Култура
Изложба за културниот идентитет на Скопје
Во четврок (27-ми јануари) во 20 часот во Музеј на град Скопје, ќе биде отворена изложбата „Културниот идентитет на градот Скопје од 1945 г. до 70-те години од 20-от век“ на авторите вишите кустоси Славица Христова и Татјана Ѓорѓиовска, а изложбата ќе ја отвори проф д-р Владо Ѓоргиев
На изложбата ќе биде претставен развој на Скопје по Втората светска војна до крајот на 70-тите години, преку сегменти од секојдневниот и културниот живот на градот. Со оваа тема која се занимава со современото живеење и облици на градот, во Музејот на град Скопје се продолжува концептот на современи етнолошки истражувањa. Преку изложените предмети и фотографии ќе се допре до многуслојноста на овој период, а истражувањата ќе продолжат и натаму. Во рецензијата за изложбата, проф. д-р Анета Светиева, меѓу другото, ќе забележи дека првпат Скопје имал можност за сопствен економски развој. „Клучен фактор на новиот развој била реал-социјалистичката идеологија за создавање индустрија и работничка класа како водечка сила на новото општество. Со тек на време ваквата политика предизвикала промена во структурата на населението на градот и поширокото гравитационо подрачје. Доселените “нови граѓани“ го започнувале својот градски живот во подобрени работни, стабени, здравствени и културни услови. Постепено се зголемувал и животниот стандард. Паралелно со изградбата на новите социјалистички општествени односи се уривало старото општество со неговите вредносни системи, а на нивно место се создавале нови општествени односи кои не секогаш биле компатибилни со традициските, особено во поглед на родовите прашања, семејните вредности и културата на домувањето. Сепак, нешто од старото традициско живеење на градот успеало да се одржи како наследство од затекнатите скопски граѓани кои и натаму ги негувале своите навики во поглед на маалскиот и соседскиот живот, старите културни потреби од театар, игранки, кино, музика, познатите кафани во центарот на градот со традициска кафеанска атмосфера и разни други кафеани карактеристични за маалата со кафеанска музика, шкембе чорба и нивните верни гости. Овие градски вредности биле „магнет“ за новите скопски граѓани и мотив тие што побргу да се навлезат во ткивото на старото градско општество“, се влеи во рецензијата на проф. Светиева.Натаму таа ќе забележи дека забрзаниот развој на Скопје бил прекинат од природната катастрофа, земјотресот на 26 јули 1963 г. „Покрај големите човечки и материјални жртви, градот го изгубил дотогашниот стил на старо градско живеење. Неговиот развој добил нов тек, со проширување на неговите просторни граници и демографскиот прилив со прогласувањето на Скопје во “отворен град“. Масовната изградба потпомогната од целиот свет, во потполност го променила физичкиот лик на градот што понатаму влијаело и врз промените во духовната сфера. Во новиот стил на градско живеење сè повеќе доминирале новите навики на постарите и поновите градски доселеници, како и културните влијанија од запад што се промовирале преку старите и новите масовни медиуми – филмот, списанијата, радиото и телевизијата“, пишува д-р Анета Светиева. Како што ќе забележи во продолжение рецензентот на изложбата „Културниот идентитет на градот Скопје од 1945 г. до 70-те години од 20-от век“, од средината на седумдесеттите години, во СФР Југославија започнал процес на слабеење на централната власт, како резултат на желбата на федералните единици – републиките и покраините, за поголема самостојност во сите сфери на општествениот живот. Истовремено биле евидентни и почетоците на економската криза. Заради мир во државата, населението не било навремено известено за промените во економијата и потребата од поголема претпазливост во трошењето. Стекнатите навики на живеење продолжувале со трошење и живеење на кредити. Исто така, заради социјален мир во државата, владата ширум ги отворила „вратите“ за излез надвор во потрага по работа и егзистенција. Сè поголем број луѓе трнале на „привремена“ работа во странство. Синтагмата „привремена работа“ требало да асоцира дека државата не се откажала од оние што заминале и дека очекува тие пак да се вратат со одредена заработка. Меѓутоа, голем број од тие „привремени“ заминувања преминале во трајни. Заедно со другите федерални единици на државата, оваа судбина ја делела и СР Македонија, а во таа смисла и градот Скопје. Ако се погледне развојот и квалитетот на животот во Скопје од оваа позиција, може да се констатира дека во дваесеттиот век покажал голема виталност пред сè заради фактот што бил главен град на нашата држава, центар на сите случувања во општествениот живот и магнет за сите оние кои сонувале за подобар живот. Шансите биле поголеми во Скопје, отколку во било кој друг град во внатрешноста. Конгломератот на население кое се слеало во Скопје од сите краишта на Македонија во етничка смисла, преку бројни културни процеси го создавало градскиот идентитет кој денес го препознаваме во сите сфери на градскиот живот. Клучни фактори во овие културно-историски процеси биле многу истакнати поединци од разни профили, кои ќе останат во сеќавањата на многу генерации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.