Култура
Македонија сака поинтензивно учество во програмата „Креативна Европа“
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во среда во Министерството за култура оствари работна средба со генералниот директор на Директоратот за образование и култура на Европската комисија, Јан Трушчински.
На средбата стана збор за учеството на Република Македонија во новата програма „Креативна Европа“, преку која Европската Унија, почнувајќи од 1 јануари 2014 година, ќе продолжи да поддржува проекти кои ја промовираат културната соработка во Европа, мобилноста на уметниците и професионалците од културниот сектор, циркулацијата на уметничките производи.
Канчевска – Милевска го реафирмираше големиот интерес на Министерството за култура за поинтензивно учество во новата програма „Креативна Европа“, став кој беше истакнат и на последната средба со Трушчински во октомври минатата година.
Министерката информираше дека Министерството за култура со официјален допис во октомври годинава го изрази својот интерес за учество во новата програма „Креативна Европа“, односно во пот-програмите Култура и Медиа кои се во рамките на оваа програма. Исто така, номинирани се и лица кои ќе учествуваат во експертската група на програмата „Креативна Европа“ при Европската Комисија, како и во координативното тело за истата програма при Министерството за култура.
Канчевска – Милевска, го искажа своето задоволство од досегашната соработка со Европската комисија и Делегацијата на ЕУ во Република Македонија со која заеднички во изминатиот период се реализираа повеќе активности, меѓу кои и саемите на книгата на кои беа презентирани сите дела поддржани од програмата „Култура“.
Заблагодарувајќи се на средбата, министерката за култура упати отворена покана до првиот човек на Директоратот за образование и култура на Европската комисија за повторна посета на Република Македонија во рамките на наредното издание на реномираниот фестивал „Охридско лето“. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Госпоѓиците од Авињон“ на сцената на Националната опера и балет
На сцената на Националната опера и балет на 11 април со почеток во 20.00 часот ќе се изведе атрактивната балетска претстава во 9 слики „Госпоѓиците од Авињон“. Со оваа претстава започнува jубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје 2024, кое ќе има нов концепт и повеќе различни програми, меѓу кои и програмата насловена „Паралели“ во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.
Култура
Бесплатен влез за две претстави во МНТ за Светскиот ден на театарот
Македонскиот народен театар, по повод 27 Март, Светскиот ден на театарот, за љубителите на театарската сцена организира две бесплатни претстави.
Станува збор за детско-младинската претстава „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, која ќе се одигра на малата сцена на 30 март во 12 часот, и изведбата на претставата „Бесачи“, во режија на Јавор Грдев, која ќе биде со вечерна изведба на 6 април со почеток во 20 часот.
Гратис билетите ќе се подигнуваат пред почетокот на изведбите.
ПР-текст
Култура
Промоција на стихозбирката „Песнило“ од Ива Петреска
Дебитантската стихозбирка „Песнило“ од младата поетеса Ива Петреска ќе биде промовирана в среда, 27 март, со почеток од 20 часот во „Кафе лаб“ („Лабораториум“) во Скопје. Збирката низ разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска, а настанот ќе биде збогатен и со изложба на фотографии од Колевски.
„’Песнило’ пее за сите нешта што се чувствуваат на кожата, што ежат, што горат, што оставаат лузни, а потем сече, слој по слој, со прецизен и остар јазик како скалпел соголувајќи го гнилото во нас и во општеството за накрај в раце да го држи нашето срце и од нас зависи дали ќе ни заврши во тегла“, вели Јулијана Величковска.
„’Песнило’ ќе ви ги отвори очите, ќе ве разбесни, ќе ве насмее, ќе ве налути, ќе ве праша дали сте здрави и ќе ве прекори. Ова е стихозбирка што беснее меѓу двете корици, а ако има беснило, Ива Петреска ќе ја излечи со своето песнило“, рече Андреј Медиќ-Лазаревски.
„Ете така, само понекогаш, ќе се појави млад женски глас што патува низ времето, и постои отсекогаш до којзнае кога, ако не и засекогаш. Ива Петреска со својот младешки импулс и глас им ја дава живоста и бојата на нештата од кои е составен товарот на животот. ‘Песнило’ е анатомија на суштественото; песните се хируршки прецизни резови преку кои се прави пристап до телесното и духовното, од каде излегуваат звучно и тактилно, со сета своја силина, љубовта, презирот, молкот на едниот и крикот на другиот, болката на местото на љубење, сето тоа длабоко од внатрешноста на срцето, директно од местото на допирот, однатре истекува сета зачуденост од неправди и лаги, сета растргнатост помеѓу грижата за другиот и гневот кон него, сета храброст одново и повторно да љуби. „Песнило“ е сите прашања, сите повици да се разбуди другиот, да се биде буден, да се гледа, да се држи погледот вперен во убавината, во апсурдот, во животот, да се биде една од жените што трчаат со волците, да се биде дива, а не сива“, вели Д. А. Лори.
Ива Петреска (2001, Скопје) студира на Медицинскиот факултет во Скопје. Учествувала на повеќе поетски читања, како што се: „Поетска епизода“ и „Клинци“, во организација на „Култура бета“,„Отскочна штица“, настан за млади во рамките на Скопскиот поетски фестивал, „Добри гости“, и др., а неколку нејзини песни се објавени во „Репер“. Застапена е во „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ (2023, ПНВ Публикации). „Песнило“ е нејзина прва стихозбирка.