Култура
Нова поетска книга на Ивица Челиковиќ
„Во ѕидот знак“ е насловот на најновата поетска книга на Ивица Челиковиќ, што деновиве ја објави „Македонска реч“ од Скопје. Книгата содржи четириесетина песни, поделени во шест тематски циклуси
И во оваа поетска книга авторот постигнува високо естетско рамниште, со изграден и суптилно функционален симболичко-метафоричен систем и истенчен лирски усет. Сенката и ѕидот со основните симболички нишки врз кои се потпира тој систем. Сенките се немирни во пукнатините на ѕидовите. Постојано се уриваат ѕидови, но пукнатините и студените празнини и меѓупростори остануваат како неми сведоци за изместениот свет и за драмата на човечката егзистенција – сега и низ столетијата. Тоа се некои од можните прашања кои оваа стихозбирка се обидува да ги иницира. Истовремено потрагата по сопствениот идентитет и внатрешната осмисленост, да се премине од „другата страна на себеси“, продолжува и во најновата поетска книга на Ивица Челиковиќ.Ивица Челиковиќ е роден во 1962 г. во Скопје. Завршил Интердисциплинарни студии по новинарство во Скопје. Студирал и на Институтот за новинарство и масовни комуникации во Гетеборг, Шведска, каде што живее и работи. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1990 г. Од 2003 г. е член на Сојузот на шведските писатели.Автор е на книгите: „Школки во рацете“ (поезија, 1990), „Долги граници до небото“ (поезија, 1992), „Метаморфози на патот“ (поезија, 2002), „Зад источната линија“ (роман, 1992), „Возови во пајакова мрежа“ (поезија, 2006), „Праг и огледало“ (поезија, 2008).Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои Млада Струга, Златно перо и Иселеничка грамота.Преведува шведска и норвешка литература на македонски јазик. Превел петнаесетина дела од познати шведски писатели, меѓу кои од Аугуст Стриндберг, Селма Лагерлеф, Хари Мартинсон, Торни Линдгрен, Биргита Тротциг, Астрид Линдгрен и Катарина Фростенсон.Составувач е на антологијата „Македонска поезија“ што во негов превод на шведски е објавена во 2005 г.Стихозбирката „Во ѕидот знак“ е негова шеста поетска книга.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.