Култура
Завршува Биеналето на млади уметници од Медитеранот
Биеналето на млади уметници од Европа и Медитеранот вечерва ќе биде затворено со свечена церемонија на плоштадот Македонија во Скопје, каде што и започна пред десет дена
Претходно, во Музејот на современата уметност, во 20 часот ќе се случува перформанс на Kok & Deiman од Холандија.Скопје, коешто изминатите десеттина дена беше домаќин на 14-то по ред Биенале на млади уметници, доби над 350 дела од визуелната и од применетата уметност, повеќе од 260 перформанси од театарот, танцот, шоуа, како и урбани дела, 32 литературни читања, како и дегустации од храната подготвена од седум големи готвачи. Настаните се случија низ целиот град, на различни локации, институции за изложби и сцени за музика.Изложбите ќе траат до 25 септември. Емоции, дијалог помеѓу културите, мирни релации и збогатување меѓу визуелната и применетата уметност, музиката, театарот, видеото, литературата, гастрономијата: ова беше Биеналето на млади уметници од Европа и од Медитеранот, најголемата случка на младата креативност, која денеска во 21 часот на главната сцена на градскиот плоштад ја затвора својата 14 година, со свечена церемонија. А, претходно, во Музејот на современата уметност, во 20 часот ќе се случува перформанс на Kok & Deiman од Холандија. Последниот ден од оваа шареноликост од уметност, која што се одржа, следејќи ја темата на Седумте порти, е можност да се разбере начинот на кој креативната разноликост покажува дека ова е време кога промените се можни. Скопје целосно го прими овој концепт, прегрнувајќи ги другите културни иницијативи, наградувајќи ги сите оние кои пораснаа со Биеналето и кои напорно работеа и беа навистина креативни за време на Биеналето, со надеж дека кај нив останале впечатоците на среќа и радост, како и размена на искуства, што го карактеризираше овој настан!Градот доби нешто повеќе од 350 дела од визуелната и од применетата уметност, повеќе од 260 перформанси од театарот, танцот, шоуа, како и урбани дела, 32 литературни читања, како и дегустации од храната подготвена од седум големи готвачи. Настаните се случија низ цел град,на различни локации, институции за изложби и сцени за музика. Што се однесува на делот за шоуа, околу 20 музички концерти беа презентирани на главната сцена на градскиот плоштад и уште толку други на сцената во Градскиот парк. Овие места беа главните локации посветени на музиката. Концерти беа одржани во Музејот на град Скопје. Осум презентации и осум други бендови ја делеа сцената на платото на Куќата на креативноста (Дом на АРМ) – локација која што беше срцето на Биеналето и место за сретнување на сите уметници, а ништо помалку не беше важен ниту Кејот на реката Вардар. Даут Пашин Амам беше локацијата каде што се одвиваа литературните читања, со околу 30 писатели, додека ресторанот Пивница беше главно место за гастрономијата со седумте големи готвачи од оваа дисциплина. Проекцијата на слики во движење се одвиваше во Музејот на град Скопје и во Куршумли Ан, каде околу 40 уметници ги претставија своите кратки и долгометражни филмови. Конечно, дисциплината поврзана со шоуто (танц, театар, урбани акти) најмногу беа присутни во Куќата на креативноста (16 групи на уметници), на кејот на Вардар (17) и во Македонската Опера и Балет (16). Повеќето од танцовите и театарските претстави беа прикажани по два пати. Младинскиот културен центар, Драмскиот театар и Македонскиот народен театар (секоја од овие институции поединечно) примија помеѓу пет и 10 уметнички групи. Секој уметник во визуелната уметност во најголем дел изложуваа во Мала станица, вкупно 67 презентации на фотографија, инсталации, видео, пластика или графити. Вториот простор посветен на визуелната уметност беше Музејот на Современата уметност, со не помалку од 60 уметници и Националната галерија на Македонија со околу 45 уметници. Следува ДЛУМ галеријата (Дом на АРМ) со околу 20 визуелни уметници, кои се претставија со сајбер уметност, графити, видео и Музејот на град Скопје и Отвореното графчко студио со околу 15 визуелни уметници. Младинскиот културен центар презентираше два уметника за визуелната уметност, а центарот на градот стана израз и презентација на осум уметнци од јавната уметност. Културно информативниот центар (КИЦ) беше домаќин на околу 30 уметници од применетата уметност, поврзана со дигиталната уметност, модниот дизајн, накитот, виртуелниот и ВЕБ дизајнот. Музејот на град Скопје пак, повеќе беше фокусиран на архитектурта, дигиталниот дизајн и индустрискиот дизајн со околу 20 уметници. Куќата на креативноста прикажа уметник од дигиталната уметност, а Македонската опера и балет постави модна ревија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).