Култура
Концерт на Владимир Лазаревски и Милица Шкариќ во Софија
Утревечер, 29 септември, во камерната сала „Бугарија“ во Софија, концерт ќе одржат обоистот Владимир Лазаревски и пијанистката Милица Шкариќ
На концертот насловен „Вечер на славјански композитори“ на програмата ќе бидат изведени дела од Петрич, Петрович, Стојков, Борисов и Славицки. Настапот го организира Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија. Обоистот Владимир Лазаревски студира на Националната Музичка Академија „Панчо Владигеров” во Софија, кај проф. Георги Желјазов, каде што дипломира и магистрира во 2003 година. Една година подоцна Владимир добива целосна стипендија од музичката академија Лонџи во Бостон, САД, каде заминува да се усовршува како музичар изведувач. Таму учи во класите на проф. Вејн Рејпиер и проф. Марк МекЕван, врвни обоисти на оркестарот на Бостонската филхармонија, каде ги заокружува своите постдипломоски студии во 2006 година. Својот музички профил го усовршува на многубројни семинари и мајсторски класови кај еминенти обоисти како Инго Горицки, Давид Валтер, Паул Гуди, Хелмут Мецера и др.Лазаревски е лауреат е на меѓународниот музички натпревар Алегро Виво во Австрија 2002 г. и 3-та награда на натпреварот Земјата и Луѓето, Бугарија 2001г. Освојува први награди на државните натпревари во Македонија во 1996 и 1997 година. Владимир Лазаревски има бројни настапи на фестивали во земјава и странство како: Моцартеум и Алегро Виво во Австрија, Бостонски музички вечери во САД, Дартингтон во Англија, Скопско Лето, ДММ, Бит фест, Балкан класикал мјузик фестивал и др. Секако, на ова се приклучуваат и солистичките настапи со ансамблот „Барокни солисти“ во Софија, Академскиот симфониски оркестар во Бугарија и со Македонската филхармонија преку подиумот на млади.Како обоист и солист на англиски рог свирел во составот на голем број ансамбли и тоа: Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Сараевската филхармонија, Симфониските оркестри во Пазарџик и Враца, Р. Бугарија, Нов симфоничен и Академскиот симфоничен оркестар во Софија, Камерниот оркестар на Лонџи, САД, Колегиум-музикум Банкја и др.Во моментов, Владимир Лазаревски е доцент по обоа, камерна музика и методика на дувачките инструменти на Факултетот за музичка уметност на државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип. Тој е и хонорарен соработник на Македонската филхармонија, Средното музичко училиште во Скопје, Штип и Тетово, Камерниот оркестар на ММЕ и е член на камерниот квартет „Мјузик прогресив“.Милица Шкариќ, дипломира пијано во Париз на Ecole Normale de Musique de Paris. На истата институција, Милица добива и диплома по камерна музика. По студирањето во Франција, таа се усовршуваа како солист во класата на професор Евгениј Корољов на Факултетот за музичка уметност во Хамбург, Германија. Во учебната 2004-2005 година, проф. Шкариќ присуствува како професор на Факултетот за музичка уметност во Ен Арбор, држава Мичиген, САД. Милица Шкариќ е лауреат на три републички награди по пијано, прва специјална награда на сојузниот натпревар во поранешна Југославија, четврта награда на музичкиот натпревар во Сенегалија, Италија, прва награда на натпреварот во Саребург, Франција и награда за корепетиција на натпреварот Елизе Мајер во Хамбург. Добитник е на стипендии од фондациите Алберт Русел, Хилда Сантарели, Ото Штотерау, Сорос, ДААД, ХФДП и др. Концертирала како солист и камерен партнер во Франција, Германија, Италија, САД, Србија, Македонија. Во моментот, Милица Шкариќ е професор е по пијано, камерна музика и методика на Факултетот за музичка уметност во Штип.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).