Култура
Свечен карактер на 50-тите Струшки вечери на поезијата
Отворањето на 50-тото издание на Струшките вечери на поезијата ќе биде обележено со настап на шест досегашни добитници на „Златен венец на поезијата“.
Отворањето на 50-тото издание на Струшките вечери на поезијата ќе биде обележено со настап на шест досегашни добитници на „Златен венец на поезијата“. На тој начин достојно ќе започне јубилејното издание на најстарата поетска манифестација кај нас.
„Годинава прославуваме голем јубилеј и се навраќаме на сите успеси на оваа манифестација која не само што ја претстави македонската поезија пред светот, туку и ја афирмираше целата наша култура и феноменот на нашата земја во современиот свет, а ги обедини и сите гиганти на современата светска литература, најблескавите поетски имиња кои ја обележаа втората половина на 20. век и првата деценија на 21. век. Затоа, златниот јубилеј на Струшките вечери на поезијата ќе содржи низа настани и ќе биде збогатен со присуството на шест досегашни добитници на Златен венец на поезијата“, изјави Елизабета Канческа – Милевска, министер за култура, на денешната прес-конференција што се одржа во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Потврдено е учеството на Ференц Јухас (добитник на Златен венец на СВП во 1992 година) од Унгарија, Нанси Морехон (2006) од Куба, Хусто Хорхе Падрон (1990) од Шпанија, Васко Граса Маура (2004) од Португалија, Фатос Арапи (2008) од Албанија и Љубомир Левчев (2010) од Бугарија.
Годинашен добитник на „Златен венец на поезијата“, како што веќе е познато, е македонскиот поет, академик Матеја Матевски, кој заедно со досегашните добитници на престижната поетска награда ќе настапи на свеченото отворање на СВП 2011.
Покрај поезијата на седумте лауреати, на отворањето ќе биде читана и поезија на четворица добитници на Златен венец кои се добитници и на Нобеловата награда за литература, а тоа се Пабло Неруда, Јосиф Бродски, Еугенио Монтале и Шејмас Хини.
На Струшките вечери на поезијата поканети се повеќе од 130 поети од странство и 80 поети од Македонија. Во Струга ќе дојдат поети од пет континенти од 70 држави. Покрај европските држави ќе има претставници од егзотични земји, како Хаити, Зимбабве, Индонезија, Конго, Колумбија, Либан, Монголија, Мароко, Бахреин.
Покрај поетите, годинава во Струга е најавено доаѓањето на Ирина Бокова, генерален секретар на УНЕСКО, под чие покровителство се одржува СВП.
Свеченото отворање на СВП ќе се одржи на 25 август на Мостот на поезијата. Песната „Т’га за југ“ ќе биде изведена во интерпретација на македонскиот тенор со светски глас – Благој Нацески. Композицијата за симфониски оркестар кој ќе ја следи песната ја подготви композиторот Димитрие Бужаровски. За разлика од претходните години, отворањето на СВП се одржува на отворено, за што се подготвува посебна сценографија која ќе го потенцира свечениот карактер на настанот.
„Најзначајната поетска манифестација кај нас ќе биде обележена и со повеќе изданија во прилог на јубилејот. Покрај монографското издание за годинашниот добитник Матеја Матевски, ќе биде објавена луксузна монографија „50 години СВП“. Изданието ќе биде на македонски јазик, а по завршувањето на СВП ќе биде објавено издание и на англиски јазик со страници посветени на јубилејните 50-ти СВП. Ќе биде промовирано и француското издание „Златна книга за Струга“, кое се појавува по иницијатива на издавач од Париз, ќе бидат промовирани и книга за Хју Одн, збирка со современа македонска поезија, како и збирка со стихови од автори од пет континенти“, објасни Данило Коцевски, директор на СВП.
„На отворањето на манифестацијата со посебна свеченост ќе биде промовирана целосно реновираната спомен-куќа на браќата Миладиновци, а во чест на јубилејот 150 години од објавувањето на Зборникот на Миладиновци – златната книга на нашата преродба. Во обновената куќа заедно ќе делуваат Музејот на Струга и Струшките вечери на поезијата. Покрај постојаната поставка за Браќата Миладиновци во обновената куќа ќе бидат изложени најрепрезентативните делови на мозаик од ранохристијанска базилика откриен на локалитет во селото Октиси“, нагласи министерката за култура.
Во паркот на поезијата ќе биде поставена биста на поетот Гане Тодоровски, додека посебно изработена плоча која ќе го означува Мостот на поезијата. Во текот на манифестацијата ќе биде објавена пригодна поштенска марка и ќе биде промовирано виното „Златен венец“.
Во програмскиот дел на СВП предвидени се омажи за Блаже Конески, со повод 90 години од неговото раѓање, за Анте Поповски, со повод 80 години од неговото раѓање, и за неодамна починатиот кинески поет Лу Јуан, кој беше добитник на „Златен венец на СВП“ во 1998 година.
„Вечерта на Национална поезија ќе биде посветена на македонските поети, додека за прв пат добитникот на најзначајната македонска поетска награда „Браќа Миладиновци“ ќе биде објавен на прес-конференција во текот на одржувањето на СВП 2011“, потенцираше Славе Ѓорѓо Димоски, претседател на Управниот одбор на СВП.
Традиционалниот симпозиум ќе се одржи на тема „Може ли убавината да го спаси светот?“ во воведен збор на рускиот академик Игор Волгин.
Струшките вечери на поезијата се одржуваат под покровителство на УНЕСКО и на Владата на РМ.
Јубилејното издание на манифестацијата ќе се одржи од 25 до 28 август во Струга, на 29 август ќе следува поетски карван низ Македонија и на 30 август ќе завршат со поетско матине на Матка и поетска вечер во Сули-ан во Скопје./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот Регион
Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во Охрид оствари работна средба со претставниците на реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО, која е составена од членови на Центарот за светско наследство, Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата. Средбатата се одржа во Завод и Музеј – Охрид, а учество зедоа и членовите на Националниот координативен тим од нашата држава и директорката Ирена Шајн.
„Министерството за култура и Националниот координативен тим посветено работат на спроведување на препораките од УНЕСКО во делот на заштита на културното наследство. Не отстапуваме од грижата за Охридскиот Регион и зачувување на статусот на престижната листа на УНЕСКО. Уверена сум дека обединети, сите заедно, централната, локалната власт и невладиниот сектор во заедничка координација со забрзана динамика ќе продолжиме да ги исполнуваме насоките на УНЕСКО во подобрување на состојбите со реткото природно и културно наследство на нашиот регион“, потенцира Костадиновска- Стојчевска.
На средбата стана збор за актуелните состојби поврзани со заштитата на културното наследство во Охридскиот Регион, начините за надминување на предизвиците и напредокот што го има остварено државата во однос на последните препораки на УНЕСКО.
Министерката со македонските експерти ги информира членовите на реактивната мисија за сите реализирани, како и за тековните активности поврзани со препораките, како што е донесувањето на стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, изработката на правни документи, меѓу кои предлог-закон за управување со светското природно и културно наследство и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.
Беше дискутирано и за завршените активности за заштита на дрвената платформа во Заливот на коските, пристапот до заштитените културни добра, изработката на „упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот Регион – светско наследство на УНЕСКО“, со цел да им се помогне на имателите на недвижни културни добра во Охридскиот Регион да ги исполнат своите права и обврски.
Средбата беше дел од агендата на тридневната заедничка реактивна мониторинг-мисија на членовите од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) и Меѓународната унија за заштита на природата во прекуграничното светско наследство „Природно и културно наследство на Охридскиот регион“ во Република Албанија и во Северна Македонија.
Култура
Почнува 19. издание на фестивалот за современи уметности АКТО
Месецов почнува 19-тото издание на фестивалот за современи уметности АКТО и ќе се одвива во текот на целата година. Новото 19-то издание на АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали, на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат во разни градови во државата опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата. Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ и ќе биде отворен в четврток на 28 март. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.
Во центарот на Скопје, на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ пред 30-ина години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беше во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, организацијата „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски иницираа акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот.
Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата ниту, пак, во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – оние што се упатени кон (или заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака, која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.
Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници што го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а за да опстанат, тие зависат во голема мера од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста туку и пошироко во рамките на општеството во кое живееме.
АКТО 19 претставува продолжение на тематиката – „Јавните простори во движење (кон)“, преку која минатата година фестивалот презентира неколку практики, кои замислуваа ослободен простор, дури и привремено, за гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, испуштените и маргинализираните во рамките на постојната хегемонија. АКТО смета дека овие уметнички практики може повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.
Фестивалот АКТО е во организација на здружението „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ и во текот на годината во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и странство.
Култура
„Госпоѓиците од Авињон“ на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и Балет, на 11 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе атрактивната балетска претстава во 9 слики, „Госпоѓиците од Авињон“. Со оваа претстава почнува jубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“, кое ќе има нов концепт и повеќе разни програми, меѓу кои и програмата со наслов „Паралели“, во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и Балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова. Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.