Книги
Шеснаесет стихозбирки во конкуренција за наградата „Антево перо“ 2020
На годинешниот конкурс за наградата „Антево перо“, именувана според великанот на македонската поезија Анте Поповски, а која се доделува како исклучително поетско признание за необјавена стихозбирка на македонски јазик, пристигнати се 96 авторски ракописи.
Соопштувајќи го овој податок, жири-комисијата во состав проф. д-р Венко Андоновски (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски, членови, изрази задоволство и благодарност за реакцијата и нагласената заинтересираност од авторите и констатира дека е нотиран нов рекорден број на пристигнати поетски книги што треба да се толкува како продолжение на трендот на натамошен континуиран прогрес на манифестацијата воопшто.
Жири-комисијата смета дека конкурсот за наградата „Антево перо“ за 2020 година, како никогаш претходно, понуди мноштво нови и успешни поетски светогледи во тематска смисла, но и естетски различни, со уникатен и нов творечки пристап. Освен авторите од Македонија, за меѓународниот карактер на конкурсот но и на целата манифестација, годинава се погрижија и поети од Кипар, односно од Србија, испраќајќи свои стихозбирки, согласно конкурсните пропозииции – на македонски јазик.
По темелно разгледување, анализа и дискусија за секое од пристигнатите авторски дела, жири-комисијата на своето прво заседание, состави листа од 16 поетски книги, кои се во поширок избор за наградата и тоа: „Запирка“ на Милена Ристова – Михајловска, „Добрината пушти ја преку ред“ на Сандра Трендевска, „Каучот на Фројд“ на Димитар Арнаудов, „Жив(отн)и песни”на Владимир Мартиновски, „Остров во окото“ на Зоран Пејковски, „Бог на ба(к)терии“ на Ведран Стоев, „Потпис:Трепетлика“ на Ана Стојаноска, „Огнот наш нестишен“ испратена под шифрата „Сребрена“,„На крајот од тунелот“ на Игор Лозаноски, „Искра“ на Оливер Серафимовски, „Еден маж и една жена или како љубовта раздвојува светови“ (Интерактивна збирка) на Елена Пренџова, „Бујрум ако смееш прочитај ја тишината“ на Емељ Туна, „Изгубен компас“ на Славица Урумова-Марковска, „Додека војуваме“ на Жаклина Филипова-Свеќаровска, „Од тајните на готската жена“ на Даница Петровска, како и стихозбирката „И птица, и риба, и змија и жена“ на Анета Велкоска.
Жири-комисијата, искажа особено задоволство што интересот кај младите автори за учество на конкурсот што го распишува Меѓународната поетско-културна Манифестација „Анте Поповски Антево перо“, од година во година се зголемува.
Од овие причини во поширока конкуренција за наградата „Антев часовник“, која е востановена со цел афирмација на македонскиот јазик меѓу млади творци со евидентна книжевно-поетска дарба, стручната комисија издвои дури шест книги поезија и тоа: „Брадикардија“ на Филип Дракалски, „Средбата на Вулкан и Минерва“ на Георгина Петреска, „Фантомот и реката“, на Емануела Ковачевска Китановска, Разговорите што не можевме да ги имаме“ на Марија Велинова, „Ништожност“ на Душко Двојаковски и „Ведрина“ на Ведрана Петрова.
На следната средба комисијата ќе го стесни изборот за наградите за што ќе следи ново соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска прогласен за роман на годината
Новиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, е добитник на годинешната награда „Роман на годината“.
Романот е во издание на „Три“ и уште по своето објавување, ја освои читателската публика. Жири-комисијата, составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева, одлучи токму романот на Димковска да се закити со една од најпрестижните и несомнено најпосакувани признанија во домашната книжевност.
„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, од кои „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година.
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.
За издавачкиот центар „Три“ ова е петта награда „Роман на годината“. Лидија Димковска се придружи на низата квалитетни автори, кои во издание на „Три“ претходно го добиле ова признание – Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012).
Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме второто издание на романот.
Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки.
Книги
Пет романи во најтесен избор за наградата „Роман на годината“
„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“), „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“) се петте романи што се најдоа во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ за 2023 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Оваа одлука ја донесе жири-комисијата во состав Влада Урошевиќ (претседател и минатогодишен лауреат), Бранко Цветковски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата).
Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје и која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, годинава се доделува по јубилеен 25-ти пат. Таа се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Жири-комисијата ќе го соопшти името на лауреатот на оваа престижна награда на прес-конференција што ќе се одржи во петок, 15 март, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 12 часот.
Книги
Десет романи во трката за „Роман на годината“
Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја соселува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав: Влада Урошевиќ (минатогодишен лауреат и претседател на Комисијата), Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата), селектираше десет романи што останаа во трката за наградата „Роман на годината“.
На годинашниот конкурс пристигнаа 36 романи. Жири-комисијата во првата селекција одбра 19 наслови, а сега списокот го стесни на десет романи.
Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка АД, Скопје. Наградата се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 15 март.