Култура
Промовирани глумците од серија „Од денес за утре“
Реномирана актерска екипа составена од доајени на македонското актерство, како и претставници на младата актерска генерација, ќе ги играат ликовите во македонската играна серија „Од денес за утре“
Главната женска улога, ликот на Цветанка, ќе го игра Билјана Беличанец Алексиќ, а главната машка улога, ликот на Томче Трикотажа ќе го толкува Сенко Велинов.Останатите улоги ќе ги толкуваат Ленче Делова, Диме Илиев, Ѕвезда Ангеловска, Митко Апостоловски, Јовица Михајловски, Јасмина Поповска, Ана Стојановска, Влатко Илиевски и изненадувањето, македонската гордост и чудо од дете Марко Чаласан, како и специјалната гостинка од Кина, Шуинг Донг. Актерската екипа составена од реномирани актери, изрази задоволство од можноста да бидат дел од македонска играна серија, по долг период на стагнација на домашна играна продукција. „Да се состави една ваква актерска екипа воопшто не беше лесно. Убедени сме дека го направивме вистинскиот избор и дека преку оваа актерска екипа ќе ја доловиме вистинската убавина и вредност на секојденевните мали нешта што често не ги забележуваме, а се тука околу нас и можат да не направат посреќни, затоа што се наши, автентични, уникатни… Веруваме дека ликот на Томче Трикотажа, главниот машки лик, што го игра Сенко Велинов, ликот на неговата сопруга Цветанка, главниот женски лик, што го игра Билјана Беличанец Алексиќ, како и сите други ликови во серијата, ќе станат препознатлив синоним за актерите што ги толкуваат овие улоги. Искрено се надеваме дека гледачите ќе уживаат во оваа серија, чија крајна цел меѓу другото е да ги расположи и опушти “, вели Иво Лауренчиќ режисер на серијата „Од денес за утре“. Актерската екипа, беше промовирана преку читачка проба на сцената „Семеен ручек“, со што беше на автентичен начин промовиран духот и содржината на серијата. Серијата обработува тематика од секојдневиот живот на просечно семејство од средната класа, составено од неколку генерации кои живеат под еден кров. Семејството се соочува со многубојни проблеми и предизвици на новото време, но серијата има намера да ги прикаже од духовитата, посветла страна на животот. На почетокот на мај ќе падне и првата клапа, со што ќе започне и снимањето на епизодите. Серијата ќе се реализира со поддршка од Cosmo – Тинекс, Комерцијална банка, Прима мебел, Ладна Вода, Порше, Гранд Кафе, Фруктал, Винчини – Виница, Алкалоид, МекДоналдс, Кроација Животно Осигурување, Ресторан – Далма, Ремедика и Спортлајф.
„Од денес за утре“, се работи според сценарио на познатиот македонски драматург Братислав Димитров и легендарниот сценарист од бившите југословенски простори Предраг Перишиќ. Режијата е на Иво Лауренчиќ, а музиката на познатиот македонски композитор и пејач Ристо Самарџиев. За сцанографијата е задолжена Снежана Поњавиќ Муча, додека костимограф е познатата Розе Трајчевска. Поголемиот дел од серијата ќе се снима студиски во Скопје, а остатокот на неколку локации во Македонија. Ќе се одработи 13 часа монтиран материјал од кој постпродукциски ќе се реализираат 13 епизоди. Серијата е во копродукција на Идеа Плус комуникации и Сител телевизија, на чија програма и ќе се емитува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.
Култура
Почнува „Крај Вардарот џез“: три фестивалски вечери и пет концертни настапи кои кокетираат со авангардни стилови
Денеска, во едукативниот културен центар „Лабораториум“ имаше конференција за печат во пресрет на петтото издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“, кој ќе се одржи од 20 до 27 април. Програмата се состои од 3 вечери и 5 концертни настапи, кои ќе се реализираат во Македонската филхармонија и во едукативниот културен центар „Лабораториум“.
Годинашното издание ќе се одржи во чест на Мирко Попов, кој заедно со Владан Дробицки е идеен творец на фестивалот. Со голема жар и посветеност Попов и Дробицки работеа на програмата на годинашниот фестивал, чија реализација Попов не успеа да ја дочека.
„Иновативноста во градење на фестивалската програма е присутна како во творештвото на авторите што настапуваат на фестивалот, така и во начинот на презентација на нивната музика. Ова е особено евидентно во годинашното фестивалско издание преку интердисциплинарниот пристап на програмата, која ги надминуваат границите на уметничките дисциплини и музичките жанрови спојувајќи џез, електроника, современа музика, поезија и проза“, рече Виолета Качакова, дел од тимот на КВЏ.
„Фестивалот е тесно поврзан со дискографската куќа ‘ПМГ џез’. Со 47 изданија македонска џез, светска и современа музика, освен како издавачи, континуирано организираме концертни и слушачки промоции. Домашната музика станува достапна до меѓународни музички професионалци и куратори, кои го признаваат нејзиниот квалитет, преку низа награди за најдобри џез-албуми и композиции на дел од изданијата за ‘ПМГ џез’, доделени од музичките платформи Bandcamp и All About Jazz. Непосредно пред почетокот на фестивалот ‘ПМГ џез’ излезе со 3 нови изданија на изведувачи, кои ќе настапат на фестивалот“, објасни Качакова.
На самото отворање на 20 април, во „Лабораториум“, во 21 часот ќе настапат Cobalt Code Unit, фракција од четири млади музички аскети, кои успеваат да ја спојат традицијата, современиот џез, африканскиот бит и бучавата на индустрискиот метеж.
На 23 април во Македонската филхамонија, во 20 часот, публиката ќе го проследи музичко-поетскиот проект „Мирисот на липите“ на Дуња Иванова на пијано и Тина Иванова како автор на текст и наратор на приказна.
„Иницијална каписла за овој проект се заедничките спомени со сестра ми Тина и мирисот на липите, кој нè потсетува на нашето детство и заедничката потреба да создадеме нешто храбро“, рече Дуња Иванова.
Веднаш потоа, во 21 часот, следува концерт на Биг бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски, со музика на еден од стожерите на современата џез-композиција – Кире Костов.
„Сè што научив за музиката и свирењето научив од Шпато и од Кире Костов и многу сум врзан за неговото творештво. Владан и Мирко направија избор од негови компизиции, кои под мојата палка ќе ги изведе Биг бендот“, изјави Мирковски.
На 27 април во „Лабораториум“, во 21 часот, вечерта ќе почне со концерт на Macedonian Free Society, нов креативен, (о)слободен, инспиративен, предизвикувачки израз и соработка помеѓу извонредни автори и инструменталисти, кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез-музика. Во 22 часот ќе почне настапот на „Поетроника“. Еден од највозбудливите проекти, кој во форма на поетско-музички перформанс ја спојува македонската поезија со современа електронска музика. Модерен и динамичен поглед врз македонската поезија интерпретирана од актерот Оливер Митковски, во придружба на современа електронска музика во авторство и изведба на Андреја Ристески-Салпе.
„Музиката и поезијата се во совршена симбиоза. Музиката на Салпе, иако е електронска, има елементи и на џез и на етно. Тој креира совршена таписерија од звуци, а нарацијата, поезијата, ги крши сите клишеа. Целта ни беше да се сруши баналниот начин на интерпретација на поезија“, изјави Митковски.
Дробицки, кој заедно со Попов ја креира програмата за годинешниот фестивал, вели дека основна водилка им била: „Да понудиме програма, која ќе се разликува од сè што работевме досега – храбра и оригинална музика. Промовираме нови проекти, кои кокетираат со авангардните музички стилови – „Кобалт код унит“ и „Маседонијан фри сосајати“. Со „Поетроника“ ни се виде интересен спојот на избрана македонска поезија и музичка подлога, сублимат на модерни електронски стилови. Како контраст избравме камерен концерт со музика на една од најпродуктивните македонски композиторки, Ана Пандевска, во изведба на Дуња Иванова и надополнета со текст и нарација на Тина Иванова. Истовремено, му оддаваме почит на еден од најголемите македонски музичари, кој творел и работел во областа на џезот и оставил огромна трага во современата поп-музика, господинот Кире Костов“, вели Дробицки.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и се реализира во соработка со Македонската филхармонија и „Лабораториум“. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на Општина Центар. Онлајн-продажбата на билетите е достапна преку bileti.mk. Програмата за 20 април е бесплатна.