Култура
„Раковиот напоредник“ од Хенри Милер на македонски
Неодамна, во едицијата с.р. (современ роман / своерачно), со поддршка на Министерство за култура на Р. Македонија, за прв пат на македонски јазик Блесок го објави романот на Хенри Милер „Раковиот напоредник“, во превод од англиски на Игор Исаковски
Несомнено еден од најзначајните светски романи, „Раковиот напоредник“ (Tropic of Cancer, Париз, 1934) на Хенри Милер не престанува да предизвикува книжевни дебати и расправии, дури и после 74 години од своето прво издание. Во ова свое прво објавено дело (двете книги напишани претходно, „Молох, или овој нежен свет“ и „Луд петел“, се објавени постхумно) Милер експериментира со книжевниот израз: експеримент кој ќе остави длабоки траги во цивилизациското наследство на современиот роман во дваесеттиот век. Користејќи ја монтажата како основен книжевен алат, Милер во „Раковиот напоредник“ создава колаж од поезија во проза, живи и жестоки дијалози, луди и чиниш незапирливи монолози, пејзажи кои секогаш отсликуваат уште нешто друго освен пејзажот сам (душевни немири, телесни ламтежи, диви пијанства…), галерија од флуидни ликови кои се тука со една и единствена цел: авторот низ нив остро да ги критикува општеството, уметноста, светот. Да биде сликата потполна, Милер сето ова го зачинува со надреалистички пасажи кои можат да послужат како показен пример во секоја студија за тек на свеста. Хенри Милер (1891-1980) потекнува од семејство на доселеници од Германија. Роден е и пораснал во Њујорк. Студирал само два месеци – иако бил одличен студент, не сакал да ги прифати „стегите на академското образование“.Во 1928 и 1929 година, минува по неколку месеци во Париз, за во 1930 година таму да се пресели и да остане до почетокот на Втората светска војна. Во Париз живее во беда и сиромаштија: му помагаат пријателите, меѓу кои е и Анаис Нин, која го финансирала првото издание на Раковиот напоредник во 1934 година. И покрај тешкиот живот, парискиот период е еден од најплодните во неговото творештво. Тогаш ги пишува и ги објавува романите „Раковиот напоредник“, „Црна пролет“ (1936) и „Јарешкиот напоредник“ (1939). Парискиот период е значаен и поради неговите контакти со надреалистите.Во 1940 година, Милер се враќа во САД, каде што со своите дела ги бранува современите американски културни вредности и морални начела. „Раковиот напоредник“ е објавен во САД дури во 1961 година, по што следуваат неколку судски процеси против Милер, со обвиненија дека ги поткопува моралните и општествените вредности и дека објавувал порнографија. Судските процеси завршуваат во 1964 година и во негова полза, со пресуда дека неговите книги се книжевни дела. Ова е значајно од аспект дека настанот се смета за почеток на сексуалната револуција која од САД потоа се шири низ поголемиот дел од светот.Меѓу позначајните дела од вкупно четириесет и трите објавени книги на Милер се и романите од трилогијата „Ружино распетие“:„ Сексус“ (1949), „Плексус“ (1953), „Нексус“ (1960), романот „Мирни дни на Клиши“ (1956), книгите есеи „Космолошко око“ (1939), „Мудроста на срцето“ (1941), „Климатизиран кошмар“ (1945) и „Книгите во мојот живот“ (1952), патописите „Колосот од Маруси“ (1941), како и неколку книги посветени на сликарството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).