Култура
„Отвори го градот“ во НВО Колектив
Во сабота (12-ти март), во 18 – 21 часот во поранешен Културен центар „ЦК” (булевар Илинден 38), сегашно седиште на НВО Креактив, во организација на press to exit project space ќе се случи настанот „Отвори го градот“ (Open (the) city)
Станува збор за настан кој е дел од интернационалниот проект „Архипелаго балкани“, куриран од Клаудија Занфи (директорка на aMAZElab од Милано) кој се стреми да го идентификува градот како „отворен простор, место на размена и средба, на слобода и правичност, крстопат на култури во кој индивидуата може да стане граѓанин“.Во овој проект press to exit project space е еден од партнерите заедно со Музејот на современа уметност од Сараево и Институтот за современа уметност од Тирана. Вечерта ќе започне со промоција на публикацијата „Најнекомплетна архива” од архитектонското здружение Прва Архи Бригада која е најновото публицистичко издание на press to exit во рамките на програмата „Нови проектни продукции од македонски автори”. Публикацијата ќе ја претстави Јане Чаловски заедно со членовите на Прва Архи Бригада. Во контекст на промоцијата ќе биде организирана и неформална трибина на која поканети гости, како и публиката, ќе имаат можност за отворен разговор во кој акцент ќе биде ставен на градот како простор за критичко делување. Во дискусијата ќе земат учество поединци и организации од независната културна сцена во Скопје a обраќање ќе има и Клаудија Занфи која на публиката ќе и го претстави концептот на проектот „Архипелаго балкани“.Вечерта ќе биде заокруженаи со отворање на изложбата постери создадени од 40 уметници и теоретичари од Балканот и од други делови на светот. Првпат изложени во Модена (9 октомври 2010 г.), постерите се дела на уметниците Марина Абрамовиќ, Томас Хиршхорн, Раша Тодосијевиќ – Маринела Кожељ, Тадеј Погачар, Адријан Пачи, Срџан Јовановиќ – Вајс, Павел Браила, Билјана Ѓурѓевиќ, Жанета Вангели, Христина Иваноска, Јане Чаловски, Оливер Мусовиќ, Билјана Стефановска, групата „Елементи“ (Билјана Исијанин и Љупчо Исијанин) и други. По изложбата во Скопје, постерите ќе бидат претставени во Сараево (Музеј на современа уметност), Тирана (Институтот за современа уметност) и во Прага и Берлин (ТИНА Б и Интернационален уметнички фестивал „Exchange Radical Moments“).„Градот Скопје во последно време стана предмет на континуирана дискусија која во најголем дел е спроведена од македонските интелектуалци фасцинирани од неразбирливиот план за урбана ревитализација на Скопје, наречен „Скопје 2014“. Овој план, создаден во најголем дел да ја задоволи политичката агенда и амбициите на актуелната македонска влада, создаде особен контекст за дискутирање на улогата на архитектурата во општеството како и за улогата на современите културни активисти во искажувањето на мислење и дефинирањето на критички дискурс. Политичката важност на оваа идеолошка конфронтација е исто така важна бидејќи таа произведе нова политичка енергија и гласови, но исто така ја покажа и, на многу очигледен и болен начин, поделбата која постои меѓу независниот културен сектор и државата“, вели Јане Чаловски во текстот „ Open (the) City: the reason for alternative possibilities”.„Најнекомплетнa Архива“ е публикација која функционира како читанка за работата на Прва Архи Бригада, основана во 2009 г. Нивната активност е водена од потребата да искажат проактивна улога во креирањето на рецентната архитектонска реалност.Како генерација на идни архитекти во Македонија, тие станаа едни од најпрецизните критичари на новиот урбанистички план „Скопје 2014“ кој има за цел да го редизајнира градскиот плоштад со неокласични архитектонски елементи кои се наоѓаат во спротивност со славниот план на Кензо Танге, креиран во шеесетите години на минатиот век.Содржината претставена во оваа публикација укажува на историскиот но и сегашниот општествен контекст кој овозможува активностите на Прва Архи Бригада да се гледаат како критички, без да бидат попречени од нивните емоции или носталгија.Публикацијата е уредена од press to exit project space – платформа за кураторски и уметнички истражувачки практики и е продуцирана во рамките на проектот „Архипелаго балкани“, инициран од Клаудија Занфи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).