Култура
Почина актерот Дади Ангеловски
Еден од најпознатите македонски актери Владимир Дади Ангеловски почина ноќта кон петокот во Скопје, на 66-годишна возраст, по кусо боледување.
Комеморацијата по повод ненадејната смрт на познатиот актер ќе се одржи во сабота, 17-ти ноември, во 10.30 часот во Драмскиот театар Скопје, а посмртните останки ќе бидат изложени од 12 часот во капелата на градските гробишта Бутел во Скопје.
Првите чекори кон својата идна професија Дади ги имал во Радио драмата, додека пак за прв пат на сцената стапнал во 1962 година, кога го играл Оливер Твист кај режисерот Димитрие Османли во тогашниот Младинско-детски театар, денес Драмски театар. И тука се раѓа неговата голема љубов кон театарот. Како гимназијалец во “Цветан Димов “ одел на голем број натпреварувања низ Југославија што всушност биле и неговите први естрадни почетоци. По гимназијата се подготвувал да оди на Академија во Белград,но тоа не се случило.Имено на Драмскиот театар во тоа време му биле потребни актери па така Дади бил ангажиран во претставата “ Принцот и просјакот “ и истата 1966 година станува и член на драмскиот театар.
Огромен е бројот на улогите во кои се појавува Дади, почнувајќи од детските серии и драми, па се до сериозните улоги во некои од најзначајните македонски филмови, драми и серии.Секако дека не постои дете кое ја нема гледано познатата детска трилогија “Чук,чук Стојанче“ , “Баш челик“ и “ Шекспир во приказни“ која постигнува огромни успеси и тука и на сцените низ Југославија. Незаборавни се и ликовите Диди и Дади кои ги играат Дади и неговиот брат Коле Ангеловски во тв серијата “Да видам, да видам што да бидам“. Исто така Дади се појавува и во операта на МНТ во оперите “Шеќерна приказна“ и “Деспина и мистер Докс“. Во 1967 година игра во психолошкиот филм “Мементо“ во режија на Османли Димитрие, а во 1988 игра една од главните улоги во филмот “Викенд на мртовци“.
Понатаму следуваат улогите во филмовите “ Солунски патрдии“ , во режија на Коле Ангеловски, “Калигула“ во режија на Миле Гроздановски, “Рибарски караници“, серијата “Лото, лото“ исто така во режија на Коле Ангеловски,во претставите “Мефисто“, и “ Дунек“ со кои заработува и некои од неговите награди. Тука се и сериите: “Агенција осамени срца“, “Училиште за кловнови“, “Трст виа Скопје“, “Битолски лакрдии“ и многу други.
Неизбежно е а да не се спомене радио-телевизиската програма “Хихирику“ со која што заедно со своите колеги Димче Мешковски, Катерина Коцевска, Благоја Чоревски, и Гоце Тодоровски во 2004-тата година го прославија јубилејот од 25 години од нејзиното постоење.Со некои од своите колеги има настапувано и неколкупати во Австралија изведувајќи познати македонски драми за тамошните Македонци. Значајни се секако и улогите на Дади во голем број од Македонските народни приказни, а интересен е и фактот дека тој е единствениот актер кој 9 години по ред настапува на манифестацијата Глумците пеат, колку што и постои самата манифестација. /крај/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.