Култура
Нова книга од Марија Тодорова
Издавачката куќа за деца и млади „Вермилион“ ја објави студијата „Литературата за деца и културната разноликост“ од м-р Марија Тодорова, како прв наслов во рамки на едицијата „Теорија“ посветена на промовирање на истражувачките трудови во областа на литературата за деца
„Литературата за деца и културната разноликост“ истражува дали и во колкава мерка глобалните трендови во сферата на литературата за деца, кога станува збор за еднаквоста и почитувањето на разликите, се транспонирани во современите книги за деца во Република Македонија. За таа цел се разгледани повеќе од 20 дела од современи автори за деца и млади, кои се напишани во последната деценија или се дел од задолжителната лектира, со посебен фокус врз прашањето колку тие дела преку своите ликови, заплет и јазик се борат против предрасудите и стереотипите, или ги зацврстуваат. Во книгата акцентот е ставен врз практични начини и препораки наменети како за авторите, така и за наставниците, родителите, издавачите и креаторите на политики, сè со цел да се создаде културна политика која ќе поттикнува прифаќање на различноста и почит кон другоста, а кај децата да се создаде свест за предрасудите и стереотипите, во комбинација со критички и аналитички алатки кои ќе ја намалат веројатноста за прифаќање на свесно или несвесно изнесените предрасуди од страна на авторот.„Литературата за деца и културната разноликост” на Марија Тодорова претставува сериозна студија за влијанието на уметноста, во случајот литературата, врз формирањето и развивањето на културни вредности што во својата основа ја содржат матрицата за почитувањето и размената на различните култури. Особеноста на ваквиот интелектуален потфат се содржи во идејата овој тип на анализа да се примени на полето на детската литература што е, без сомнение, она подрачје на уметничката креација во кое се содржи потенцијалот, но и одговорноста за воспитување на подмладокот во духот на отворен дијалог помеѓу културите“, истакнува во својата рецензија за книгата проф. д-р Антоанела Петковска.Проф. д-р Венко Андоновски во својот осврт кон книгата вели: „Резултатите од ова истражување се превентивни и предупредувачки за нас како мултикултурна средина… Студијата јасно ги покажува ’шавовите’ на кои може да се распука македонската мултиетничка култура, затоа што ги покажува сите видови на сегрегација и културно потценување, кои се резултат на културните стереотипи за другиот. Книгата е сума на нашите културни стереотипи и несомнена дијагноза која опоменува и бара ургентна културна акција за уривање на предрасудите.“„Станува збор за исклучителен труд кој се обраќа не само до специјалистите за овие прашања, туку и до пошироката јавност заинтересирана за креирањето на култура на мир преку литературата за деца“, потенцира проф. д-р Лидија Георгиева.Марија Тодорова е проучувач и преведувач на литература за деца и млади. Добитник е на наградите „Златно перо“ во 2007 г. и наградата за најдобар превод на Зимскиот саем во 2008 г. Во моментов е докторанд на Институтот за одбранбени и мировни студии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).
Култура
Филмот на Цветановски со награда за најдобар филм во Калифорнија
„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД.
Фестивалот којшто се одржа од 10 до 14 април, во своето 22-годишно постоење се залага за промоција на храбри филмови кои обработуваат општествени предизвици, но и говорат за смелоста на човековиот дух.
Цветановски го радува тоа што филмот по вторпат e наградeн во САД, откако минатиот месец беше прогласен за највпечатлив филм на 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“ во Аризона.
„Калифорнија е центар на американската филмска индустрија, и секако дека како автор сум горд што добивме награда овде, и тоа во конкуренција со американски филмови со многу поголеми буџети. Едвај чекам да завршиме со оваа светска фестивалска турнеја и во септември да го презентираме пред нашата публика. Очекувам филмот да отвори теми за дискусија на повеќе нивоа, но пред се‘ сакам да го продолжиме трендот од последниве години, во кој на домашните гледачи им се враќа довербата и желбата да гледаат македонски филмови“, рече Цветановски.
„Бизнисот на задоволството“ досега доби осум награди на филмските фестивали низ светот, од кои пет се за најдобар долгометражен филм.
Филмот ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.