Култура
Кирил Џајковски главна ѕвезда на „Битола Отворен град 2010“
Македонскиот електро гениј, Кирил Џајковски, заедно со оркестарот „Серџук“ и Рас Твид се главните ѕвезди на деветтото издание на меѓународниот младински арт-фестивал „Битола отворен град 2010“.
Македонскиот електро гениј, Кирил Џајковски, заедно со оркестарот „Серџук“ и Рас Твид се главните ѕвезди на деветтото издание на меѓународниот младински арт-фестивал „Битола отворен град 2010“. Откако ја освои публиката на Ethno Fest (Палиќ, Србија), Sa SaZu (Прага, Чешка), Fusion-Festival (Ларц, Германија), We love music festival (Осијек, Хрватска), ДемоФест (Бања Лука, Босна и Херцеговина), Таксим плоштадот (Истанбул, Турција), во Аурора клубот (Примоштен, Хрватска), како и во Сараевскиот Дом на млади, Кирил доаѓа во Битола. На сцената поставена под отворено небо на Олимпискиот базен на 22 август 2010 тој екслузивно ќе се претстави пред македонската публика заедно со својот бенд во најсилен состав од 15 музичари. Како што информираат од Младински Културен Центар Битола, моментално Џајковски подготвува незаборавно шоу за Битола отворен град. Во музичката програма, покрај Џајковски, на фестивалот ќе се претстават повеќе музички имиња, меѓу кои и „Небо“, потоа „Бернајс пропаганда“, диџеите Горан Тех и Дејан Декс, како и „Д.Н.О.“ и „ПМГ колектив“. Арт-фестивалот опфаќа и повеќе придружни активности, како изложба на дигитални графики, улични перформанси, креативни работилници, графити работилница, изложба на уметничка фотографија, улични концерти и журки на отворено. Интернационалниот младински арт-фестивал е во организација на Младински културен центар – Битола од 21 до 25 август, а главниот настан на 22 август е во коорганизација на МКЦ-Битола и „Фреш јунион“. Во изминатите фестивалски изданија фановите на „Битола отворен град“ имаа можност да ги проследат настапите на повеќе од 500 уметници од четириесетина земји од цел свет. Кирил Џајковски е македонски музичар и композитор, чија музика се протега низ повеќе стилови. Автoр е и на филмска и театарска музика. Кариерата ја започнал уште во раните осумдесети години во рамките на првиот македонска електро-група Бастион во која членувал и познатиот режисер Милчо Манчевски. Има снимано албуми и заедно со групата Леб и сол со која и има настапувано низ цела Европа. Во почетокот на деведесеттите се преселил во Австралија каде продолжил да создава музика комбинирајќи го македонскиот етно со модерниот електронски звук, па како резултат произлегол неговиот прв соло албум „Syntetic Theatre“, кој по независните радио станици во Австралија станал прилично популарен. Неговиот албум „Homebound“ хрватскиот Playboy го објави за најдобар екс-ју албум на годината, а на синглот за нумерата „Primitive Science“ се наоѓаат ремикси од Bushwacka, Subsonic Legacy и Dreadzone. /крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.