Култура
Прво оркестарско цеде на Симон Трпчески
По четирите солистички комапкт дискови, од 1 март првото оркестарско издание на нашиот пијанист Симон Трпчески, пред публиката го започнува својот живот
Македонскиот пијано виртуоз, Симон Трпчески и Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул под диригентската палка на Василиј Петренко на овој носач на звук ги изведуваат Концертите за пијано и оркестар број 2 и 3 на Сергеј Рахманинов.Музичкиот портал systemrecords.co.uk за новото издание пишува: „…30-годишниот македонски пијанист, Симон Трпчески, е еден од најзначајните музичари на неговата генерација. Овде, тој, технички совршено и величествено интерпретирано ги изведува „озлогласено“ предизвикувачките Втор и Трет концерт на Рахманинов. Се здружува со својот редовен соработник (диригентот) Василиј Петренко и Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул во плодоносна АВИ-соработка, за овoj прв од двата планирани компакт дискови на кои Трпчески го снима комплетот концертни дела на Рахманинов за пијано и оркестар…“http://www.systemrecords.co.uk/trpceski-simon-royal-liverpool-phil-orch-vasily-petrenko-rachmaninov-piano-concertos-p-1024934.html„Прекрасно е чувството да се има и првото оркестарско цеде. Многумина со нетрпение го очекуваа многу одамна, а и јас го посакував. Но ете, по првите четири солистички изданија, еве го сега и првото оркестарско. Јас лично преферирам да свирам со оркестар, поради поинаквата димензија на звукот, различните звуци, различни бои, повеќе инструменти и исполнетоста што ја чувствувам при изведбата со оркестар“, вели Трпчески.Според него, комбинацијата што е направена со Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул и со нивниот шеф-диригент, Василиј Петренко, заедно со продуцентот Џон Фрејзер е одлична.„Сето тоа што карактерот на делата во принцип го бара од пијанистот и оркестарот сметам дека е автентично испочитувано, а се додадени голема љубов и позитивна енергија во интерпретацијата. Верувам во ова це-де и во тоа што заеднички го направивме и не се сомневам дека и луѓето ќе го почувствуваат тоа“, изјави Трпчески за Македонското радио.Официјалното излегување на европскиот музички пазар се очекува на 1 март, кога започнува и серијата концерти на нашиот пијано виртуоз на Стариот континент. Во тек е снимање и на втор компакт диск во истиот состав (ќе ги содржи Концертите број 1 и 4 и Рапсодијата на тема од Паганини) со што ќе се заокружи комплетниот опус на дела за пијано и оркестар на Рахманинов. Неговото издавање се очекува следната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Бесплатен влез во музеите и на локалитетите по повод Светскиот ден на спомениците и локалитетите, 18 Април
По повод 18 Април, Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, утре е обезбеден слободен влез во сите национални установи од областа на заштитата на културното наследство, кои ќе бидат отворени во текот на целиот ден, со што граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со археолошките локалитети и спомениците во државава.
Отворени ќе бидат вратите на националните установи: заводи и музеи во Битола, Штип, Охрид, Прилеп и во Струмица; Стоби и Хераклеја; Спомен-куќата на Тоше Проески; Археолошкиот музеј; Националната галерија со сите свои објекти; Музејот на современата уметност; Музејот на македонската борба; Историскиот музеј во Крушево; Музејот на албанската азбука; Уметничката галерија во Тетово; „Д-р Никола Незлобински“ во Струга; Музејот на Западна Македонија во НОВ – Кичево; Музејот на тетовскиот крај; Природонаучниот музеј; Музејот на Северна Македонија; музеите во Куманово и Гевгелија.
Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) во 1982 година го прогласи 18 Април за Светски ден на културното наследство, а ИКОМОС секоја година препорачува тема за прославата и активностите на тој ден организирани од страна на националните и меѓународните научни комитети.
Секоја година темите се актуелни и се однесуваат на подигнување на свеста на јавноста за значењето на светското културно наследство, за заштитата, чувањето и афирмацијата на непроценливото богатство откриено преку археологијата.
Годинашна тема за Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите е „Катастрофи и конфликти низ призмата на Венециската повелба“.
На тригодишното генерално собрание на ИКОМОС во 2023 година во Синдеј, темата „Наследство отпорно на катастрофи и конфликти – подготвеност, одговор и закрепнување“ беше избрана како тема за тригодишниот научен план 2024 – 2027 година. За таа цел, ИКОМОС Македонија во текот на април го разгледува скопскиот земјотрес во 1963 година и неговиот ефект врз културното наследство низ призмата на годинашната тема.
Култура
Премиера на претставата „Хеда Габлер“ в сабота во Драмскиот театар – Скопје
„Хеда Габлер“, работена по текст на авторот Хенрик Ибзен, е новата претстава во продукција на Драмскиот театар – Скопје. Премиерата ќе се игра в сабота на 20 април, со почеток во 20 часот, на сцената „Ристо Стефановски“. Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова-Петровска и Васил Христов. Сценограф на претставата е Васил Христов и костимите се на костимографката Розе Трајчевска-Ристоска.
Улогите ги играат актерите на Драмскиот театар – Скопје: Хеда Габлер-Тесман – Сања Арсовска, Судијата Брак – Зоран Љутков, Јерген Тесман – Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг – Дениз Абдула и ликовите на Госпоѓа Елвстед и Јулијана Тесман ги игра Сара Климоска.
Режисерот Васил Христов во програмската белешка за претставата го истакнува следното: „Во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот создавајќи уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми. Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)херојки во драмската литература одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик, кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство, како и нејзината амбиција да поседува машка моќ да може да влијае како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага, кој ја симболизира борбата за родови права и еднаквост“.
Режисерот Христов посочува дека драмскиот текст „Хеда Габлер“ низ годините многупати е поинаку режисерски толкуван и читан, драматуршки адаптиран, структурно видоизменуван, користен како мотив од автори вљубеници во неговото дело. Драмскиот материјал отвора можности внатре во него да се интервенира во согласност со современите театарски концепти, читања, толкувања условени и од општествените промени, кои неминовно се случуваат. Денес кога ментното здравје, кризата на идентитет и морално-етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)херојка стануваат дополнително актуелни и ги рефлектираат проблематизираните состојби во современото општество.
Актерката Сања Арсовска го истакна задоволството од тимската работа во процесот на создавање на претставата и ја искажа благодарноста кон режисерот што ѝ ја доверил улогата, со што ѝ се исполнил сонот да ја игра Хеда Габлер, еден од најзначајните ликови во театарската литература.
Култура
Изведба на балетскиот триптих „Молитви на моето тело“ во рамките на фестивалот „Танц фест Скопје“
На 23 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе балетскиот триптих „Молитви на моето тело“, инспириран од циклусот поезија со истоимениот наслов од поетот Ацо Шопов. Балетскиот триптих ќе се изведе во рамките на јубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“.
Креативниот мозаик е составен од авторите: идејата за проектот и костимографијата се на Александар Ношпал, драматург е Соња Здравкова-Џепароска, кореографи се: Ивана Коцевска, Адријана Данчевска, Саша Евтимова, музиката е на Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски (изведба: диригент Сашо Татарчевски со Женскиот младински хор при МКЦ) , сценограф е Михајло Стојановски, визуелен уметник е Флоријан Чанга од Албанија, камера и видеомонтажа на филм – Доријан Миловановиќ, мултимедија и графички дизајн – Лазе Трипков.
Поезијата на Шопов, односно истоимениот циклус поезија на сцената на Националната опера и Балет, ќе биде прочитана со јазикот на танцот создаден од тројца македонски кореографи на музика на тројца македонски композитори и другите уметници. Во формат на триптих балетската претстава „Молитви на моето тело“ претставува 90-минутно креативно сплотување на тим од тринаесет уметници, сценски пренесено од првенците, солистите и балетскиот ансамбл на Националната опера и Балет.