Култура
„Животот на Пи“ на којшто работеше македонската FX3X доби Оскар за визуелни ефекти
Филмот „Животот на Пи“, на кој што работеше македонското студио за визуелни ефекти FX3X,синоќа доби Оскар за визуелни ефекти.
Во категоријата за филм со најдобри визуелни ефекти беа номинирани „Животот на Пи“, „Снежана и ловецот“, „Прометеј“, „Одмаздници“ и „Хобитот: Неочекувано патување“. Од номинираните филмови за најдобри визуелни ефекти FX3X работеше на три филма, „Животот на Пи“, „Прометеј“ и „Одмаздници“.
FX3X беше дел од тимот на MPC Technicolor од Лондон со која што работеа на победничкиот филм, „Животот на Пи“ и филмот „Прометеј“.
“Оскарот кој го доби Животот на Пи за нас претставува валоризирање на нашата работа со највисокото признание во нашата индустрија. Иако ние, како дел од тимот на MPC Technicolor, сме само еден дел од сè она што се работеше на филмот, сепак сме горди на својата работа, а особено сме горди што тој врвен квалитет се постигнува овде во Македонија, целата наша работа се изведува овде. Се гордеам со нашиот тим, нашата стратегија за креирање на кадар за артисти за визуелни ефекти во Македонија, наспроти можноста да донесеме звучни имиња од надвор, се покажа како одлична. Ние работиме на тоа звучните имиња да ги креираме овде, во редовите на нашиот тим” , изјави Кристијан Даниловски, ко-основач и ко-сопственик на FX3X, директор за развој и извршен продуцент.
„Животот на Пи”, филм кој ги помести границите во 3Д технологијата, во чија изработка учествуваше и тимот на FX3X, работејќи на сцените од бурата.
Филмот е адаптација на мегахит романот на Јан Мартел со истоимениот наслов, изводлива единствено во изведба на режисерот Анг Ли кој досега двапати е наградуван со Оскар.
Според фaбулата на романот, во раните 70ти години, младиот Пи Пател и неговото семејство ја напуштаат Индија и заминуваат за Канада во потрага по нов почеток. Таткото на Пи е чувар во зоолошката градина, па тие патуваат со животните кои планираат да ги продадат за да создадат капитал за својот нов почеток. Но, по една страшна бура, бродот потонува и Пи одеднаш се наоѓа сам опколен со вода со раздразливиот тигар Ричард Паркер.
Македонската компанија работеше и на филмот „Клетници“, којшто беше номиниран во категоријата најдобар филм./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.