Култура
Земјите од ЈИЕ соработуваат за зачувување на нематеријално културно наследство
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во четврток имаше обраќање пред министрите за култура на земјите од Југоисточна Европа во рамките на 8-та Министерска конференција за културно наследство во Југоисточна Европа.
На Конференцијата на тема „Нематеријалното културно наследство и одржливиот развој“ која вчера и денеска се одржува во Софија, Република Бугарија, покрај министрите за култура, гостин на овој значаен настан е и Ирина Бокова, генерален директор на УНЕСКО, со која министерката за култура Канческа-Милевска во текот на денов ќе оствари и билатерална средба.
Претходно во рамките на конференцијата министерката Канческа-Милевска оствари средба со српскиот министер за култура Братислав Петковиќ, со кого разговараше за досегашните и идни проекти меѓу двете земји на полето на заштитата на културното наследство.
Во фокусот на конференцијата е подобрувањето на регионалната соработка за заштита на нематеријалното културно наследство во Југоисточна Европа, а беше изразено задоволство од отворањето на Регионалниот центар за нематеријално културно наследство, кој во Софија функционира од февруари годинава.
На конференцијата беа обележани и регионалните активности во рамките на новата глобална иницијатива „Култура: Мост за развојот“.
Во своето обраќање Канческа-Милевска истакна дека одржувањето на конференцијата ја покажува заложбата на земјите од ЈИЕ меѓусебно да соработуваат во рамките на УНЕСКО, Европската Унија, Советот на Европа и, воопшто, како земји-соседи кои на пријателски и демократски начин ги споделуваат заедничките потреби, иницијативи и вредности во доменот на културата и културното наследство.
„Дозволете ми да ја изразам мојата увереност дека со јакнењето на заедничката соработка ќе ги имплементираме нашите одлуки донесени на овие значајни средби и ќе успееме на нашите идни генерации во регионот да им оставиме наследство на воспоставена комуникација кое ќе се базира на нашата заемна толеранција и разбирање, воспоставен дијалог и почитување на културните разлики“, истакна Канческа-Милевска.
Министерката за култура информираше дека една од најприоритетните заложби на Владата на Република Македонија е заштитата на културното наследство и валоризација на неговите потенцијали.
„Досега во Република Македонија под заштита се ставени 40 добра кои се однесуваат на дијалектите и говорите на македонскиот јазик и на другите јазици во Македонија, топонимите, народните песни и ора, обичаите и др., а дваесет и пет нови апликации за прогласување се во процедура. Исто така, соочени со ризикот дека формите на духовното наследство со текот на времето можат да исчезнат, Министерството за култура, преку своите годишни програми, редовно ги поттикнува и ги поддржува активностите на своите институции, невладините здруженија, поединците и фолклорните ансамбли од сите етно-региони на државата кои го негуваат, евидентираат и го презентираат духовното културно наследство“, рече Канческа-Милевска.
Таа потенцираше дека Министерството за култура и во иднина ќе продолжи да обезбедува поддршка за развој на програми за негување, меморирање и популаризација на духовното културно наследство преку: кампањи за подигнување на свеста на јавноста за културното наследство; едукација на младите генерации преку соодветни наставни програми во основното, средното и во високото образование; вклучување информации за заштитените духовни културни добра во програмите на неформалното образование во т.н. летни школи, семинари, специјални циклуси предавања, веб-проекти, работилници и други креативно-образовни практики; и актуализација на наследените културни (духовни) добра во програмите на фестивалите на традиционална култура во државата.
На крајот од своето излагање министерката за култура упати покана до присутните за учество на министерската конференција која ќе се одржи на 13 ноември во Скопје, во рамките на претседавањето на Република Македонија со процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа, како и на Верската конференција следната година.
Во рамките на конференцијата се очекува да биде донесена и заедничка декларација на министрите за култура на Југоисточна Европа за „Нематеријалното културно наследство и одржливиот развој“./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).