја најавија програмата за трите фестивалски вечери, кои ќе бидат на малата сцена во Македонската филхармонија и во Младинскиот културен центар и предвидуваат најквалитетна и најразновидна програма досега и неколку промоции на нови музички изданија.
„Ми се чини дека нашиот фестивал полека почнува да добива облик, па и да стои на сопствени нозе. Четврто издание, најквалитетна и најразновидна понуда досега, атрактивни гости и цврста автентична домашна програма како директен одраз на работата на нашата дискографска куќа. Фестивалот активно соработува со европската програма МОСТ, локалните културни оператери ‘Аудиокултура’, а се јавуваат и други потенцијални соработници. Полека, но сигурно обликуваме нешто препознатливо, нашата визија е сè појасна и за нас и за публиката. Одиме напред“, истакна Мирко Попов, кооорганизатор на фестивалот.
Фестивалот ќе биде отворен утревечер, во 20 часот, на малата сцена во Филхармонијата, со настап на Дамир Имери Трио (РС Македонија). Тромбонистот Имери е тивка легенда на современата македонска музика. Во триото, покрај него, членуваат и Ади Имери и Ратко Даутовски. Истата вечер, на фестивалот ќе настапат Перфорто (Perforto) од Полска, со Ола Ржепка на пијано и Лукаш Марчинијак на електрична гитара. Гостувањето на Перфорто на „Крај Вардарот џез-фестивал“ е поддржано во рамките на европскиот проект МОСТ во програмата за размена на фестивали и се реализира во соработката со „Катовице џез арт-фестивал“ од Полска.
В петок, 19 мај, во 19 часот, во лобито на киното „Фросина“ – МКЦ, во рамките на „Крај Вардарот сесии со ‘Аудиокултура’“, ќе биде промовирано најновото винил-издание на „ПМГ џез“, компилацијата „Крај Вардарот џез Vol.2“. Веднаш потоа, од 21 часот, во киното „Фросина“ ќе се реализираат два концерта, Филип Букршлиев/Благојче Томевски (РС Македонија), на бас-кларинет и гитара и настап на Глигор Кондовски/Владан Дробицки (РС Македонија) на виолина, електроника и тромбон.
В сабота, во денсинг-салата на МКЦ, во 21 часот, ќе настапи „Ларта“ (РСМ акедонија), проектен состав на тапанарот Дино Милосављевиќ. Фестивалското издание ќе се заокружи со ѕвездите на фестивалот „Чуи“ (Chui) од Хрватска, загрепски квартет, чија визија е спој на џез со современа клупска танцова музика, електроника и рокенрол. Досега имаат издадено 6 студиски албуми. Седумпати се закитија со најпрестижната хрватска музичка награда „Порин“ во разни категории и четирипати со наградата на независните музичките новинари „Рок&Оф“. Соработуваа со џез-оркестарот на Хрватската радио-телевизија и направија композиција со легендарната дива Јосипа Лисац. „Чуи“ ќе настапи во состав: Тони Старешиниќ (клавијатури и електроника), Војкан Јациќ (саксофон и електроника), Иван Левачиќ (тапани) и Конрад Ловренчиќ (бас).
За затворањето на фестивалот, по 23 часот, предвидена забава со „ПМГ џез“, диџеј-сет на Мирко Попов, во лобито на киното „Фросина“.
Дизајнот за визуелните решенија на фестивалот ги направи Виолета Качакова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).