Култура
Владата најави целосна реконструкција на Универзална сала
Владата донесе одлука да започне реализацијата на проектот за целосна реконструкција и доградување на скопската Универзална сала, којашто е еден од заштитните белези на главниот град, за што од буџетот ќе бидат издвоени 400 милиони денари.
Како што појасни во понеделникот владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, средствата за реконструкцијата на објектот стар половина век ќе бидат обезбедени од Буџетот на Република Македонија, и тоа во повеќе буџетски години.
„Со ова Владата исполнува уште едно ветување. Владата на Република Македонија стратешки го поддржува развојот на културата. Се реализираат голем број проекти чија цел е креирање нови културни содржини, унапредување на статусот на културните работници и нови можности за нив, достигнување на светски стандарди. Особено внимание се насочува кон инвестициите во инфраструктура од областа на културата“, рече на прес-конференцијата во владата, портпаролот Ѓорѓиев.
Новиот објект треба да ги задоволи модерните стандарди за работење и престој на вработените, изведувачите и посетителите. Објектот генерално ќе го задржи надворешниот изглед поради зачувување на автентичноста. Проектот предвидува реконструкција и засилување на постојната челична и бетонска конструкција, а ќе биде изграден од најсовремени енергетско ефикасни материјали. Комплетно ќе бидат обновени сите инсталации, а ќе бидат изградени и сосема нови системи за климатизација и греење.
Целосно, исто така, ќе биде реновиран комплетниот ентериер.
Планот за осовременување на Универзалната сала во Скопје предвидува и обезбедување нова и најсовремена аудио и видео опрема која ќе овозможува одржување секаков вид настани.
Проектот опфаќа и изградба на повеќенаменска сала со капацитет од 1.500 места, и изградба на нова помала сала со капацитет од 100 места, како и нов простор за техника.
„Ќе биде изграден и подземен паркинг на две нивоа на потегот под платото кое води кон булеварот. Ентериерот ќе биде модерен, ќе се воведе посебен проект за акустика со што значително ќе се подобрат можностите на објектот, но и условите за изведувачите. Ќе бидат вградени и најсовремени системи за сценски технологии. Или вкупно комплетно ќе бидат реконструирани и реновирани 2.700 метри квадратни основен, и 1.150 метри квадратни помошен простор, и ќе бидат доградени 1.600 метри квадратни простор и 4.500 метри квадратни паркинг“, прецизираше Ѓорѓиев.
Владиниот портпарол изјави дека веќе се обезбедени и изработени идеен, основен и изведбен проект за реконструкција и изградба на објектот со сите фази, за подземно гаражирање и партерот, и за зајакнување на одредени елементи од армирано бетонска и челична конструкција. Проектната документација е обезбедена со учество и на Градежниот факултет при скопскиот универзитет „св. Кирил и Методиј“. На обезбедената проектна и техничка документација извршена е и законска ревизија, додаде Ѓоргиев.
Вака обезбедената документација заедно со другата потребна техничка документација сега е поднесена со барање во општина Центар за издавање Одобрение за реконструкција на објектот.
„Во текот на следните денови, по добивање на одобрението од општина Центар, ќе биде објавена и распишана постапка за избор на изведувач на градежни работи за реконструкција и доградба на објектот. Ќе се примени електронска аукција што обезбедува транспарентно наддавање по светски стандарди“, рече Ѓоргиев.
Предвидувањата се дека новиот објект на Универзалната сала ќе биде изграден во период не подолг од 18 месеци од почетокот на градба, која веројатно би започнала кон крајот на оваа или почетокот на следната година, односно по завршувањето на постапката за избор на изведувач.
„Со овој проект градот Скопје и Република Македонија добиваат нов и модерен објект на Универзалната сала. Објектот ќе овозможи услови за одржување на културно уметнички манифестации, во кои посетителите ќе може да уживаат во пријатна средина. Тој ќе овозможи и зголемување на обемот на работа на установата Универзална сала и за збогатување со нови содржини. Културните работници ќе добијат нови и современи услови за истакнување на своите знаења и вештини, што ќе придонесе за нов квалитет во културно уметничките претстави. Проектот нуди можности и корист во повеќе сфери, и е од интерес на граѓаните во целина“, дополни Ѓоргиев најавувајќи дека Владата и во идниот период ќе продолжи со реализација на проекти за унапредување и развој на културата./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.