Култура
Македонски автори на филмскиот фестивал во Утрехт
По третпат во Утрехт се одржува филмскиот фестивал Источни Соседи кој трае од 21. до 24. октомври. Со публика од преку 5.000 посетители, за многу филмски критичари ова е најголемата презентација на Балканските земји во Западна Европа којашто биенално се одржува во овој холандкси град
Иако Македонија не е во фокус ова година, македонскта застапеност не заостанува зад другите земји. Премиерно во Холандија во петок (22. октомври) во 17.00 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Девојчето што бере тутун” на Билјана Гарванлиева. На 24. октомври во 16.00 часот, ќе биде прикажан Омнибус-филмот на режисерки од пет земји од регионот, „Некои други приказни”, со што и македонскиот „Замена” на Марија Џиџева.Најголемо внимание од медиумите привлекоа македонските млади актери, предводени од професорката Синоличка Трпкова. Тие се дел од филмската работилница која што се одржува од 18 до 26 октомври на тема „Домашно насилство – и борбата против него”. Трпкова заедно со познатите актерки Вилеке ван Амелрој (Холандија) и Мирјана Карановиќ (Србија) менторираат млади таленти од Холандија, Хрватска, Србија, Бугарија, Албанија и Македонија. Младите актери кој нас не претставуваат се: Ана Кафкалеска, Марија Бејкова, Слаѓана Вујосевиќ, Газменд Изаири, Никола Настоски и Александар Степанулески.Учеството на Источни соседи го обезбеди Здружението на граѓани „Public room” / „Јавна соба” кој е официјален партнер на фестивалот. Со испраќањето на македонските учесници/актери и филмови повторно се обидува на најдобар можен начин да ја презентира македонската култура во Холандија. Да потсетиме само дека на фестивалот Источни соседи во 2008 г., земја во фокус беше Македонија и во Холандија беа прикажани филмовите: Сенки(2007) на Милчо Манчевски, Боли ли?(2007) на Анета Лешниковска, Превртено (2007) на Игор Иванов, Илузија (2005) на Светозар Ристовски, Дае (1979) на Столе Попов и Воајер (2008) на Александар Спасовски. Додека во 2006 г. нашата земја беше претставена со изложбата „Жестоко историско ехо” куратор Златко Теодосиевски и асистент куратор Ана Франговска. На оваа изложба беа изложени дела од Александар Станковски, Славица Јанешлиева, Атанас Ботев, Жанета Вангели, Дијана Томиќ-Радевска, Исмет Рамичевиќ, Ибрахим Беди, Роберт Јанкуловски, Маријета Сидовски и Ангел Коруновски.Фестивалот се разликува од другите фестивали по тоа што тој ја фокусира својата програма на земјите кои не се членки на Европската Унија ставајќи го акцентот на оние кои се на самиот праг на ЕУ. Фестивалот претставува отворена сцена за масовно презентирање на националните достигнувања во различни уметнички дисциплини, каде што филмот останува сепак примарна категорија. Оваа година земја во фокус е Хрватска. Презентацијата на хрватската кинематографија во Холандија се состои од најновата продукција, како и некои стари филмски хитови. Селектор на филмската програма е Рада Шешиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).