Култура
Министерството за култура незадоволно од злоупотребата на името на Тоше Проески
Министерството за култура на Република Македонија изразува жалење и незадоволство од начинот на кој деновиве се злоупотребува името на Тоше Проески, личноста која остави траен белег во нашето севкупно културно живеење.
„Сметаме дека не е коректно, ниту доблесно и чесно да се манипулира со неговото име за дневно-политички цели. Овие манипулации ја девалвираат благородната мисија која овој голем уметник ја остваруваше во текот на целиот својот живот, потсетувајќи не на вистинската димензија на зборовите хуманост и човечност. Тоше Проески, со својата креативност и непосредност, низ целиот Балкан и пошироко, ја афирмираше културата на нашата држава. Неговиот лик, дело и почитта кон него ќе останат силно да живеат во нашите сеќавања“, се вели во соопштението од Министерството.
Понатаму се додава дека поради високите човечки квалитети, вредности и уметничките достигнувања на Тоше Проески, Владата на Република Македонија и Министерството за култура инвестираа во низа проекти, се со цел да се оддаде признание и благодарност за сето она што Тоше и го остави на нашата држава.
„Во родното Крушево се изгради Спомен куќа на Тоше Проески, која го доби статусот на национална установа од највисок интерес на државата, објект во кој низ целиот процес на изградба е вложена голема посветеност и љубов на сите оние кои беа вклучени и кои придонесоа до нас да се доближи неговиот животен пат и неговите уметнички достигнувања. Овој монументален по големина објект, еквивалентен на делото на Тоше, досега го посетија над 150.000 посетители. На достоинствен начин, споменот на нашата музичка ѕвезда се одбележа и со изградбата на патот до манастирот Св. Преображение, како и патот од манастирот до крстот, проекти кои ги реализираше Министерството за транспорт и врски“, додаваат од Министерството за култура.Од таму потсетуваат дека Министерството и во иднина ќе дава поддршка за реализацијата на традиционалниот концерт во чест на Тоше Проески организиран од страна на Фондацијата Тоше Проески како и за сите проекти и активности на НУ Спомен куќа преку Годишната програма на Министерството за култура.
„Министерството ја помогна и реализацијата на документарниот филм „5 години Балкан“ како и издавањето на албумот на Тоше на необјавени песни на англиски јазик. Неодамна беше промовирана и Монографијата за Спомен Домот во која се илустрирани сите сегменти од изградбата на овој значаен објект, кој освои повеќе светски признанија. Сакаме да истакнеме дека многу општини, со изградба на паркови, фонтани, како онаа во општината Аеродром и именување на улици се вклучија во зачувувањето на споменот на овој наш голем уметник, а наскоро на мостот на уметноста, во центарот на Скопје ќе биде поставена и биста на Тоше Проески“, се вели во соопштението. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почнува 19. издание на фестивалот за современи уметности АКТО
Месецов почнува 19-тото издание на фестивалот за современи уметности АКТО и ќе се одвива во текот на целата година. Новото 19-то издание на АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали, на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат во разни градови во државата опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата. Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ и ќе биде отворен в четврток на 28 март. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.
Во центарот на Скопје, на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ пред 30-ина години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беше во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, организацијата „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски иницираа акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот.
Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата ниту, пак, во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – оние што се упатени кон (или заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака, која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.
Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници што го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а за да опстанат, тие зависат во голема мера од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста туку и пошироко во рамките на општеството во кое живееме.
АКТО 19 претставува продолжение на тематиката – „Јавните простори во движење (кон)“, преку која минатата година фестивалот презентира неколку практики, кои замислуваа ослободен простор, дури и привремено, за гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, испуштените и маргинализираните во рамките на постојната хегемонија. АКТО смета дека овие уметнички практики може повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.
Фестивалот АКТО е во организација на здружението „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ и во текот на годината во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и странство.
Култура
„Госпоѓиците од Авињон“ на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и Балет, на 11 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе атрактивната балетска претстава во 9 слики, „Госпоѓиците од Авињон“. Со оваа претстава почнува jубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“, кое ќе има нов концепт и повеќе разни програми, меѓу кои и програмата со наслов „Паралели“, во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и Балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова. Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.
Култура
Бесплатен влез за две претстави во МНТ за Светскиот ден на театарот
Македонскиот народен театар, по повод 27 Март, Светскиот ден на театарот, за љубителите на театарската сцена организира две бесплатни претстави.
Станува збор за детско-младинската претстава „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, која ќе се одигра на малата сцена на 30 март во 12 часот, и изведбата на претставата „Бесачи“, во режија на Јавор Грдев, која ќе биде со вечерна изведба на 6 април со почеток во 20 часот.
Гратис билетите ќе се подигнуваат пред почетокот на изведбите.
ПР-текст