Култура
Изградба на спомен-куќа на револуционерот Христо Татарчев во Ресен
На местото каде што била куќата на македонскиот револуционер Христо Татарчев во центарот на Ресен ќе се изгради објект што ќе функционира како спомен-куќа со музејски поставки и со простор за прием на посетители и за одржување разновидни културни настани. Куќата ќе биде изградена на 280 квадратни метри, на приземје и кат, и ќе биде енергетски ефикасен објект со хортикултурно уредена околина, соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
„Куќата на еден од основачите на Македонската револуционерна организација Христо Татарчев во центарот на Ресен ќе биде изградена на местото каде што постоела и однадвор ќе го има автентичниот лик, а се очекува да биде готова и отворена во август идната година”, изјави Канческа-Милевска.
За изградбата ќе биде надлежен Заводот и музеј – Битола. Таа ќе ги има стилските особености и амбиент на куќа со фолклорна архитектура типична за 19. век. Проектот е веќе изработен врз основа на документација за објект кој веќе го нема. Објектот, кој бил прогласен за значајно културно наследство со особено историско значење, е урнат во 2004 година. За подготовка на изградбата, во изминатиот период беше сменет и Деталниот урбанистички план на општината.
Внатрешното уредување ќе има модификации зашто новиот објект ќе функционира како спомен-куќа со музејски поставки и со простор за прием на посетители и за одржување разновидни културни настани. Куќата ќе биде изградена на 280 квадратни метри, на приземје и кат, и ќе биде енергетски ефикасен објект со хортикултурно уредена околина.
По средбата со ресенскиот градоначалник Ѓоко Стрезоски, директорката на битолскиот музеј Лилјана Христова, проектантите и претставници на Управата за заштита на културното наследство, Канческа-Милевска информираше дека до крајот на месецов на тендер ќе биде избрана фирма која во периодот август-септември ќе почне да ја гради куќата, за таа да биде завршена за една година. Паралелно се работи и на ентериерот и собирање експонати по пат на откуп или донација.
„Овој објект има особено значење за историјата на македонскиот народ од периодот на националноослободителното движење. Поради неговата важност, овој проект се наоѓа и во програмата на Владата и на Министерството за култура и е предвидена изградба на нов објект. Во него ќе има современа музејска поставка и во три засебни целини ќе бидат изложени голем број фотографии, предмети и документи за револуционерната активност на Христо Татарчев, прв претседател на Централниот комитет на Организацијата”, изјави Канческа-Милевска. Таа нагласи дека обновата на објектот ќе придонесе и за развој на културниот туризам во Ресен.
Ресенскиот градоначалник Стрезоски рече дека е задоволен што ќе се реализира нивна дамнешна желба – да се изгради спомен-куќа посветена на Татарчев кој потекнува од нивниот град.
„Просторот на куќата долги години стоеше запуштен и обраснат со дива вегетација. Бидејќи е во центарот на градот, сметам дека со изградба на куќата ќе се постигнат повеќе цели – тој простор ќе се облагороди и Ресен ќе добие објект што ќе го промовира нашето културно и историско наследство и ќе биде основа за развој на културниот туризам во нашиот град”, истакна Стрезоски.
Лекарот Христо Татарчев (1869-1952) се родил во куќата и во неа имал ординација, а нејзиното историско значење е во тоа што се смета дека таму во август 1894 бил одржан првиот конгрес на Внатрешната македонска револуционерна организација, формирана во претходната, 1893 година. Експонатите во музејската поставка ќе бидат хронолошки поделени во три дела – предилинденскиот период, активностите на Татарчев во Илинденското востание и периодот по 1903 до неговата смрт во 1952.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.