Култура
Утре во МКЦ ќе се одржи Record Store Day
АП(о)ТЕКА – МКЦ, информира дека утре во периодот од 12:00 до 17:00 часот, ќе организираат дневно дружење на платото пред МКЦ, по повод International Record Store Day 2022 (Celebrating The Indie Record Store) !!!
„Овој интернационален „Ден на независните музичките продавници“ во светски рамки се одржува од 2007, а овде во Македонија, таа убава традиција годинава ќе ја организираме по петти пат. Ние започнавме во 2017 година. Следејќи го генералниот концепт на прославата и “Record Store Day Macedonia 2022” има свој “Ambassador”, промотер на овој настан. Оваа чест, во светски рамки секогаш е наменета за музичари, кои со своите објави покажале несомнена почит и љубов кон физичките изданија (пред сѐ винилите) како доминантни носачи на звук и на овој или оној начин несебично го подржувале опстојувањето на малите музички продавници. Водејќи се од овие основни начела, честа да биде македонски Амабасадор на овогодишниот македонски Record Store Day, му ја доделуваме на Горан Трајкоски (Сарацени, Афективен Набој, Падот на Византија, Апореа, Мизар, Анастасија, Готра, Мугер Фугер, Горан Трајкоски). Неговото име, во изминативе 40 години, се појавува испишано на 12 винилни изданија и на повеќе од 40 други формати (ЦД и касети), издадени во Македонија, Европа и светот. Тоа го прави еден од малкумината македонски музичари кои со своето творештво имаат оставено печат на 10 или повеќе музички изданија, објавени на винил (албуми, синглови или компилации). Само за потсетување, во 2017 година оваа почест му беше укажана на Васко Атанасоски, во 2018 на Влатко Стефановски, во 2019та на Стојче Цветановски и во 2021та на Александар Петрушевски-Пепе. Во 2020, породи Корона кризата, настанот не се организираше. Годинава, по петти пат, на интернационално ниво се промовира уште една почест, “Worldwide Record Store Legend”, за страсно колекционерство и долгогодишна поддршка на физичките изданија како носачи на звук (пред сè на винилот) и континуирана поддршка на малите и независни музички продавници. Сметавме дека кај нас, честа да биде промовиран во нова македонска “Worldwide Record Store Legend”, треба да му припадне на новинарот од кој низ годините наназад сите учевме – Љупчо Јолевски, долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија (со особена страст кон винилите) и редовен посетител на европските но и на ретките македонски независни музички продавници. Во изминативе четири години оваа почест ја добија Васја Ивановски (2017), Владимир Мандичевски-Манде (2018), Бранислав Димитров-Бране (2019) и Гордан Калајџиев (2021)“, велат организаторите на настанот.
Појаснуваат дека годинава, за првпат, локално во Македонија, ќе следи доделување и на едно специјално признание на пионерите на Македонската рок музика, луѓето кои го воведувале винилот како медиум за траен запис на нивната музичка фасцинација.
„На овогодишниот македонски Record Store Day, тоа признание (Пионери на винилот) го доделуваме на браќата Зоран и Димитрија Павловски, Зоко и Денки, легендарните гитарист и басист на ВИС Безимени и Република 903. Музичари чии звуци на гитарата и басот се забележани на првиот винилен носач на звук на кој се наоѓа и еден Македонски рок состав. Далечната 1969 година во Белград е снимена, и веднаш ставена на заедничка плоча, само една песна, инструментална преработка на традиционалната Си заљубив едно моме. Но и тоа ќе биде доволно да ја внесе Македонската рок музика во богатата Југословенската дискографска ризница. За жал тоа ќе остане и единствениот винилен носач на звук на кој се потпишани тие, како музички состав, но токму тие звуци започнаа да ја испишуваат убавата страница на Македонската рок историја. Ете, 53 години од овој настан, повторно ја споменуваме оваа плоча а некаде помеѓу овие временски рамки, се наредени уште повеќе од 350 винилни изданија на кои е забележан македонскиот рок сигнал. НИЕ сме им сериозно должни на оваа генерација на музичари, а ова признание нека биде само симболичен почеток на ера на признанија кои НИЕ но и државата, ќе ги адресира до нив….СОЗДАВАЧИТЕ на урбаниот македонски музички идентитет“, е наведено во информацијата за настанот.
Покрај укажувањето почит кон споменатите личности, самиот “Record Store Day Macedonia 2022” ќе биде одбележан и со промоција на две винилни изданија, кое за првпат се изготвени како RSD Exclusive Release. Се работи за компилациите Macedonian Dark Wave 1985-1989 и Macedonian New Wave 1979-1987 Vol.2. Обете објавени на LP формат во издание на Corpus Delicti Records.
Целиот славенички настан ќе биде поддржан со DJ сетови на Robotek, Diah и Double G.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почнува 19. издание на фестивалот за современи уметности АКТО
Месецов започнува 19-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности и ќе се одвива во текот на целата година. Новото, 19-то издание АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат низ различни градови во државата, опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата. Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата бр.33, на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ и ќе биде отворен во четврток на 28 март. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.
Во центарот на Скопје, на зградата бр.33, на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ од пред околу 30 години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беа во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски покренаа акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот.
Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата, ниту пак во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – тие коишто се упатени кон (или пак заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.
Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници кои го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а истите тие за да опстанат зависат во голема мерка од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење, овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста, туку и пошироко во рамките на општеството во коешто живееме.
АКТО 19 претставува продолжение на тематиката – Јавните простори во движење (кон), преку која минатата година фестивалот презентираше неколку практики што замислуваа ослободен простор, дури и привремено, за гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, испуштените и маргинализираните во рамките на постојната хегемонија. АКТО смета дека овие уметнички практики можат повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења, или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.
Фестивалот АКТО е во организација на здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ и во текот на годинава во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и во странство.
Култура
„Госпоѓиците од Авињон“ на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и Балет, на 11 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе атрактивната балетска претстава во 9 слики, „Госпоѓиците од Авињон“. Со оваа претстава почнува jубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“, кое ќе има нов концепт и повеќе разни програми, меѓу кои и програмата со наслов „Паралели“, во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и Балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова. Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.
Култура
Бесплатен влез за две претстави во МНТ за Светскиот ден на театарот
Македонскиот народен театар, по повод 27 Март, Светскиот ден на театарот, за љубителите на театарската сцена организира две бесплатни претстави.
Станува збор за детско-младинската претстава „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, која ќе се одигра на малата сцена на 30 март во 12 часот, и изведбата на претставата „Бесачи“, во режија на Јавор Грдев, која ќе биде со вечерна изведба на 6 април со почеток во 20 часот.
Гратис билетите ќе се подигнуваат пред почетокот на изведбите.
ПР-текст