Култура
Ќе ги побара ли Македонија назад златните маски од Требениште?
Ќе го прифати ли Република Македонија повикот да му се придружи на светскиот сојуз на земји кои бараат да им се врати културното наследство кое им било земено во минатото и денес е изложено во други земји?
Ќе го побара ли Република Македонија да и` биде вратено вредното културно наследство што низ историјата било изнесувано од нејзината територија, за време на туѓите владеења? Колкави се шансите да бидат вратени во земјата од каде што потекнуваат златните маски и војничкиот шлем од Требениште, царските двери од Охрид, средновековните ракописи и други вредни антиквитети кои денес се чуваат или се изложени во соседните земји? Ќе ја прифати ли Македонија поканата да му се придружи на светскиот сојуз на земји кои бараат да им се врати културното наследство кое им било земено во минатото и денес е изложено во други земји?Ова се само неколку од многуте прашања што се отвораат по одржаната Конференција за заштита и репатријација на антиквитети што се одржа деновиве во Египет, на која учествуваа 25 земји од светот, меѓу нив Египет, Грција и Кина, кои усвоија заедничка листа на драгоцени реликвии што ги бараат назад од западните музеи.Земјите-учеснички повикаа на светско единство на земјите што се засегнати и најавија дека ќе побараат да се измени конвенцијата на Обединетите нации со која забранува извоз и сопственост на антиквитети кои биле украдени по 1970 година, за да можат да трагаат и по предмети што биле изнесени пред тоа. Според учесниците на конференцијата, иницијативата од Каиро е првиот чекор, кој дава надеж дека нешто може да се промени.„Сметам дека одржавме историска конференција за сите земји што некогаш изгубиле артефакти. Се согалсивме да се бориме заедно. Културното наследство треба да се врати во неговата татковина“, порача домаќинот на конференцијата, шефот на египетскиот Совет за антиквитети, д-р Захи Хавас.Како што неодамна изјави за магазинот Free Time Guide – Macedonia директорoт на Управата за заштита културното наследство на РМ, Паско Кузман, иако голем дел од културното наследство на Република Македонија било изнесено од земјата за време на туѓите владеења, тешко дека нешто ќе може да се направи и тешко дека Македонија ќе може да си ги врати назад вредните предмети како златните маски од Требениште. Две од нив денес се изложени во Народниот музеј во Белград, а другите две се во Археолошкиот музеј во Софија. „Маските се изложени, не се скриени. Тогаш било Србија – Јужна Бановина – ние сме биле во составот на СХС. Исто и со Бугарите. Тогаш било бугарско. Тие не се украдени, туку се легално однесени, заедно со многу работи што биле однесени. Во тие гробови имало и многу други предмети – златни, бронзени, сребрени, керамички и поинакви – ама маските се најзначајни и најпознати“, вели Кузман.Во периодот од 1918 до 1934 во тн. кнежевски гробови во некрополата Требениште, на 15 километри северно од Охрид, биле откриени четири златни погребни маски. Првите две случајно ги откриле бугарските војници што ја копале трасата за теснолинејката (некогашната железничката пруга до Охрид) за потребите на воените дејствија во 1918, по што се однесени во Софија.Другите две се откриени во т.н. српско време, за време на Кралството СХС. Ги открил археологот Никола Вулиќ за време на ископувањата од 1930 до 1934 година. Маските биле однесени во тогашниот Музеј Кнеза Павла, односно денешниот Народен музеј во Белград, каде што се изложени. Околу 257 предмети од требенишката некропола и денес се во софискиот Археолошки музеј, а околу 176 се во белградскиот Народен музеј.
Следува: Ќе и` се придружи ли Македонија на иницијативата од Каиро?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.