Култура
Успешна година на Министерството за култура
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, денеска ги презентираше активностите на Министерството за оваа 2009 година. За Министерството, изминатава година е една од најуспешните досега
Министерството за култура и во наредната година останува фокусирано на проекти со кои културата целосно ќе биде ставена во функција на општествениот развој на државата, подобрување на културната клима, развојот на културата на локално ниво, меѓународни претставувања на Македонија, завршување на капиталните проекти, проекти за негување на културата на етничките заедници во Македонија, заштита на културното наследство, конзервација и реставрација…Од позначајните проекти реализирани со поддршка на Министерството можат да се издвојат неколку врвни изложби – Салвадор Дали во Музејот на современа уметност, откупот и изложбата на 44 необјавени цртежи на Никола Мартиноски во Културно-информативниот центар во Скопје, „Енформел во сликарството“ – од 1959 до 1966 ( кратка историја на енформелното сликарство во Македонија) и „Енформел во скулптурата“ – од 1960 до 1970 во МСУ, многуте изложби на македонски автори поставени во културно-информативните центри во Софија и Њујорк, ретроспективните изложби на Свето Манев, Трајче Јанчевски, Цане Јанкуловски, реализирани во соработка со Националната галерија на Македонија, трите изложби на артефакти… Во областа на издаваштвото се поддржани вкупно 310 публикации. Најзначајни – проектот „130 тома македонска книжевност“ од кој во тек е втората фаза на превод на англиски јазик, финализирање на проектот „Превод на писатели-нобеловци“, издавањето на четирите публикации од областа на културното наследство, а во подготовка е уште еден проект – „Ѕвезди на светската книжевност“, работен заедно со врвни македонски автори и издавачи. Во областа на музичко-сценската уметност, оваа 2009 година ја одбележаа гостувањата на оркестарот на театарот Бољшој на концертот на маестро Симон Трпчески, потоа отворањето на „Охридско лето“ со Енио Мориконе и унгарскиот филхармонски оркестар „Гјор“, гостувањата пијанистите Борис Березовски (Русија) и Тео Георгиу (Швајцарија), виолинистката Мидори (Јапонија) и хрватската виолончелистка Моника Лесковар, како дел од официјалната програма на „Охридско лето“, јубилејните концерти по повод 100-годишнината од раѓањето на Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Во организација на Министерството за култура се одржаа Денови на македонската култура во САД и во Чешка, а голем дел од културното наследство беше претставено во Рим за време на чествувањето на сесловенските просветители Кирил и Методиј. Македонија со двајца претставници учествуваше на Венециското биенале, на Франкофонските игри во Бејрут, Либан, а за првпат Скопје беше домаќин на Биеналето на млади уметници од Европа и Медитеранот, на кој учествуваа над 700 уметници.Во првата половина од оваа година се завршени дел од капиталните проекти, како Спомен-домот на Мајка Тереза во центарот на Скопје, Музејот на вода во Охрид, доградбата на Народната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје, со што се реши долгогодишниот проблем на чување и заштита на огромниот библиотечен фонд, како и процесот на автоматизација на сите библиотеки низ Македонија, по што ќе следува нивна дигитализација, новите депоа во Кинотеката на Македонија, осветлувањето на Камениот мост, реновирањето на библиотеката во Битола и Куќата на Уранија во Охрид, поставувањето на 35 скулптури во централното градско подрачје… Во тек е изградбата на стариот театар во Скопје, музејскиот комплекс, салата за Македонската филхармонија, театарот во Велес, а во завршна фаза се проектите за изградба на Турскиот театар, ревитализацијата на Хавзипашините конаци во Бардовци, куќата на Кемал Ататурк и проектот за ревитализација на Старата скопска чаршија.Оваа година започна снимањето на 7 играни филмови чии премиери се планирани за 2010 година. Министерството за култура го поддржа и издавањето на ексклузивната ДВД-колекција на трите филмови на Милчо Манчевски.По иницијатива на Министерството за култура беше подготвен предлог за нов закон за култура кој ќе се однесува на финансирањето, како и нов закон за авторски и сродни права. Вкупниот буџет за реализираните проекти на Министерството за култура во 2009 година изнесува околу 755 милиони денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).