Култура
Светска галерија на уметноста на хартија- Карикатура 2011 ќе се отвори утре
Свеченото отворање на 39. Светска галерија на уметноста на хартија- Карикатура 2011, ќе се одржи утревечер со почеток во 20.20 часот во галеријата „Остен“.
Свеченото отворање на 39. Светска галерија на уметноста на хартија- Карикатура 2011, ќе се одржи утревечер со почеток во 20.20 часот во галеријата „Остен“. Годинава пристигнаа 880 карикатури од 65 земји во светот, а 400 карикатуристи земаа учество на оваа важна манифестација на „Остен“ како една од најстарите и најголемите од овој вид. Специјалните награди ги добија десет други карикатуристи. Жирирањето беше електронски, а делата кои ќе бидат поставени се селектирани од Мирослав Георгиевски.Првата награда за карикатура ја освои Цочо Пеев од Бугарија, првата награда за сатиричен цртеж Макмудјон Ешонкулов од Узбекестан и првата награда за стрип Хамидреза Мосајеби од Иран. „Дека Светската галерија на карикатури е навистина бренд, не говорат само овие бројки туку и квалитетот на пристигнатите дела. За реномираноста и етаблираноста исто така говорат не само етаблираните туку и помладите автори. Правиме некое ребрендирање на активностите на „Остен“ во кој ќе ја вклопиме Светската галерија на карикатури, бидејќи правиме и Светска галерија на цртеж која ја делиме на Светска галерија на наградени автори, како и Биенале на учесниците од целиот свет. Се обидуваме да ги следиме и светските тенденции на она што се нарекува авангарда во уметноста, па се обидуваме да вклопиме уште една манифестација ’Дигитално биенале’ каде со неколку центри Истанбул, Берлин и Њујорк паралелно и Скопје би бил домаќин на таа манифестација со истовремено отворање на тие четири центри, “ изјави Мице Јанкуловски, директор на „Остен“„Карикатурата во Македонија е во подем. Еден период имаше застој кога духовните вредности отидоа во втор план за разлика од материјалните. Луѓето престанаа да се бават со духовното во себе. Во светот глупоста опстојува, но има и луѓе кои преку карикатурата можат да се борат против глупоста и моќта на моќниците. Сепак постои надеж дека работите не се изгубени,“ изјави македонскиот карикатурист на годината Драган Поповски кој ќе ја отвори изложбата утревечер. крај/сж
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.