Култура
Меѓународен фестивал за класична гитара „Тремоло“-П.С.„Гитар фест“
Детскиот културен центар – „Карпош“ и Град Скопје, од сабота до понеделник 11 јуни традиционално ќе го организираат меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“-П.С.„Гитар фест“.
По трет пат во Скопје и Македонија ќе се одржи и интернационален натпревар за класична гитара во сите ученички, средношколски и студентски категории.
Членови на жирито на фестивалот се светски прочуените гитаристи: Александар Хаџи Џорџевиќ – Србија, Нено Мунитиќ -Хрватста, Весна Петковиќ – Србија, Иван Андонов – Бугарија, Анте Радниќ – Хрватска, Александар Крстановски – Македонија, Владе Брзовиќ – Хрватска, Миле Каровски – Македонија, Васко Пиличев – Македонија и Дејан Лазаревски – Македонија.
За победниците се предвидени вредни награди, а за задоволство на скопската публика ќе се одржат и три солистички концерти во „Културно информативниот центар“- КИЦ, во сабота и недела, како и концерт на победниците во категории на ТРЕМОЛО 2012 во Музеј на Град Скопје во понеделник во 20 часот. Влезот за концертите е бесплатен. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба на карикатури од Фестивалот за хумор и сатира IN VINICA VERITAS во Крива Паланка
На 17 март (среда), со почеток во 12 часот, во НУ Центар за култура – Крива Паланка ќе биде отворена изложба на карикатури од Меѓународниот фестивал за хумор и сатира IN VINICA VERITAS 2023, кој го организира Домот на култура „Тошо Арсов“ – Виница.
Годинешното издание е посветено на темата „Нештата стануват возможни“, а како и секоја година конкурсот за карикатура традиционално предизвикува голем интерес кај професионалните карикатуристи од целиот свет, што се потврдува со учество на 224 автори од 46 држави и со вкупно 622 карикатури.
Жирито е составено од интернационални и домашни претставници, а годинава за најдобри се прогласени акрикатурите на Фернандо Пица од Колумбија (прво место), Кијанг Лио од Кина (2. место) и Хуан Габриел Бенавидес од Шпанија (3. место).
Фестивалот за хумор и сатира IN VINICA VERITAS од Виница прват е утврден во 1993 година, но згаснува при крајот на 90-тите години од минатиот век. Се обновува во 2009 година кога добива и меѓународен карактер и годинава слави 15-годишен јубилеј. Тој е еден од најпознатите и најинтригантни фестивали за карикатура, кој секоја година има интересна тема, што е вистински предизвик за карикатуристите од целиот свет.
IN VINICA VERITAS е поддржан од Министерството за култура, а изложбата во НУ Центар за кутура – Крива Паланка е дел од манифестацијата „Крива Паланка – град на културата 2024“.
Култура
Герасимовски: Бесплатни билети за учениците од Центар преку меморандумот за соработката со НУ Театар за деца и младинци
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски потпиша Меморандум за соработка со Националната установа „Театар за деца и младинци“ – Скопје, со кој се проширува и зајакнува соработката во полето на културата и уметноста.
Со овој Меморандум им се овозможува на децата и младите во Општина Центар, ученици во училиштата и градинките на подрачјето на Општина Центар, организирани посети на претстави реализирани од НУ Театар за деца и младинци – Скопје, користење на просториите на НУ Театар за деца и младинци – Скопје, за потребите на Општина Центар и консултации и соработка со вработените во Театарот за деца и младинци – Скопје, за потребите на децата во училиштата и градинките на територијата на Општина Центар, во областа на културата и уметноста.
Култура
„Дискретниот шарм на македонскиот филм“ треба да се преведе на англиски јазик и да ја добијат гостите на филмските фестивали, порача Ана Опачиќ на промоцијата
Во опуштена атмосфера, во придружба на џез, се одржа промоцијата на книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ од Ана Василевска во „Јавна соба“.
Книгата, која е во издание на „Македоника“, е сублимиран приказ на состојбите во нашата кинематографија од осамостојувањето на Македонија до 2021 година, односно опфаќа три децении македонска продукција.
„Можеби сме мала кинематографија и оттаму тој наслов ‘Дискретниот шарм на македонскиот филм’, но многу значајна и веќе форматирана“, рече авторката Василевска додавајќи дека книгата вклучува мемории, новинарски опсервации, перспективи на речиси триесет години, во кои развојот на филмот во самостојна Македонија се поистоветува со нејзиниот личен и професионален развој.
Промоторката на книгата, Ана Опачиќ, направи интересна паралела на книгата со Амели Пулен.
„Кога ја добив книгата и ја отворив, се почувствував како филмската херојка Амели кога ја наоѓа малата метална кутија и во неа се сите спомени. Така и јас се чувствував – како да отворив кутија во која се сите спомени на Ана, кои ги собирала сите овие години. Сега кога веќе е објавена, таа не е само на Ана, туку е книга на сите нас што ќе ја имаме во нашите библиотеки и сметам дека сите луѓе што се занимаваат со култура би требало да ја имаат во својата домашна библиотека“, рече Опачиќ.
Таа апелира „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ да биде преведена на англиски јазик, а гостите на филмските фестивали во земјата да ја добијат во рамките на настанот со цел да се запознаат со македонската кинематографиja.
Режисерот Дарјан Пејовски на промоцијата истакна дека многу филмови биле снимени во Македонија во изминатите три децении, па во време кога сме бомбардирани од информации, забораваме на тоа и токму затоа оваа книга има исклучителна важност.
Говорејќи за македонската кинематографија, Пејовски рече дека дека од 1991 до денес таа постојано лута, хистерична е и контрадикторна, но затоа бележи големи успеси, меѓу кои три номинации за „Оскар“ и учество на еминентни филмски фестивали, меѓу кои Венеција и Кан.
Ана Василевска, родена во Скопје 1975 година е новинар, филмски теоретичар, критичар. Формалното образование го стекнува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ како дипломиран филолог по македонски јазик, со општа и компаративна книжевност, а магистерските студии по филмска и телевизиска режија на Факултетот за аудиовизуелна уметност ЕСРА, Скопје. Со професионално новинарство, насочено кон културата, со посебен фокус кон филмот, се занимава од 1998 година. Автор е на стотици објави на рецензии, осврти, интервјуа, анализи и критики поврзани со филмот, пласирани во многубројни печатени и електронски медиуми. Била уредник на ревијата за филм на првото електронско списание во Македонија, „Блесок“. Селектор и модератор на ревијалната програма „Мак поинт“ на ИФФК „Браќа Манаки“ во периодот од 2016 до 2019 година. Работела и како лице задолжено за односи со јавноста на мнофубројни филмски проекти во македонска продукција. Иницирала, организирала и модерирала низа тематски трибини за македонскиот филм. Уметнички координатор е на првата манифестација за преглед на годишната филмска продукција, „Златна рамка“, денови на македонскиот филм 2019 – 2023 година. Медиуми во кои работела: Македонската телевизија, „Дневник“, „Форум“, „Макфакс“, Радио Равел, „А1 он“, „Нова ТВ-веб“ и други. „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е нејзина прва објавена книга. По промоцијата, книгата ќе биде достапна во книжарниците.