Култура
Концерт на Шумановска и Димитриевска во Даут-пашин амам
Во сабота, 3 јули, со почеток во 20.30 часот, во рамкити ена манифестацијата Скопско лето 2010 во Национална галерија на Македонија, објект Даут-пашин аман ќе се одржи концерт на Елена Шумановска на харфа и Анета Димитриевска на флејта
На вечерашнава програма ќе бидат изведени делата од Пари „Sonata No. 1“, В.Поп „La Traviata$, (флејта и харфа), Михаил Глинка „Mozzart Variations“, Г.Пиерне „Impromptu Caprice“, Клод Дебиси „Clair de lune“, од М. Турние „Au Matin“, „Vers la source dans le bois“ и „Lolita la Danseuse“, Д. Воткинс „Fire dance“, Ф.Годефроад „Etude de concert“, А Пиацола „Café 1930“ (флејта и харфа).Елена Шумановска е родена 1983 г. во Скопје. По завршување на средното музичко образование во МБУЦ „Илија Николовски – Луј” во класата по харфа на професор Лејла Урманова од Москва, Русија, продолжува со студии на ФМУ кај истиот професор. Добитник е двапати на специјалната прва награда на Државниот натпревар на ученици и студенти по музика во Македонија, како и награди на повеќе меѓународни натпревари: „Петар Коњовиќ” во Белград, „Музичари на новиот милениум” во Скопје, меѓународниот конкурс во Софија и на престижната награда „Климентина Рафајловска”во 2002 година. Како претставник од Македонија била учесник на повеќе меѓународни харфистички фестивали и конференции. Има одржано неколку самостојни рецитали во Скопје, а два пати има настапено и како солист на симфонискиот оркестар при МБУЦ. Во моментот е вработена во оркестарот на МОБ како солист харфист. Своето образование го продолжува со пост дипломски студии во Софија, во класата на професор Малина Христова .Во својот солистички репертоар инкорпорира повеќе различни стилови. Иако и се предизвик транскрипции за харфа од други инструменти, посветена е на промовирање на композитори – харфисти важни за напредокот на харфистичката техника на современата харфа, но секогаш со ентузијазам се навраќа и на класичните форми.Анета Димитриевска е родена 1983 г. во Охрид. Средно музичко училиште завршува во Битола. На студии се запишува на ФМУ- Скопје во класата на професор Страшо Темков, каде дипломира во 2006 г. Добитник е на повеќе награди на државно и меѓународно ниво, помеѓу кои две специјални први и една прва награда на државен натпревар во Р. Македонија,втора награда на меѓународниот натпревар ,,Петар Коњовиќ“, Белград како и прва, втора и трета награда по камерна музика во Македонија. Учествува на бројни концерти, фестивали и продукции низ Македонија со оркестри, камерни состави и како солист.Во моментот работи во воениот оркестар на АРМ, на позиција флејта и пиколо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Бесплатен влез во музеите и на локалитетите по повод Светскиот ден на спомениците и локалитетите, 18 Април
По повод 18 Април, Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, утре е обезбеден слободен влез во сите национални установи од областа на заштитата на културното наследство, кои ќе бидат отворени во текот на целиот ден, со што граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со археолошките локалитети и спомениците во државава.
Отворени ќе бидат вратите на националните установи: заводи и музеи во Битола, Штип, Охрид, Прилеп и во Струмица; Стоби и Хераклеја; Спомен-куќата на Тоше Проески; Археолошкиот музеј; Националната галерија со сите свои објекти; Музејот на современата уметност; Музејот на македонската борба; Историскиот музеј во Крушево; Музејот на албанската азбука; Уметничката галерија во Тетово; „Д-р Никола Незлобински“ во Струга; Музејот на Западна Македонија во НОВ – Кичево; Музејот на тетовскиот крај; Природонаучниот музеј; Музејот на Северна Македонија; музеите во Куманово и Гевгелија.
Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) во 1982 година го прогласи 18 Април за Светски ден на културното наследство, а ИКОМОС секоја година препорачува тема за прославата и активностите на тој ден организирани од страна на националните и меѓународните научни комитети.
Секоја година темите се актуелни и се однесуваат на подигнување на свеста на јавноста за значењето на светското културно наследство, за заштитата, чувањето и афирмацијата на непроценливото богатство откриено преку археологијата.
Годинашна тема за Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите е „Катастрофи и конфликти низ призмата на Венециската повелба“.
На тригодишното генерално собрание на ИКОМОС во 2023 година во Синдеј, темата „Наследство отпорно на катастрофи и конфликти – подготвеност, одговор и закрепнување“ беше избрана како тема за тригодишниот научен план 2024 – 2027 година. За таа цел, ИКОМОС Македонија во текот на април го разгледува скопскиот земјотрес во 1963 година и неговиот ефект врз културното наследство низ призмата на годинашната тема.
Култура
Премиера на претставата „Хеда Габлер“ в сабота во Драмскиот театар – Скопје
„Хеда Габлер“, работена по текст на авторот Хенрик Ибзен, е новата претстава во продукција на Драмскиот театар – Скопје. Премиерата ќе се игра в сабота на 20 април, со почеток во 20 часот, на сцената „Ристо Стефановски“. Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова-Петровска и Васил Христов. Сценограф на претставата е Васил Христов и костимите се на костимографката Розе Трајчевска-Ристоска.
Улогите ги играат актерите на Драмскиот театар – Скопје: Хеда Габлер-Тесман – Сања Арсовска, Судијата Брак – Зоран Љутков, Јерген Тесман – Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг – Дениз Абдула и ликовите на Госпоѓа Елвстед и Јулијана Тесман ги игра Сара Климоска.
Режисерот Васил Христов во програмската белешка за претставата го истакнува следното: „Во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот создавајќи уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми. Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)херојки во драмската литература одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик, кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство, како и нејзината амбиција да поседува машка моќ да може да влијае како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага, кој ја симболизира борбата за родови права и еднаквост“.
Режисерот Христов посочува дека драмскиот текст „Хеда Габлер“ низ годините многупати е поинаку режисерски толкуван и читан, драматуршки адаптиран, структурно видоизменуван, користен како мотив од автори вљубеници во неговото дело. Драмскиот материјал отвора можности внатре во него да се интервенира во согласност со современите театарски концепти, читања, толкувања условени и од општествените промени, кои неминовно се случуваат. Денес кога ментното здравје, кризата на идентитет и морално-етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)херојка стануваат дополнително актуелни и ги рефлектираат проблематизираните состојби во современото општество.
Актерката Сања Арсовска го истакна задоволството од тимската работа во процесот на создавање на претставата и ја искажа благодарноста кон режисерот што ѝ ја доверил улогата, со што ѝ се исполнил сонот да ја игра Хеда Габлер, еден од најзначајните ликови во театарската литература.
Култура
Изведба на балетскиот триптих „Молитви на моето тело“ во рамките на фестивалот „Танц фест Скопје“
На 23 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе балетскиот триптих „Молитви на моето тело“, инспириран од циклусот поезија со истоимениот наслов од поетот Ацо Шопов. Балетскиот триптих ќе се изведе во рамките на јубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“.
Креативниот мозаик е составен од авторите: идејата за проектот и костимографијата се на Александар Ношпал, драматург е Соња Здравкова-Џепароска, кореографи се: Ивана Коцевска, Адријана Данчевска, Саша Евтимова, музиката е на Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски (изведба: диригент Сашо Татарчевски со Женскиот младински хор при МКЦ) , сценограф е Михајло Стојановски, визуелен уметник е Флоријан Чанга од Албанија, камера и видеомонтажа на филм – Доријан Миловановиќ, мултимедија и графички дизајн – Лазе Трипков.
Поезијата на Шопов, односно истоимениот циклус поезија на сцената на Националната опера и Балет, ќе биде прочитана со јазикот на танцот создаден од тројца македонски кореографи на музика на тројца македонски композитори и другите уметници. Во формат на триптих балетската претстава „Молитви на моето тело“ претставува 90-минутно креативно сплотување на тим од тринаесет уметници, сценски пренесено од првенците, солистите и балетскиот ансамбл на Националната опера и Балет.