Култура
„Црвенкапа” – претстава за хармонијата каква што ја сакаат децата
Велат дека кога работиш за деца е најтешко, бидејќи има најголема одговорност, но и најголемо задоволство, оти треба да создадеш нешто за да ја задржиш нивната љубопитност, а нивните искрени срценца ќе ги разиграш
Велат дека кога работиш за деца е најтешко, бидејќи има најголема одговорност, но и најголемо задоволство, оти треба да создадеш нешто за да ја задржиш нивната љубопитност, а нивните искрени срценца ќе ги разиграш, развеселиш и со нежност на лебедов пердув ќе ги помилуваш, оти, впрочем, такви ни се најмладите. А тие, таа убава, мила детска публика станува дел од играта, во случајот од претставата, бидејќи преку интерактивниот однос со нив тие се внесуваат во светот на бајките и приказните.Сакам да кажам дека таква претстава, весела и певлива преку музиката и сонговите на Миодраг Нечак, преку професионалната актерска игра на актерите: Викторија Степановска, која ја игра Црвенкапа; Филип Мирчевски, кој го игра Волкот; па Валентина Грамосли, која ја игра и Мајката и Дабарчето, па Јулијана Мирчевска која го игра Лебедот, Огнен Дранговски како Ловецот и Јулијана Стефанова која ја игра Бабата, Детскиот театар „Петар Стојковски-Бабец” ги допре детските наивни душички.А во длабочината на густата шума (сценографија на Горан Спасевски), итро се сокриени големите вистини за храброста, кукавичлукот, доблестите и недостатоците. Со многу разиграност и хумор, без клише, со многу оригинално и впечатливо играње, „Црвенкапа” ја разви желбата да се биде дел или непосреден учесник во целата таа авантура.„Црвенкапа” навистина ги погали топлите детски срценца кои радосно и со онаа детска љубопитност ги гледаа актерите како ја играа претставата ја играа бајката на браќата Грим, барајќи го добриот и хармоничен однос меѓу луѓето којшто стрпливо и по правила (детската игра) се гради како во животот, така и во бајките.Верувајте, најверојатно воопшто не и’ беше лесно на целата екипа која ја создаваше претставата, да се спротистави на искушението кога станува збор за детска претстава.Тоа е така, затоа што постојано треба да се внимава на најмладата публика како ќе ја разбере претставата во нивните мали главчиња, како ќе ја пренесе и прераскаже, како ќе се соживее со неа и како малите, а големи срценца ќе ја стоплат атмосферата. И затоа е дотолку потешко да се работи врз детска претстава, затоа што не смее да се дозволи децата да не ја сфатат претставата, туку напротив, треба да се внесе силна колективна енергија, за да со радост се внесат во таа театарска игра. Што, пак, на најдобар начин ни го опишува духот на малиот гледач.Исто така, треба да се каже дека „Црвенкапа” е брза и динамична претстава, како што е и детската игра, која (се одигра во саботата на 30-ти април, годинава, на големата сцена на Центарот за култура), ја исполни салата со детското исчекување на малата Црвенката дали ќе стигне до нејзината бабичка, дали ловецот ќе ја спаси Црвенката од лошиот и итар волк, и дали сите учесници во бајката ќе живеат среќно, безгрижно и весело.Од друга страна, пак, претставата „Црвенкапа”, ни сведочи и за тоа дека поставувањето на бајките како театарски проекти за деца, добро влијаат врз развојот на детето, како единка во еден колектив, што, се разбира, е клучниот предуслов во вештината на актерите кои треба да ја одиграат таквата претстава. Затоа, слободно може да се каже дека, професионалните актери на Народниот театар од Битола, Валентина Грамосли, Викторија Степановска, Јулијана Мирчевска, Филип Мирчевски, Јулијана Стефанова и Огнен Дранговски, внесуваат една своја посебност, која преку основните правила на драматургијата за детски театар, ни дава посебна атмосфера кај најмладите, на кои им се внесува љубов кон театарот, токму преку раскажаната и одиграната бајка “Црвенкапа”.Досега не сум пишувал за детски претстави, но фактот дека на „Црвенкапа” треба да и’ се пристапи со онаа посебна, би рекол, детска драматургија, за да ја доловиш приказната што поблиску до малите гледачи, ме натера да ја погледам и да кажам дека сите анализи од драматуршки аспект, покажуваат едно нејзино достигнување, оти, како што и реков претходно, тешко е да се работи со деца и за деца, тие се најдобрите критичари, тие не умеат да мамат, оти кога нешто им се допаѓа умеат да го наградат, а кога не им се допаѓа, умеат да го казнат со напуштање на салата. Во овој случај не беше така, што пак зборува дека „Црвенкапа” е успешно направена и на 30-ти април годианва одиграна претстава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.