Култура
Зоран Попоски на меѓународна групна изложба во САД
Македонскиот визуелен уметник Зоран Попоски учествува на меѓународната колективна изложба „ЈАС: Преглед на современиот автопортрет“ во галеријата Шепард Фајн Артс Галери на Универзитетот Невада во Рино, Невада, САД, која се отвора на 18 јануари 2011 година. Кураторка на изложбата е Марџори Векио
„Од Македонија и Грција преку Шведска и Канада до сите делови на Америка, оваа голема изложба ја истражува темата на автопортретот преку делата на шеесет и шест уметници, вклучително и една соработка. Автопортретот и натаму продоложува да биде важен и интересен бидејќи не само што нуди различни перспективи за тоа како уметниците се гледаат себеси во одредени околности, туку обезбедува и културен, политички и социјален увид во временскиот период и условите во кои е создадено уметничкото дело. Во услови на сè поголема глобализација, начинот на кој размислуваме и го одразуваме времето во кое живееме е тема што ги надминува непостојаните граници на нацијата, расата, родот, религијата, политичката припадност, возраста, класата, итн. Изложбата покажува дека хуморот, поп културата, здравјето, историјата, интелектуалните дебати, идеализмот и раскажувањето се секогаш присутни во основата на тоа како уметниците се изразуваат себеси, без оглед дали портретот го користат како редок инструмент или како редовно средство за длабинско истражување“, стои во каталогот на изложбата. Текстот за изложбата во каталогот е на Џој Гарнет и познатата американска сликарка и критичарка Мајра Шор, со предговор од Хауард Розенберг, шеф на катедрата за уметност на Универзитетот Невада во Рино. Изложбата ќе биде отворена до 18 февруари 2011 година.Зоран Попоски, роден 1974 во Скопје, магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија. Досега реализирал повеќе од 40 изложби во САД, Германија, Франција, Турција, Порторико, итн. Во своите видеа, перформанси и дигитални графики, Попоски ги истражува прашањата на идентитетот, територијата и јавниот простор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Госпоѓиците од Авињон“ на сцената на Националната опера и балет
На сцената на Националната опера и балет на 11 април со почеток во 20.00 часот ќе се изведе атрактивната балетска претстава во 9 слики „Госпоѓиците од Авињон“. Со оваа претстава започнува jубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје 2024, кое ќе има нов концепт и повеќе различни програми, меѓу кои и програмата насловена „Паралели“ во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.
Култура
Бесплатен влез за две претстави во МНТ за Светскиот ден на театарот
Македонскиот народен театар, по повод 27 Март, Светскиот ден на театарот, за љубителите на театарската сцена организира две бесплатни претстави.
Станува збор за детско-младинската претстава „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, која ќе се одигра на малата сцена на 30 март во 12 часот, и изведбата на претставата „Бесачи“, во режија на Јавор Грдев, која ќе биде со вечерна изведба на 6 април со почеток во 20 часот.
Гратис билетите ќе се подигнуваат пред почетокот на изведбите.
ПР-текст
Култура
Промоција на стихозбирката „Песнило“ од Ива Петреска
Дебитантската стихозбирка „Песнило“ од младата поетеса Ива Петреска ќе биде промовирана в среда, 27 март, со почеток од 20 часот во „Кафе лаб“ („Лабораториум“) во Скопје. Збирката низ разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска, а настанот ќе биде збогатен и со изложба на фотографии од Колевски.
„’Песнило’ пее за сите нешта што се чувствуваат на кожата, што ежат, што горат, што оставаат лузни, а потем сече, слој по слој, со прецизен и остар јазик како скалпел соголувајќи го гнилото во нас и во општеството за накрај в раце да го држи нашето срце и од нас зависи дали ќе ни заврши во тегла“, вели Јулијана Величковска.
„’Песнило’ ќе ви ги отвори очите, ќе ве разбесни, ќе ве насмее, ќе ве налути, ќе ве праша дали сте здрави и ќе ве прекори. Ова е стихозбирка што беснее меѓу двете корици, а ако има беснило, Ива Петреска ќе ја излечи со своето песнило“, рече Андреј Медиќ-Лазаревски.
„Ете така, само понекогаш, ќе се појави млад женски глас што патува низ времето, и постои отсекогаш до којзнае кога, ако не и засекогаш. Ива Петреска со својот младешки импулс и глас им ја дава живоста и бојата на нештата од кои е составен товарот на животот. ‘Песнило’ е анатомија на суштественото; песните се хируршки прецизни резови преку кои се прави пристап до телесното и духовното, од каде излегуваат звучно и тактилно, со сета своја силина, љубовта, презирот, молкот на едниот и крикот на другиот, болката на местото на љубење, сето тоа длабоко од внатрешноста на срцето, директно од местото на допирот, однатре истекува сета зачуденост од неправди и лаги, сета растргнатост помеѓу грижата за другиот и гневот кон него, сета храброст одново и повторно да љуби. „Песнило“ е сите прашања, сите повици да се разбуди другиот, да се биде буден, да се гледа, да се држи погледот вперен во убавината, во апсурдот, во животот, да се биде една од жените што трчаат со волците, да се биде дива, а не сива“, вели Д. А. Лори.
Ива Петреска (2001, Скопје) студира на Медицинскиот факултет во Скопје. Учествувала на повеќе поетски читања, како што се: „Поетска епизода“ и „Клинци“, во организација на „Култура бета“,„Отскочна штица“, настан за млади во рамките на Скопскиот поетски фестивал, „Добри гости“, и др., а неколку нејзини песни се објавени во „Репер“. Застапена е во „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ (2023, ПНВ Публикации). „Песнило“ е нејзина прва стихозбирка.