Култура
Јубилеј 45 години од првата збирка на Гордана Михаилова Бошнакоска
Поетесата Гордана Михаилова Бошнакоска годинава слави јубилеј 45 години од излегувањето на првата збирка поезија и 70 години од нејзиното раѓање.
Поетесата Гордана Михаилова Бошнакоска годинава слави јубилеј 45 години од излегувањето на првата збирка поезија и 70 години од нејзиното раѓање. Сепак, како што вели, овој јубилеј повеќе го чувствува како интимен. „Докази“ е нејзина последна, девета по ред поетска книга која беше промовирана во мај годинава.За поетската книга „Планини од картонски кули“ ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за 1998 година на Струшките вечери на поезијата. Автор е на книгите „Писма“, поезија, „Толкување на морето“, поезија, „Босфорско лето“, проза и други.
Таа е една од учесничките на традиционалната шеснаесетта Галичка книжевна колонија која ќе започне денес и ќе трае до недела 8 август.
„Галичката ликовна колонија си има своја традиција која треба да продолжи. Цело време се зборува за криза во културата, но мислам дека во последно време се прави нешто на овој план. Целиот овој крај дал значајни личности врз кој се базира и надградува нашето културно-историско наследство.Со големо задоволство ќе им се придружам на колегите, бидејќи секако престојувам во Галичник. Мојот сопруг има куќа овде и ние по неколку месеци живееме во ова прекрасно место. Галичник е многу инспиративно место за поетите, овде настанале многу мои книги, а некои од нив се во ракопис и се уште ги работам. За пишување потребна е осаменост, но и комуникација со вредни личности. Посебно се радувам на средбата со Сталев кој посебно го почитувам како творец. Годинава е значајна за мене бидејќи е јубилејна, славам 70 години живот и 45 години од излегувањето на првата збирка поезија.Овие јубилеи сепак повеќе ги доживувам интимно,“ изјави за „Макфакс“, Гордана Михаилова-Бошнакоска.
Во рамките на програмата на Галичката ликовна колонија, ќе се одржи чествување по повод одбележувањето на 150-годишнината од овенчувањето на знаменитиот Григор С. Прличев со поемата „Сердарот”, при што ќе биде промовирана новата верзија на ова прославено дело во препевот на Георги Сталев, а во издание на „Галикул“. Настанот ќе се случи во х.Неда со почеток во 18.30 часот.
Потоа ќе следува потсетување на ликот и на делото на неодамна починатиот истакнат македонски поет и деец, учесник на Галичката книжевна колонија, Гане Тодоровски. Програмата ќе биде заокружена во 21 часот со одржување на традиционален поетски митинг „Галичко вдахновение“, кој ќе се одржи на платото пред хотелот „Неда“. крај/сж
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почнува 19. издание на фестивалот за современи уметности АКТО
Месецов почнува 19-тото издание на фестивалот за современи уметности АКТО и ќе се одвива во текот на целата година. Новото 19-то издание на АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали, на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат во разни градови во државата опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата. Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ и ќе биде отворен в четврток на 28 март. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.
Во центарот на Скопје, на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ пред 30-ина години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беше во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, организацијата „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски иницираа акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот.
Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата ниту, пак, во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – оние што се упатени кон (или заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака, која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.
Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници што го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а за да опстанат, тие зависат во голема мера од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста туку и пошироко во рамките на општеството во кое живееме.
АКТО 19 претставува продолжение на тематиката – „Јавните простори во движење (кон)“, преку која минатата година фестивалот презентира неколку практики, кои замислуваа ослободен простор, дури и привремено, за гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, испуштените и маргинализираните во рамките на постојната хегемонија. АКТО смета дека овие уметнички практики може повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.
Фестивалот АКТО е во организација на здружението „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ и во текот на годината во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и странство.
Култура
„Госпоѓиците од Авињон“ на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и Балет, на 11 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе атрактивната балетска претстава во 9 слики, „Госпоѓиците од Авињон“. Со оваа претстава почнува jубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“, кое ќе има нов концепт и повеќе разни програми, меѓу кои и програмата со наслов „Паралели“, во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и Балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова. Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.
Култура
Бесплатен влез за две претстави во МНТ за Светскиот ден на театарот
Македонскиот народен театар, по повод 27 Март, Светскиот ден на театарот, за љубителите на театарската сцена организира две бесплатни претстави.
Станува збор за детско-младинската претстава „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, која ќе се одигра на малата сцена на 30 март во 12 часот, и изведбата на претставата „Бесачи“, во режија на Јавор Грдев, која ќе биде со вечерна изведба на 6 април со почеток во 20 часот.
Гратис билетите ќе се подигнуваат пред почетокот на изведбите.
ПР-текст