Култура
Поетска претстава „Копнеж по целина“ во МНТ
Во Македонскиот народен театар денес беше најавена премиерата на поетската претстава „Копнеж по целина“, работена според поезијата на Матеја Матевски.
Во Македонскиот народен театар денес беше најавена премиерата на поетската претстава „Копнеж по целина“, работена според поезијата на Матеја Матевски.„Имаме една исклучително интересна приказна која ја започнавме во МНТ. Еден исклучителен автор, кој во македонскиот збор остави длабока трага, и поет кој годинава ќе ја понесе наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, мислевме дека конечно треба да му се направи чест во МНТ. Не само да се направи рецитал, туку неговите стихови да бидат преточени во театарска претстава“, изјави Дејан Лилиќ, директор на МНТ.На денешната прес-конференција присуствуваше и академик Матеја Матевски, кој го изрази своето задоволство што токму со негови стихови се враќа поетската реч на сцената на МНТ.„Драго ми е што се среќаваме по еден убав повод. Идејата да се почне со реализацијата на театар на поезијата е многу значајна и на сите нас, кои се занимаваме со театарот и со литературата, ни е многу важно и овој аспект на книжевноста да се претстави пред македонскиот гледач. Поетскиот театар има своја традиција во европскиот и светскиот театар, тој е суштествен за животот на сцената, но едновремено, творците на претставата и нејзините инспиратори ги става пред сериозни дилеми, пред сериозни искушенија како говорот на поезијата да се преточи во сценски израз, во сценска игра. Искуствата во театарот се големи во сценската адаптација и претставување на романот, на расказот, на легендите и митовите, кои што имаат своја приказна, свој настан околу кој се движи дејствието и кој говори за односите меѓу луѓето, средината и времето, и сето тоа актерот заедно со режисерот треба да го овозможат“.„Со поезијата состојбата е потешка, бидејќи во неа најчесто нема приказна, нема дејствие, таа почива врз лирското и метафизичкото доживување на нештата од страна на самиот поет, и според тоа, таа за гледачот може да делува апстрактно, херметично, нејасно, а со самото тоа и недостапно. За разлика од едно интимно или камерно читање на стиховите во тишина, во театарската претстава поезијата треба да стане живо изговорен збор, соопштен, сугериран и одигран, што и режисерот и актерот и драматургот и сите што го создаваат театарот треба да ги совладуваат“.„Почестен сум што колегите од МНТ во нивната благородна идеја и ориентација во континуитет да претставуваат наши автори се определија за моето творештво и во очекување сум на крајниот резултат, како, колку и што е прочитано од она што јас сум го пишувал“, изјави академик Матеја Матевски.Изборот на стиховите го направи режисерот на претставата Ристо Алексовски.„Да се прави драма базирана на поезијата на Матеја Матевски е привилегија за секој режисер, но во исто време е можност за толкување на целата длабочина на неговите стихови. Тоа што со моите колеги се обидовме да го направиме е да најдеме еден сублимат на творештвото на академик Матеја Матевски. Целата претстава ја базиравме врз копнежот за слобода, за игра. Во процесот на работа дојдовме до театарската формулација дека поезијата на Матеја Матевски е исклучително блиска до она што ние го правиме во театарот, со тоа што се стремиме кон една повисока категорија, еден своевиден шаманизам“, потенцираше Ристо Алексовски.Во МНТ планираат да реализираат три претстави кои ќе бидат базирани на поезија. Со проектот „Made in Macedonia“, покрај поезијата на Матеја Матевски, ќе бидат опфатени и претстави според поезијата на Блаже Конески и Влада Урошевиќ.Во претставата „Копнеж по целина“ учествуваат актерите Катина Иванова, Арна Шијак, Борче Начев, Гораст Цветковски, Магдалена Ризова-Черних и Игор Георгиев.„Радосна сум што учествувам во претставата затоа што македонската поезија заслужува да има свое место во нашите театри, заслужува да биде кажана, заслужува да се размислува за неа. Мислам дека направивме се тие прекрасни зборови и метафори и прекрасниот свет на Матеја Матевски, кој што не е така лесен за дофаќање, и не е така лесен за спојување со сцената, да допрат до публиката“, изјави актерката Катина Иванова.Актерите за канализатори на визијата за поезијата на Матеја Матевски и секој од нив на свој начин стигнал до суштината на зборовите на Матеја Матевски.„Поезијата е мојата прва друшка откако ги научив буквите во мојот живот, и за големо чудо ова е моето прво театарско искуство каде што имам можност да се дружам со неа, да ја отсонувам во рамките на туѓиот сон, а со сопствените средства. Се надевам дека се она што поезијата го кажува и го премолчува, ние сме успеале да ги извлечеме сите нитки, и тоа гласно, тивко и моќно да го артикулираме. Чест ми е што тоа беше речта на академик Матеја Матевски, и што тоа беше дарбата на сите мои колеги и чест ми е што тоа ќе го прикажеме пред македонската јавност“, нагласи Арна Шијак.„Задоволство е да се биде со оваа екипа, со оваа форма и со јазикот на поезијата на Матеја Матевски, бидејќи беше голем предизвик за мене. Мислам дека направивме една театарска претстава и создаваме вид на театар со нов вид на јазик“, изјави актерот Игор Георгиев.„Не сум љубител на поезија, и прилично се мачев додека да го научам текстот. Ова е мачен процес затоа што од нешто што има логика, што некој го напишал, ние треба да извадиме една целина и тоа да има прозна вредност, да може да се гледа и да се извади неговиот поттекст. Крајниот продукт ќе покаже дали добро сме го прочитале Матеја, дали воопшто сме го прочитале Матеја, затоа што има повеќе релации, релација меѓу режисерот и Матеја, потоа има релација меѓу режисерот и актерите, потоа и ние со текстот и поезијата на Матеја. Крајниот резултат ќе се види на сцената“, рече актерот Гораст Цветковски.Претставата на МНТ се реализира во соработка со „Скопско лето“.„Сметаме дека граѓаните на Скопје имаат право на интелектуален живот и во летниот период“, во најава на поголема и пообемна соработка меѓу „Скопско лето“ и Македонскиот народен театар“, нагласи Мирко Стефановски.Уметничкиот директор на МНТ, Дејан Пројковски, го нагласи значењето на целиот проект. „Проектот „Made in Macedonia“ е дел од новиот концепт на МНТ за воведување на класичен „железен“ репертоар, меѓутоа она што е најважно е што се обидуваме да се најде современ сценски израз кој што ќе комуницира со гледачите. Проектот ќе ја воведе македонската современа класика на театарската сцена. Овој проект решивме да го посветиме на македонскиот јазик, на нашиот идентитет и култура. Ансамблот ќе има можност да создава еден специфичен сценски јазик, бидејќи она што е многу важно за актерската екипа е да може да истражува и да се обидува да излегува од стандардите и клишеата на кои понекогаш сите во театарот им робуваме. Многу сум среќен што академик Матеја Матевски е со нас и што е дел од овој процес. Сметаме дека ова е претстава која ќе ја најде својата театарска публика, бидејќи реакциите веќе се одлични уште во текот на подготовката на претставата“, објасни Пројковски.Претставата има специфичен сценски простор, и ќе се игра на малата сцена во МНТ.„Важно е и треба да се потенцира дека претставата нема за задача да го претстави поетскиот опус на академик Матеја Матевски, туку идејата е да продуцираме претстава која е испровоцирана од неговата поезија. Многу поважно е чувството што го испровоцирале стиховите на Матеја Матевски. Значи не станува збор за поетски театар, кој означува читање на сцена, туку за создавање претстава која е базирана на поетски стихови, во случајот со поезијата на Матеја Матевски“, нагласи Пројковски.Драматург на проектот е Јелена Лужина, сценографијата и костимографијата се на Мери Георгиевска, музиката на Горан Трајкоски, изборот на стиховите го направи режисерот Ристо Алексовски. Инспициент е Перо Стратров, лектурата е на Цветанка Недановска, додека извршен продуцент на проектот е Виктор Рубен.Претпремиера на „Копнеж по целина“ е во недела на 17 јули, додека премиера е следниот ден, во понеделник, на 18 јули во МНТ, Театар Центар во 21 часот./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).