Култура
Меѓународен натпревар за дизајн на уреди за домаќинства
Electrolux Design Lab, меѓународниот натпревар на идеи и концепти за дизајн на иновативни уреди за домаќинство, ја објави темата за 2010 г. и упати отворен повик до студентите од сите факултети да се натпреваруваат во дизајн на уреди наменети за тесните домови од иднината
Темата на натпреварот е инспирирана од трендот на растење на урбаната популација. “Според проценките на ОН, во 2050-тата година 74 отсто од светската популација ќе живее во градовите”, вели Бранка Бугариска, ПР Директор во Њу Момент. “Тоа секако ќе се одрази на нашиот живот и секојдневие воопшто, вклучително и начинот на кој ќе се грижиме за нештата во домот”. Концептите треба да бидат адаптирани кон тесниот простор на урбаните живеалишта, фокусирајќи се на решенија за складирање на храната, перење на алишта и миење садови до домовите од 2050-тата година, или таканареченото второ вселенско доба.
Душица Лазарова, претставник од студентската организација ИАЕСТЕ, партнер на Design Lab во Македонија, додава дека конкурсот е одлична шанса македонските студенти да ја претстават својата креативност пред светската стручна јавност и можност да ги отворат вратите кон светот на професионалниот дизајн на производи. “Electrolux Design Lab е можност студентите да се тестираат себеси и да изградат чувство за дизајн на комерцијални производи”, додаде Лазарова.
Осум финалисти ќе бидат поканети да учествуваат во финалето во Лондон, каде ќе имаат можност да ги претстават своите идеи изработени во реална големина. Меѓународното жири, составено од експерти и дизајнери, ќе ги оценуваат нивните дизајни, врз база на интуитивен дизајн, иновација и нивото на задоволување на потребите на потрошувачите.
Првата награда изнесува 5,000 евра и шестмесечна програма во еден од глобал дизајн центрите на Electrolux. Втората награда е 3,000 евра, а третата 2,000 евра.Овој натпревар досега даде многу смели идеи и концепти, како на пример ‘чевлосмукалките’ DustMate, AirWash пералната која користи воздух наместо вода, итн. Македонија во последниве години учествуваше со повеќе студенти и идеи, и на светско ниво стигна до полуфинале, што е највисоко достигнување меѓу студентите од балканските земји.
Нена Бошковска, полуфиналистката на Design Lab од Македонија и амбасадор на овој натпревар, ги охрабрува македонските студенти да земат учество на овој натпревар, велејќи дека тоа е предизвик, но и шанса. “Учеството на Electrolux Design Lab е можност студентот самиот да се преиспита до кој степен и на кој начин размислува, и како себе си ќе се произнесе во светот во однос на понатамошната негова кариера.”
Бошковска во 2008 година, како студент на Архитектонскиот Факултет во Скопје, учествуваше на овој натпревар со решението насловено како Iron Glove, пегла во форма на ракавица, која работи на соларна енергија. Пеглата е наменета пред сè за модерните луѓе, кои се во постојана трка со времето, а воедно сакаат секогаш да изгледаат убаво и уредно. “Идејата произлезе по долги размислувања и истражувања кои ги спроведов со помош на луѓето од т.н. интернет генерација, со цел да стигнам до ваквото решение”, додава Бошковска.
Рокот за пријавување на идеите е 1 мај 2010 година. Пријавувањето се врши онлајн, на веб сајтот www.ElectroluxDesignLab.com, каде може да се добијат и сите дополнителни информации во врска со конкурсот и со начинот за аплицирање. Конкурсот е отворен за сите дипломски и постдипломски студенти од сите факултети од целиот свет.Повеќе за Design Lab на www.ElectroluxDesignLab.com или [email protected]
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.