Култура
„Пред дождот“, „Прашина“ и „Сенки“ на специјална ДВД колекција
Македонија ја доби првата ДВД колекција на филмски класици со светско реноме. „Пред дождот“, „Прашина“ и „Сенки“ на Милчо Манчевски се издадени во ексклузивен ДВД сет и првпат можат да се купат на ДВД во матичната земја иако во светот се одамна достапни
Издавач на ДВД трилогијата е Манаки филм, а колекцијата ќе биде достапна во сите специјализирани продавници за филмски и музички изданија, книжарници и други продажни места. За ова издание се изработени нови мастери и на сликата и на тонот на трите филмови во англиски и германски лаборатории, како и нови, досега необјавени материјали, четири часа филмски и музички додатоци, истражувачки материјали, монографија од светскиот печат. „Овде е претставен опус на еден од наративно најинтересните сценаристи и режисери на светот. Ова се три иновативни примери на емотивна структура кои покажуваат наративен пристап што е исклучително релевантен за современиот филм и раскажувањето приказни„, вели Кристина Калас, претседател на Европската федерација на сценаристи.Покрај четирите часа ексклузивен филмски и музички материјал, колекцијата од три ДВД-ја содржи и историски документи во врска со снимањето на филмовите – сториборд, документација и преписка. Приложени се и саундракот на „Прашина“ од Кирил Џајковски, спотови и кратки форми на Манчевски, како и документарни филмови. Во изданието се поместени и два ЦД-РОМ подарока. Со „Прашина“ е издаден истражувачки материјал од подготовките на филмот, а со „Пред дождот“ е вклучено електронското издание на монографијата Дожд: Светот за филмот Пред дождот, во која на 450 страници е препечатен дел од светските реакции, есеи и рецензии за овој филм.„Оваа колекција е исклучително луксузно издание според својата содржина и според своите технички карактеристики. Направени се нови мастери во ТЕХНИКОЛОР, во РАНК и во ДУАРТ лабораториите , а исто така содржински ДВД -јата се збогатени со повеќе од четиричасовна нова програма која што досега е невидена во Македонија. Ваков квалитет на ДВД продукција досега не е практикуван во Македонија и јас се надевам дека ова ќе биде појдовна основа за сите понатамошни продукции и ДВД издаваштва, вели Тања Ќурчинска –Пепељугоска, директор на Манаки филм.Со ова издание се заокружува исклучителниот успех на трите филма на Манчевски, кои иако снимени во распон од 15 години се уште се актуелни во светски рамки. „Пред дождот“ во 1994 година го освои Златниот лав за најдобар филм на Венецијанскиот филмски фестивал, а освои и уште 30 други награди и признанија низ светот, вклучувајќки ја и номинацијата за Оскар. Њујорк тајмс го вброи меѓу 1.000 најдобри филмови на сите времиња. „Прашина“ го отвори Венецијанскиот фестивал во 2001 и покрај редовната кинодистрибуција во многу земји, стана академски хит.„Сенки“ имаше светска премиера на фестивалот во Торонто во 2007, а неговиот фестивалски и кино живот се уште трае на сите континенти, пред два месеца имаше кинопремиера во Мексико.Сите три филма на Манчевски играле на редовниот кино репертоар во над 100 земји во светот и имаат непроценливо вреден придонес и значење за афирмација на македонската култура и држава во светот. Се изучуваат на стотици универзитети во светот, во Италија се дел од средношколската лектира, во Кореја од „Пред дождот“ се изучува англискиот, а во САД македонскиот јазик, филмовите се поместени и во бројни филмски енциклопедии, и за нив има десетици илјади референци на Интернет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.