Култура
Викендов на Реканско културно лето
Во регионот на Река (Маврово-Ростуше) по 9-ти пат ќе се одржи манифестацијата на која со иновативен пристап кон културниот развој на руралните региони се креираат предуслови во кои локалните уметници, организации, поединци, и локалните заедници и креираат културни програми и настани
Организирањето на Реканското Културно Лето произлезе од потребите на локалните заедници и креативните поединци од Реканскиот крај за забрзување на сопствениот развој како и од заложбите за развој на локални културни политики кои се базираат на потребите и навиките на локалните заедници и се развиваат во интеракција со културната понуда. Иновативноста на Реканското лето се состои во пристапот кон развојот на културата односно во моделот на културниот функционализам креиран според потребите и можностите на локалните заедници што доведува до креирање на паралелни културни модели кои по своето значење, содржина и вредност се еднакви на моделите на елитната урбана култура. Ова всушност претставува децентрализација на културата и културен развој воден од потребите, можностите и навиките на заедниците и се карактеризира со широка партиципација во процесите на креирање, одлучување и имплементација на културните соржини, а резултира со интерсекторско поврзување и развој на локалните капацитети на реканскиот крај.Главни активности кои се предвидени во рамките на проектот се: Кино проекции, а во склоп на Реканско културно лето согласно програмата се организирани и реализирани 5 Кино проекции во неколку села од регионот. Се проектираат најразлични филмови, претежно нови изданија – хитови како и цртани филмови за најмладите. Исто така, на отворено се пренесуваше и финалето на светското фудбалско првенство и уште неколку поинтересни натпревари.Исто така, вреди да се напомене и фактот дека кино културата во Ростуше одлично функционирала во седумдесетите и осумдесетите години на минатиот век, за потоа да доживее голема стагнација, но организторите сметаат дека на овој начин барем малку повторно ја оживуваме и се надеваат дека во блиска иднина таа ќе биде наш составен дел.Следната манифестација која ќе ја споменеме од годинешниве рекански културни денов е Мушичарскиот куп Радика 2010 година. Станува збор за активност која се организира по четврти пат. Целта е промовирање на реката Радика, природните убавини кои ги нуди, промоција на надалеку познатата Радичка Пастрмка, симболот на Радика, како и промоција на целоит регион воопшто. Целиот куп се одвива по подготвени правила кои неколку дена пред почетокот на натпреварот се истакнати на видни места низ регионот. За најдобрите Националниот парк Маврово обезбеди и соодветни награди.Една од манифестациите е и Денот на традиционална Реканска пита, кога како и секоја година се приуготвуваат се дегустираат и се врши избор на највкусната позната Реканска пита. Оваа година вредните домаќинки ќе подготват 30-тина пити според традиционални рецепти. Ова случување ќе биде проследено во сабота, (17-ти јули) и со традиоционален перформанс на зурли и тапани и настап на КУД „Рекански бисер“ Ростуше од Дом на култура, потоа ќе биде посетен живописен водопад Дуф, ќе се и разгледување на изложбата на слики „Бигорски – моја инспирација“ на авторот Адем Сулејманоски,а по дегустација и изборот на трите највкусни Рекански пити и други традиционални јадења од овој крај, вечерта ќе заврши со вчерен концерт на бендот С&Г од Гостивар во Домот на културата – Ростуше.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.