Култура
Роман од полската авторка Катажина Грохола во издание на „Македонска реч“
„Македонска реч“ од Скопје неодамна го објави хит-романот „Никогаш повеќе!“ на полската писателка Катажина Грохола, во превод од полски на македонски јазик на Анета Тодевска
Овој роман, кој е меѓу најпопуларните полски романи во почетокот на овој век, ги опишува преживувањата на една напуштена жена која пронаоѓа сила во себе, за да може да обезбеди подобар живот за себе и за својата ќерка тинејџерка. Во трката да создаде нов дом за себе и за својата ќерка, таа неуморно се преиспитува себеси и женскиот род, притоа барајќи ја и чекајќи ја својата вистинска љубов. Пред да ја најде својата голема љубов таа преживува низа непријатни ситуации и проблеми. Иако ова е книга со среќен крај, сепак читателот ќе го остави да размислува за својата или за туѓата љубовна врска, за разликите на половите и за тоа што сакаат мажите и жените. Книгата е еден вид водич низ тоа што треба да се очекува од својата љубов и колку вреди да се жртвува за неа. Тоа е роман напишан од жена за жените кои секаде во светот се судираат со неверствата, напуштањето и повторното градење на своите животи. Иако повредена, главната хероина Јудита, никако не се откажува од својот сон да го сретне мажот од своите соништа. Она што Катажина Грохола го истакнува во оваа книга е дека и покрај сите перипетии во својот живот жената никогаш не треба да се откажува од своите соништа.
За романот и за приказната што ја раскажува во него, авторката пишува: „Јудита ја привршува триесет и седмата година, со огорченост си го приспомнува мажот кој ја изневерил, и неизмерно мечтае за големата љубов. Сама гради куќа на село и сама ја одгледува Тосја, која е тинејџер. Дели совети во женско списание и не заработува толку добро колку Бриџит Џонс, ниту се чувствува како успешна жена. Не се срами од своите слабости и комплекси, има смисла за хумор, а по секоја криза од неа експлодира нова бомба на енергија.Мислам дека сите сме слични. Во секого од нас тлеат различни копнежи за кои без волја признаваме. Како и за големата романтична љубов и принцот на бел коњ. Јас токму за тоа копнеам.“
Овој роман од читателите веќе доби највисоките оценки и е широко прифатен во Полска и во Европа, зашто, меѓу другото, писателката на умешен начин сериозните проблеми ги прикажува во ведра светлина и тон и на хумористичен начин. Книгата веднаш ги освои срцата на полската публика и се продава во илјадници примероци. „Никогаш повеќе!“ е првиот дел од циклусот на осум книги наречен „Жаби и ангели“. Читателите го оценија романот како модерна приказна за модерни жени.Книгата „Никогаш повеќе!“ е филмувана и е преведена на неколку јазици, меѓу кои и на руски, германски и словачки. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои наградата „АС“ ЕМПиК во 2001 и 2002 година и наградата „ИКАР“ во 2001.Катажина Грохола е родена во јули 1957 година во Кротошин, а живее во Варшава. Авторка е и на книгите „Да се прегризе дождовникот“, „Срце во завои“, „Кристален ангел“ и др. Грохола е сценарист и на две полски серии „Љ како љубов“ и „Во добро и лошо“. Освен што работи како сценарист, пишува и радиодрами.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.