Култура
Поетот Бранко Цветкоски стна носител на рускитоорден „Владимир Мајаковски“
Московската организација на Сојузот на писателите на Русија „за видни заслуги и постигнувања во развитокот на светската литература“ му го додели Орденот „Владимир Мајаковски“, едно од најпрестижните творечки признанија во Руската Федерација, на македонскиот поет Бранко Цветкоски
Ова е прв голем гест на руската литература и на руските писатели кон еден македонски поет, а со тоа и знак на почит кон македонската литература. Орденот што го носи името на големиот руски поет Владимир Мајаковски првпат е востановен во 2008 г. и се доделува „на писатели и општествени дејци кои вградиле голем придонес во развитокот на општествената и литературната мисла и кои со своето творештво постигнале значајни височини кои влијаат на националниот и на светскиот литературен процес“.Меѓу досегашните добитници на Орденот „Владимир Мајаковски“ се големите руски писатели Сергеј Михалков, Валериј Ганичев и Владимир Крупин, од редот на општествениците – Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи на Руската Федерација, а од странските писатели, меѓу другите, носител е и бугарскиот поет Љубомир Левчев, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.По овој повод Сојузот на писателите на Русија му испрати покана на македонскиот поет Бранко Цветкоски за присуство на церемонијата на свеченото врачување во Москва, што ќе се одржи на почетокот на април наредната година. Тогаш ќе биде промовиран и избор од неговата поезија на руски јазик што со наслов „Свијок“ се појави во Москва, во препев на познатиот руски поет Максим Замшев.По повод доделувањето на високото руско книжевно одликување Цветкоски, меѓу другото, изјави:„Без лажна скромност сакам да го споделам високото руско признание со сите мои македонски колеги-писатели како што секој продор на македонската книжевност во странство преку авторството од моите колеги го сметам и за свој интимен успех и над сѐ за успех на македонскиот јазик и македонската држава во кои сите ние како во единствена духовна матица остануваме да траеме низ времето.Орденот што го носи името на Мајаковски е голем гест кон моето поетско творештво и кон творбените можности на македонскиот книжевен-културен и национален код. Се радувам и со нетрпение ја очекувам пролетната церемонија во Москва, а на Сојузот на руските писатели и неговата московска организација им искажувам голема благодарност“.Бранко Цветкоски, како што е познато, е еден од најафирмираните македонски поети. Добитник е на македонските книжевни награди „Млад Борец“, „Браќа Миладиновци“, „Григор Прличев“, „Димитар Митрев“ и „Свети Климен Охридски“, како и на меѓународните награди и признанија – „Христо Ботев“ (бугарска меѓународната награда за творечки опус), „Наџи Нааман“ (либанска меѓународна книжевна награда за поетски опус од европски автор), „Орфеева лира“, (награда на истоимената Европска академија за култура од Р. Бугарија), „Шахмар Апхерзаде“ (меѓународна литературна награда на Азербејџан) и Европскиот орден на Обединетите Нации, за заслуги во културата и уметноста, Женава, 2009.Тој е автор на дваесетина книги поезија, литературна критика и есеистика, и на над триесетина книги со преводи од словенските јазици. Осумнаесет одделни книги или избори од поезијата на Цветкоски се објавени на азерски, англиски, албански, арапски, бугарски, грчки, турки, српски, романски, руски, украински, монголски, полски и на есперанто.Цветкоски учествувал на книжевни фестивали, книжевни средби и на собири на интелектуалци во: Бугарија, Турција, Грција, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Германија, Италија, Романија, Молдoва, Русија, Полска, Кина, Црна Гора, Словачка, Чешка, Азербејџан, Украина, Египет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.