Култура
Реоткривање на патеката на културата-по втор пат
Со цел заживување на Скопската чаршија на 5 јуни, почнувајќи од 20 часот ќе се одржат акробатски претстави, фестивал на документарен филм, а ќе настапат и повеќе бендови
Концертот на македонскиот музичар и композитор Кирил Џајковски и пејачот Рас Твид, заедно со оркестарот Серџук, (пред Музејот на Македонија во 23.30 часот), ќе биде главна атракција на “Реоткривањето на културната патека”, настан што ќе се случи на 5 јуни.
Почнувајќи од 20 часот во културните објекти во Чаршијата истата вечер ќе настапат повеќе бендови, ќе се одржи фестивал на креативниот документарен филм, а присутните ќе имаат прилика да проследат и акробатски претстави. Во рамките на настанот ќе биде претставена и возобновената поставка во Музејот на Старата чаршија во Сули ан.Годинава настанот се случува во соработка со Баскер фест и Оффест, па така ќе бидат вклучени и дел од нивните содржини.
“Реоткривањето” започнува во 20 часот од пред споменикот на Скендер бег, каде ќе се случи изведбата на Анди Бај Акробат, во 20.30 во Капан ан ќе настапат Ареиал Енџелс, а во Св.Спас, во 21 часот Замбрамора. Во Куршумли ан истата вечер во 21 часот почнува фестивалот на документарниот филм Маке Докс. Настапите на Остогос енергија и Распеани скопјани се, исто така, дел од програмата која ќе се случува на платото во Чифте амам и во Сули ан од 21 часот. Гангбе Бра Бенд од Африка е, исто така, една од атракциите, чиј концерт присутните во Чаршијата ќе можат да го проследат на платото пред Музејот на Македонија во 22.30 часот.Реоткривањето на патеката минатата година собра над 10.000 луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Започнува 19-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности
Месецов започнува 19-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности и ќе се одвива во текот на целата година. Новото, 19-то издание АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат низ различни градови во државата, опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата. Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата бр.33, на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ и ќе биде отворен во четврток на 28 март. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.
Во центарот на Скопје, на зградата бр.33, на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ од пред околу 30 години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беа во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски покренаа акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот.
Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата, ниту пак во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – тие коишто се упатени кон (или пак заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.
Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници кои го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а истите тие за да опстанат зависат во голема мерка од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење, овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста, туку и пошироко во рамките на општеството во коешто живееме.
АКТО 19 претставува продолжение на тематиката – Јавните простори во движење (кон), преку која минатата година фестивалот презентираше неколку практики што замислуваа ослободен простор, дури и привремено, за гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, испуштените и маргинализираните во рамките на постојната хегемонија. АКТО смета дека овие уметнички практики можат повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења, или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.
Фестивалот АКТО е во организација на здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ и во текот на годинава во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и во странство.
Култура
„Госпоѓиците од Авињон“ на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и Балет, на 11 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе атрактивната балетска претстава во 9 слики, „Госпоѓиците од Авињон“. Со оваа претстава почнува jубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“, кое ќе има нов концепт и повеќе разни програми, меѓу кои и програмата со наслов „Паралели“, во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и Балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова. Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.
Култура
Бесплатен влез за две претстави во МНТ за Светскиот ден на театарот
Македонскиот народен театар, по повод 27 Март, Светскиот ден на театарот, за љубителите на театарската сцена организира две бесплатни претстави.
Станува збор за детско-младинската претстава „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, која ќе се одигра на малата сцена на 30 март во 12 часот, и изведбата на претставата „Бесачи“, во режија на Јавор Грдев, која ќе биде со вечерна изведба на 6 април со почеток во 20 часот.
Гратис билетите ќе се подигнуваат пред почетокот на изведбите.
ПР-текст