Култура
ДПМ: Доделени наградите „Ацо Шопов“ и „Стале Попов“

Наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) за најдобра поетска книга за 2009 година е доделена на книгата „Слоеви“ од писателот Јован Стрезовски.
Наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) за најдобра поетска книга за 2009 година е доделена на книгата „Слоеви“ од писателот Јован Стрезовски.
Наградата на ДПМ за проза „Стале Попов“ му припадна на Димитар Пандев за книгата „Пропатување низ приказните“.На конкурсот за наградата „Ацо Шопов“ пристигнале 29 книги од 28 автори, од кои две книги биле повлечени од конкуренција од нивните автори, станува збор за Радован Павловски и Ристо Лазаров.
Покрај наградената во потесен избор влегле, „Историја на ветерот“ од Зоран Анчевски и „pH неутрална за животот и смртта“ од Лидија Димковска.
Жири комисија во состав, Вера Чејковска претседател, академик Гане Тодоровски и академик Луан Старова оцени дека наградената книга се одликува со едноставен модернистички поетски јазик, и тоа на еден осаменик предаден на набљудувањето на светот и обмислувањето на творењето.
На конкурсот за наградата „Стале Попов“, конкурирале вкупно 15 дела од македонски автори и членови на ДПМ, од кои во потесен круг влегле наградениот Димитар Пандев, Ермис Лафазановски, Оливера Николова, Томислав Османли и Миле Неделковски. Жири комисијата во состав, Катица Ќулакова претседател, Илхами Емин и Драги Михајловски членови, наградената книга „Пропатување низ приказните“ ја нарекуваат раскажувачка целина составена од две новели, навидум самостојни, а суштински поврзани со наративна стратегија и погледот на светот.
ДПМ најави дека на 5 јануари во нивните простории ќе додели уште две награди, а на 12 јануари ќе ја прослави својата 63-годишнина со откривање на бистите на Славко Јаневски и Ацо Шопов, а ќе бидат промовирани маслени слики на платно со портрети на Анте Поповски и Симон Дракул./крај/ин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Мојот последен здив“ – промовирана автобиографијата на Луис Бињуел

Во средата, во полната киносала на Кинотеката, беше промовирана автобиографијата на големиот шпански режисер Луис Буњуел, со наслов „Мојот последен здив“.
Промотори на ова издание беа историчарот на уметност и заменик-амбасадор во шпанската амбасада во Скопје – Ернесто Eредеро дел Кампо, проф. д-р Иван Џепароски од Филозофскиот факултет при УКИМ и доц. д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката и професор на Факултетот за филмски уметности при Универзитетот „Европа Прима“, кој воедно е автор на предговорот.
На присутните им се обрати заменик-амбасадорот Ернесто Ередеро дел Кампо, кој зборуваше за создавањето на идејата за превод на ова дело на Буњуел, кое е поврзано со претходната соработка со Кинотеката, поточно со одржувањето на ретроспективата на филмските остварувања на Луис Буњуел, која се одржа минатата година во рамките на Филозофскиот филмски фестивал.
„Луис Буњуел е многу повеќе од филмаџија, тој е уметник во секоја смисла на зборот. Тој е еден од ретките режисери што ја надминува приказната што сам ја раскажува. Во самата книга може да се согледаат оние елементи што се провлекуваат и низ неговите филмови како што се религијата, класната нееднаквост, насилството, желбата, сексуалната патологија, нејасната граница помеѓу фантазијата и реалноста, свесното и несвесното. Во неа се гледа една Шпанија, која е растргната помеѓу традицијата и револуцијата, каде што верските и политичките елементи се бореле со големо насилство, општествени промени, политичкиот екстремизам, граѓанската војна итн.“, изјави Ернесто Ередеро дел Кампо.
Промоторот на оваа книга, проф. д-р Иван Џепароски, во своето излагање истакна дека Буњуел сѐ уште буди интерес кај новите генерации и е предизвик кој нѐ носи кон еден негов свет кој се поврзува со доживувањето на целиот 20-ти век. Тој говореше за односот на Буњуел кон уметноста, неговата поетика, а го истакна и значењето на Луис Буњуел во однос на Надреализмот. Џепароски истакна дека филмот АНДАЛУЗИСКИ ПЕС бил од големо значење и за неговата генерација и времето кога тој како студент се соочил со него на Филозофскиот факултет на средината на 70-тите години.
„На вежбите по естетика, кои ги имавме со тогашната моја колешка Кица Барџиева, и, се разбира, професорот Старделов, како и одењето во Кинотеката, која тогаш беше во МКЦ, и во една малечка киносала ги гледавме филмовите на Буњуел. Но моето доживување на ‘Андалузиски пес’ се поврзува со мојот престој во Париз во 1979 година во една мансарда наспроти ‘Жорж Помпиду’ во Бобур, во чија библиотека одев секој ден за да го сработам тоа што имав зацртано да го сработам и да ги посетувам изложбите. Во мансардата во која престојував беше премногу ладно, па најчесто го посетував ‘Помпиду’ за да се затоплам, а во тоа време беше првата голема изложба на Салвадор Дали. Во рамките на таа изложба, која траеше од октомври до јануари, имаше една киносала, каде што постојано се вртеше АНДАЛУЗИСКИ ПЕС без престан. Убавината беше што тогаш во салата има онакви поп-артовски фотелји на воздух, каде што можеше да се легне и јас таму спиев дури и се топлев, а го гледав АНДАЛУЗИСКИ ПЕС дури и кога спиев“, изјави Џепаровски.
Тој ја истакна важноста на Буњуел, а особено на филмот АНДАЛУЗИСКИ ПЕС бидејќи со него надреализмот добива една друга димензија, особено за една нова уметност како филмот која допрва ќе почне да се развива.
„Таа иронија и самоиронија избива од секоја страница на оваа книга. Преку неговиот прочуен однос кон религијата што најдобро се епитомизира преку неговиот исказ ’Фала му на бога, сѐ уште сум атеист‘ гледаме каков е и неговиот однос кон религијата. Дури и крајот на книгата тој завршува со таа филмска сцена во којашто самиот си се замислува себе си како ги изненадува неговите најблиски со тоа што на смртната постела повикува свештеник за да се исповеда“, објасни професорот Џепароски говорејќи за протовиречностите кои го одбележувааат Буњуел.
Џепаровски истакна дека иако ова е автобиографија на Луис Буњуел, еден од најзначајните режисери во историјата на филмската уметност, напишана пред самиот крај на неговиот живот, во Мексико, со помош на францускиот писател и сценарист Жан-Клод Кариер, тоа е книга која силно е обременета со прашањето на сеќавањето, помнењето, а со тоа и со прашањето на личното дожувување.
Доц. д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката на присутно накратко им го претстави животот на Буњуел, објаснувајќи го значењето на оваа автобиографија и како прашањето зошто во неа Буњуел многу често употребува множина, како да зборува во името на целата своја генерација, онаа генерација што студирала на универзитетот во Мадрид во 1927 г., или генерацијата на надреалистите во Париз, неколку години подоцна или генерацијата на републиканците во времето на Граѓанската војна.
Истакнувајќи ја работата на Буњуел со други значајни автори од тоа време, а особено неговата блиска врска со Жан-Клод Кариер, Чупоски се осврна на неколку делови и етапи од неговиот живот.
„Иако оваа книга е пишувана на крајот на неговиот живот, Буњуел воопшто не е патетичен и сентиментален во овие негови сеќавања. За тоа сведочи Кариер, можеби не во оваа книга, но вели дека Буњуел бил подготвен за смртта. Книгата е објавена неколку месеци пред неговата смрт и претставува извонредно сведоштво. Сведочи за сите овие настани, за сиот негов живот, од аспект на човек со 80 и кусур годишно творечко искуство. Можете самите да замислите колку е драгоцена оваа книга.“, истакна Чупоски.
Пред полната сала на Кинотека се обрати и директорот Владимир Ангелов, кој на присутните и им заблагодари што дојдоа да ја проследат оваа промоција и истакна дека е особено среќен што и покрај многубројните предизвици ова издание конечно ќе биде достапно до македонската читателска публика.
„Ова е веќе остварување на мојот детски сон, изданието на ’Мојот последен здив‘ е тука. А тоа се чита во еден здив, па затоа на здравје читање“, изјави Ангелов.
Уредник на изданието е директорот на Кинотеката, Владимир Љ. Ангелов, преводот од англиски јазик е на Марија Цветковска, лектурата на д-р Сузана В. Спасовска, а дизајнот на м-р Игор Сековски. Издавањето на книгата е овозможено благодарение на Шпанската агенција за меѓународна соработка и развој (AECID) и Амбасадата на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија.
Култура
Концерт и мултимедијален перформанс на Кеско во МКЦ

Долгоочекуваниот втор албум на македонскиот продуцент на електронска музика – Кеско, ќе биде издаден на 7 април со концертна промоција во МКЦ – Скопје. Албумот го покажува уникатниот начин на кој Кеско ги поврзува електронската, експерименталната, breakbeat и drum and base-музиката, велат од МКЦ.
Голема инспирација се великаните како The Prodigy, Chemical brothers, транс и техномузиката. Настапот ќе биде во живо и ќе биде исполнет со талентиран тим на уметници од повеќе сфери. Поддршка со свој DJ сет има од DJ Flooder и младиот продуцент Kronom. Светлата и визуелниот дел од шоуто се препуштени на Мутер и артистот artist3dx, кој изведува посебни инсталации за настапот во живо. Младата уметничка Тања Кеско зазема дел од визуелното шоу со нејзините уметнички дела. Се очекува целосно мултимедијално патување на кое ќе треба да се препуштат присутните.
Вратите се отвораат во 22.22 часот, а настанот почнува во 23 часот.
Влезниците може да ги набавите во билетарницата на МКЦ или на нивата веб-страница.
Култура
Трибина „Македонскиот драмски автор на сцената на МНТ“

РСМ НУ Македонски народен театар – Скопје има чест да ве покани на трибината „Македонскиот драмски автор на сцената на МНТ“.
Настанот ќе се одржи на 3 април 2023, понеделник, во 12 часот, на малата сцена на Македонскиот народен театар – Скопје по повод 78 години од првата премиера на театарот.
Модератор на трибината е проф. д-р Ана Стојаноска, а за значењето на драмскиот автор ќе говорат и самите автори Јордан Плевнеш, Русомир Богдановски, Дејан Дуковски и Сашо Димоски, чии драмски текстови се поставени во МНТ, како и Бранко Ставрев, кој е режисер на најмногу претстави од македонски автори во МНТ.
На сцената на МНТ од самите почетоци (третата поставена претстава е „Чорбаџи Теодос“, премиера: 16.8.1945 година) до денес постојано се поставуваат дела од македонски автори. Од досега над 400 поставени/обновени претстави, повеќе од 100 се дела на македонски автори од разни генерации.
Целта на оваа трибина е да се прикажат авторите од разни генерации, чии дела во континуитет постојано се прикажуваат на сцената на театарот.
Тоа се, меѓу другите, Војдан Чернодрински, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Живко Чинго, Коле Чашуле, Богомил Ѓузел, Русомир Богдановски, Горан Стефановски и други.
ПР