Контакт

Култура

Aмериканската премиера на „Врба“ крунисана со наградата за најдобар филм

Објавено пред

Aмериканската премиера на „Врба“ на Милчо Манчевски e крунисана со наградата за најдобар филм на фестивалот во Синеквест, Калифорнија. Ова е главната награда на Синеквест што ја доделува меѓународно жири, а „Врба“ е претставен како филм што нема да го заборавите.

Успехот на „Врба“ е многу значаен за претставувањето пред американската публика затоа што Синеквест е еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент, а се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во силиконската долина, седиште на најголемите технолошки гиганти како „Фејсбук“, „Епл“, „Твитер“, „Нетфликс“, „Зум“, „Линкедин“. Фестивалот е специфичен по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. Годинешното јубилејно 30-то издание на фестивалот место во март, поради пандемијата, се одржа онлајн од 1 до 14 октомври, со програма од 154 филма од САД и светот, учествуваа вкупно 950 артисти, а се одржаа и 95 специјални настани поврзани со филмската работа. Фестивалската програма за кратки и анимирани филмови се квалфикува и за „Оскар“.
Неделава „Врба“ ќе ја има и шпанската премиера во конкуренцијата за награди на фестивалот во Валенсија. Изминатиов период „Врба“ доживеа големи интернационални успеси: во септември беше избран во селекцијата за престижната награда за најдобар филм на Европската филмска академија (ЕФА) позната и како европски „Оскар“, а доби и две номинации (за најдобар игран филм и за најдобар режисер) на еден од најголемите фестивали за независен филм Рејнденс во Лондон.

Измина точно една година од светската премиера на фестивалот во Рим, при што „Врба“ постигна рекорди во кино и ТВ-прикажувањето дома, ласкави критики во светските медиуми (длабок, суптилен), над 20 фестивали на четири континенти и 3 награди, а филмот го продолжува фестивалскиот поход со несмалено темпо, што привремено беше запрено поради пандемијата на Ковид-19. Исто така, се очекува следната недела „Врба“ да се врати и во македонските кина како дел од програмата на киното „Синеплекс“ во Скопје.

Во исто време со успехот на „Врба“ се подготвува и новиот филм на Манчевски „Кајмак“, поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а сега доби поддршка и од данската држава – од Данскиот филмски институт.
„Данскиот филмски институт го поддржа ‘Кајмак’, а дански продуцент на филмот е славната Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентката на филмовите ‘Меланхолија’ и ‘Антхрист’ на Ларс фон Трир, на данскиот кандидат за „Оскар“ – „Кралската афера’ и на ‘Сопругата’ за кој Глен Клоус доби номинација за „Оскар“, како и на хит-сериите ‘Премиерката’ и ‘Рагнарок’, меѓу другите. Многу сме задоволни што по соработката со британската легенда Ник Пауел за ‘Врба’, новиот филм на Манчевски ќе овозможи во македонска меѓународна копродукција да влезе уште една реномирана европска и светска продуцентка како Мета Фолдагер“, вели Јане Ќортошев, македонскиот продуцент на „Кајмак“.
Новиот филм на Манчевски, „Кајмак“, е поддржан во првиот рок на одлучување на конкурсот на Агенцијата за филм како проект со мнозински македонски удел, а во него се активни продуценти од дури осум држави: Данска, Велика Британија, Белгија, Луксембург, Полска, Унгарија, Албанија и Словенија.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура

Eкипата на „Медена земја“ тврди: На Атиџе и обезбедивме дом, храна и лекови – здружението „Бекирлија“ и донациите ќе бидат затворени

Објавено пред

Екипата на „Медена земја“ реагира по тврдењата коишто се појавија во јавноста дека Атиџе Муратова е заборавена од сите, без никаква помош. Со тоа, според нив, се осквернавени документаристите, протагонистите, успехот на филмот и неговата голема хуманистичка идеја.

„Документаристичкиот филмски кодекс советува дека филмските работници не треба да ги следат, соработуваат, помагаат или на каков било начин да интервенираат во животот на протагонистите. И покрај оваа практика, ние одлучивме да им помогнеме затоа што целосно се соживеавме со нив, од почетокот на идејата до најзначајните успеси на филмските фестивали. Правилата ги прекршивме со добра намера и притоа ангажиравме тим од правни и социјални работници кои нѐ советуваа како да ја реализираме помошта за Атиџе Муратова и семејството Сем.

За таа цел го основавме здружението на граѓани „Бекирлија“ преку коешто досега беа спроведени следните активности за помош на протагонистите: На Атиџе Муратова, по нејзина желба, ѝ беше купена куќа, која дополнително беше комплетно опремена (ентериер, бања, покуќнина, кревет, машини за домаќинство итн.) Обезбедени беа преку сто пакети со храна и лекови и приватни лекарски прегледи. Секоја зима беа обезбедени дрва за огрев.Се погриживме и за нејзините патувањата на фестивалите во светот: Нион (Швајцарија), Сараево (БиХ), Aјвалик (Турција), Њујорк и Холивуд (САД), на кои, покрај билетите за превоз, беа обезбедени и сместување и личен асистент“, се вели во соопштението.

Во него, од екипата додаваат дека на семејството Сем им е подарено возило; неколкупати се правеа интервенции во куќата, со цел да им се обезбедат услови за зима; купена е покуќнина, постојано им беа праќани лекови и големо количество храна, со што ова семејство би ги задоволило условите за прехранување на подолги периоди. Дополнително беше обезбеден и компјутер, за децата непречено да ја следат онлајн-наставата оваа учебна година.

„На отворената сметка за протагонистите собрани се средства, а меѓу другото, со свои издвоени средства учествуваше Владата, како и Советот на Град Скопје. Исто така, како дополнителен проблем се јави и социјалната помош, која протагонистите ја земаат редовно. Доколку им беа исплатени други средства, тогаш, по автоматизам, социјалната помош ќе им беше укината. Затоа, од институциите чекавме да биде изработен модел за месечно исплаќање на конкретна сума, без да ја изгубат постојната социјалната помош. Со цел да не се доведува јавноста во заблуда на каков било начин, одлучивме сите досега собрани средства одеднаш да бидат префрлени на протагонистите, наместо да се најде правно решение тие да добиваат месечни надоместоци, а притоа да не биде загрозена социјалната помош што веќе ја примаат. Дополнително, здружението „Бекирлија“, како и страницата за донации, ќе бидат затворени“, се вели во соопштението.

Тие истакнуваат дека Атиџе Муратова, за нејзиното учество во документарниот филм, има потпишано документ, со кој им дава право да го користат нејзиниот лик и дело во филм.

„Во документаристиката постои принцип да не им се плаќа хонорар на протагонистите, ниту да се интервенира во нивните животи. Но, ние, сочувствувајќи со нив, сепак одлучивме да им помогнеме. Горенаведените донации и активности се доказ дека тие не само што не беа заборавени од екипата туку, напротив, им беше дадена несебична помош. Екипата на филмот не заработила од милионските суми, презентирани на некои медиуми. Тие пари завршуваат кај дистрибутерите кои вложија финансии во кампањите за промоција на филмот. Всушност, кампањата за „Оскар“ чинеше повеќе од вкупната презентирана сума.

Македонија и светот се полни со силни приказни што заслужуваат да бидат документирани, а ние ќе продолжиме да создаваме со несмален интензитет и посветеност. Личности како нашите протагонисти има многу, но документаристи сме малкумина. Документарниот филм е медиумот што ние знаеме добро да го работиме и длабоко веруваме дека со следните проекти на кои работиме повторно ќе ги освоиме филмските фестивали. Нашата работа како промотори на културата продолжува.На крајот, би сакале длабоко и најсрдечно да им се заблагодариме на сите медиумски куќи што од почетокот соработуваат со нас и го поддржуваат филмот.Во меѓувреме, „Медена земја“ продолжува да реди интернационални успеси, признанија и пофалби во светските медиуми, меѓу кои е и репортажата на „Њујорк тајмс“ направена со екипата на филмот и Атиџе во Бекирлија“, се вели во соопштението.

Прикажи повеќе...

Актуелно

Здружението на џез-музичарите кај Пендаровски ја нагласи потребата од простор за работа на оркестарот „Биг бенд“

Објавено пред

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на Здружението на џез-музичарите и слободните уметници – ЗЏМ од Скопје.

Информирајќи за актуелните предизвици со кои се соочуваат, претставниците на ЗЏМ ја истакнаа важноста од соодветна вклученост на компетентни лица во одлучувачките процеси во областа на џез-културата.

Од Здружението ја нагласија неопходноста од институционализација и обезбедување простор за работа на ЗЏМ на оркестарот „Биг бенд“, од вклучување нивни членови во процесот на распределба на средствата за финансирање проекти од областа на џез-музиката, кои се од национален интерес, како и потребата од ревидирање на работата на двете џез-академии, кои функционираат во рамките на универзитетите во Скопје и Штип, за поуспешно реализирање на главната цел – подигнување на џез-културата во земјата.

Осврнувајќи се на предизвиците произлезени од Ковид-19, претседателот Пендаровски нагласи дека културата е значително погодена од пандемијата.

И покрај предизвиците, претседателот го нагласи исклучително значајниот придонес на Здружението на џез-музичарите и слободните уметници во афирмацијата на џез-културата во земјата и странство охрабрувајќи ги заложбите за споделување на нивните искуства, како и за подобрување на условите за изведба и создавање квалитетна музика, како траен белег и еден од фундаментите на секое општество.

Здружението е основано во 2016 година и во него членуваат некои од најреномираните џез-музичари од земјава, студенти и професори на џез-академиите во Скопје и Штип, како и слободни уметници. Се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, организира џез-фестивали и соработува со меѓународни организации кои ја негуваат оваа дејност.

Прикажи повеќе...

Култура

Од денеска почнува МОТ со претстави во живо и онлајн-прикажувања

Објавено пред

Од денеска до 3 декември ќе се одржи 45. издание на Младиот отворен театар (МОТ) со претстави во живо и фестивалски онлајн-претставувања.

Ќе бидат претставени 12 продукции во домашна продукција, како и театарските куќи од Словенија, Србија, Грција и од Хрватска.

45., првпат хибриден Млад отворен театар, ќе се одржи на три сцени – онлајн во домовите, Младинскиот културен центар и во Универзалната сала.

Цената на билетите за претставите во живо е 300 денари, а онлајн-претставите се бесплатни, но неопходен е билет бидејќи бројот на гледачи на стримот е ограничен. Сите билети се достапни преку bileti.mkc.mk.

Во десет фестивалски вечери ќе се гледаат три премиери: „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, копродукција на МОТ и Факултетот за работи што не се учат, перформансот Screensaver, развиен во рамките на програмата „Современа кореографија и танц“ на „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, и „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски на Театарот „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“ од Велес.

24-28 ноември

*ПРЕМИЕРА* „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“ | 19:00 | Универзална сала

Фестивалот се отвора со премиера на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат (дел од тимот се победниците на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор во 2019).
„Универзална во пламен“ е перформанс-есеј за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици, за поетот што во пожарот го спасувал огнот, наместо предметите што гореле. Човекот што уживал во очајот, очајот кој станал популарен со песните на Шарл Азнавур. Ова е и есеј за Азнавур, познат на скопјани по неговата песна што требало да биде пуштена на Радио Скопје утрото на 26 јули 1963 година. Ова е приказна за затворениот објект на Универзална сала, кој официјално не функционира веќе пет години. Но таа е и дел од меморијата на Универзална сала, среде сите настани во нејзината долга историја. Ова е претстава за новата солидарност, која овие времиња ја бараат: за пожарот, трагедијата и за катарзата од која треба да роди нова солидарност како фениксот што се раѓа од пепелта, од пепелта на Грамши. Претставата ќе има 5 премиерни изведби од 24 до 28 ноември.

25 ноември

„Траги од Антигона“ | 20:00 | онлајн

Втората вечер е резервирана за гостување од Атина со стрим на претставата „Траги од Антигона“ во режија на Ели Папаконстантиноу (ОДЦ ансамбл). Грчката режисерка препознатлива по мултидисциплинарните перформанси со различни уметнички форми, по многу светски фестивали и освоени награди, ја користи состојбата со коронавирусот за нова креација.
„Ние, жени од различна возраст и уметничко потекло, ги споивме гласовите за да ја пресечеме сторичноста на полот, да ги конфигурираме домашноста и дигиталниот простор. Во нашите домашни затвори, ја истражуваме огромноста на јавните агори; врамени во дигитални кутии, ние остануваме транспарентни за целиот свет да ѕирка кон нас, сепак, безбедни во засолништето на нашиот најголем приватен простор (за разлика од другите жени – жртви на семејно насилство). Еве кои сме: „Отсутните девојки“, во спомен на сите жени пред нас. Исто како и нашите мајки и „сестри“, ние ја користиме изолацијата во наша корист за да ги навеземе античките траги од Антигона како дел од нашата лоза. Исто како и жените пред нас, ние правиме уметност во изолација. Само овој пат излегуваме во јавност!“
„Траги од Антигона“, пребојување на античкиот мит за Антигона, доаѓа како непосреден одговор на глобалното затворање поради коронавирусот и тековниот дијалог за тоа што значи присуството (и отсуството). За прв пат во поновата историја, изолацијата веќе не е женска состојба. ОДЦ Ансамбл во круг на жени истражи целосно нов изведувачки јазик што можеме да го наречеме „театар на изолација“.

26 ноември
*ПРЕМИЕРА* „Screensaver“ | 19:30 | онлајн

Следната премиера ја гледаме онлајн. „Screensaver“, танцување во идната носталгија. Интернационална танчерска екипа, епизодично структурирана кореографска серија, дел од истражувањето „КО-серии“, која по уметничкиот престој во Брисел, Стокхолм и Скопје, започнува со премиера на МОТ. „Screensaver“ се појавува како танцувачка практика, но всушност е ТВ поп-шоу или само апсурдно видеорекламирање, кое го носи со себе танцовата архива од 60-тите, 70-тите, 80-тите и 90-тите години. Архивата „Screensaver“ отвора спекулативен простор на минати временски линии што поинаку се занимавале со танцот, простор да коегзистираат истовремено во денешната перцепција на танцот и кореографијата. Просторот каде што може да се доживее танцот што се играл илјада пати, или сеќавањето на некој танц што е виден многу пати и сите го носиме во себе, конечно може да биде доживеан; простор за танц на идна носталгија, простор за танц и кинетички задоволства. Пристапот отвора простор за задоволства во доживувањето на танцот и кореографијата како кинематографска меморија на нашите тела. Перформансот „Screensaver“ е развиен во рамки на програмата „Современа кореографија и танц“ на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата.

27 ноември
„Полковникот птица“ | 18:00 | онлајн
„Ајхман во Ерусалим“ | 20:00 | онлајн

Сцените на Театар Гостивар и ЗеКаеМ Хрватска се онлајн домаќини на четвртиот ден на МОТ, кога гостува НУ Гостиварски театар – најновата театарска институција кај нас. „Полковникот птица“ е нивна трета претстава, прва на македонски јазик. Текстот „Полковникот птица“ од Христо Бојчев е неговиот најуспешен текст, напишан во 1997 година, кој ја добива една од најголемите европски награди за драмски текстови, наградата на Британскиот совет. Дејствието на драмскиот текст зборува за една група ментално заболени луѓе, кои живеат во лудница, заборавени од Бога, и таму стигнува хуманитарна помош, која требало да стигне во кризно подрачје, ама по грешка дошла до нив. Тоа ги охрабрува и тие се организираат да одат до Стразбур, да го изложат својот проблем. Во ова време кога се актуелни мигрантските кризи и премините преку граница, овој текст може да добие нов контекст, а во исто време да зборува за Балканот како вечен кандидат за Европа. „Полковникот птица“ е претстава за различни
луѓе, кои со својата различност и возбуда за нови нешта треба да нѐ пленат сите. Нивната посветеност треба да нѐ учи колку е битно да се верува и да се постои во овој свет, колку и да е тешко. Целта на претставата е да ги разбереме нив, и кога ќе ги разбереме, да станеме подобри луѓе со тоа. Нивната лудост е само начин да се верува. Можеби идејата е утопистичка и идеалистичка, но тоа е и улогата на театарот.
По неа следува Загребачко казалиште младих со „Ајхман во Ерусалим“ во режија на словенечкиот режисер Јернеј Лоренци, кој јасно ја разбира потребата за испитување на баналноста на злото и нејзиното присуство кај секој човек, доаѓа во момент кога практично цела Европа ги преиспитува своите антифашистички корени. Уште една блескава претстава од хрватската сцена. И уште една што се занимава со контроверзна тема. Во вистински момент, кога цела Европа зборува за фашизмот… Фашизмот во нашето
општество.

28-29 ноември
*ПРЕМИЕРА* „Херои 4:33“ | 18:00 | МКЦ

Третата премиера на МОТ доаѓа од Театар „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“, Велес и ја гледаме во живо во МКЦ на 28 ноември. „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски претставува своевидна „инсталација“ во која, преку употребата на различни медиуми во три специфични простори, изолирани едни од други, ја истражуваме врската помеѓу „присуството/отсуството“ карактеристично за театарот како медиум. Гледачите, соодветно заштитени и водени еден по еден, како низ музеј, ќе бидат запознаени со нашите „експонати“, последните преживеани, пионерите на „новата реалност“. Стварноста што ќе биде претставена во секој од просторите, наликува на своевидна дистописка стварност, во која човештината отстапува пред сопствената опачина. Целото доживување, кое гледачот го има од инсталацијата, наликува на оние секунди пред почетокот на претставата, кога светлата во салонот ќе се изгаснат, а претставата сѐ уште не започнала, кога стварноста околу нас отсуствува, а сценската сѐ уште не се појавила. Просторот, костимите и музиката се во функција на доживувањето од овој меѓумомент на „присуство/отсуство“, кое трае нешто повеќе од 13 минути, колку што трае композицијата на Џон Кејџ. Претставата ќе има реприза наредниот ден.

29 ноември
„Три сестри и Наташа П.“ | 19:30 | онлајн
„Илузии“ | 21:00 | онлајн

Следува претстава направена непосредно пред пандемијата. По карантинот: Чехов со музика во живо, Чехов со корона-маски, Чехов на Нишвил Џез фестивал, ФемАрт Приштина, сега и на МОТ. „Три сестри и Наташа П.“, ко-продукција на Арт медиа и Национална опера и балет, во режија на Наташа Поплавска ја следи драмата „Три сестри“ на Чехов со фокус на ликот Наташа Прозорова, сопруга на Андреј Прозоров, братот на трите сестри: Олга, Маша и Ирина. Се отвораат едноставни прашања: зошто ликот на Наташа на листата на карактери е пред ликот на Олга, Маша и Ирина? Ако е прв женски лик, зошто не се појавува прва во драмата? Чија е оваа „драма“? „Драма“ на Андреј, на Наташа или ова е „драма“ на Олга, Маша и Ирина? Какви одговори ќе добиеме? Се отвори проблемот со драмата и преку призмата на „другите“, односно Наташа, ликот што дојде од друго социјално ниво во куќата на Прозорови од Москва.

„Илузии“, инспирирана од истоимената драма на Иван Вирипаев, во режија на Нела Витошевиќ е експериментална, виртуелна претстава, која е приказ и обележје на пандемиското време. Претставата недвосмислено ја покажува желбата и крикот на уметникот да создава во состојба на криза и да му пркоси на времето, кое е неповолно за уметноста. Користејќи се со театарски пристап, но во виртуелниот свет, екипата направи претстава што ги отвора темите на љубов, неверство, отуѓеност на луѓето, како и празнотијата и минливоста на животот. Теми што во вакви новонастанати околности се актуализираат кај секој човек. Приказната ни ја раскажуваат четворица актери, кои играат определена улога, но истовремено се и наратори на дејството.

30 ноември
„Иднината е приватна“ | 19:00 | онлајн

Независната театарска група Пресврт започна токму со овој проект, истражувајќи го реалниот живот, наспроти животот на интернет, приватноста и приватизацијата, дистанцираноста во сајбер- просторот. „Иднината е приватна“, во режија на Милош Б Андоновски беше идеја што се развиваше уште пред појавата на вирусот и карантинското онлајн функционирање. Во време кога виртуелниот простор е единствената агора во која луѓето живеат, која е позицијата на човековата приватност? Дали таа ќе исчезне под влијанието на социјалните мрежи или вешто ќе ја зачуваме? Што се случува кога нашиот идентитет го гради одреден алгоритам? Можеби токму софтверот ќе нè натера да се навратиме кон она што е човечки. Поставена во далечната иднина, претставата „Иднината е приватна“ зборува за живот оформен од физичка дистанца, изолација и комуникација исклучиво преку виртуелни профили.

1 декември
„Спроти нештата“ | 21:00 | онлајн

Најредовниот гостин на МОТ, од самите почетоци на фестивалот. Словенско младинско гледалишче – омилениот театарски ансамбл на нашата публика, овојпат со „Спроти нештата“, во режија на Борис Никитин. Во своите дела, Никитин ги истражува границите помеѓу реалноста и фикцијата, документот и неговиот фалсификат и претпочита да ги разнесува овие категории. Вака создадениот театар е суров, груб, фронтален и директен. Прекумерното реагирање, пародијата, провокацијата и субверзивното играње со границите помеѓу реалното и лажното станаа фино подесени реквизити за популизам во натпревар за политичко внимание. Границите на договореното постојано се поместуваат и се доведуваат во прашање. Како да ја влечеме западната филозофија над дадаистичка јама и прашањето „што е реалност?“ и „кој ја одредува?“ ќе стане гориво за следниот престап. Нефикција во трескавична состојба, пародија како парадигма на нашето време! И последиците, како и секогаш, реални: победа на избори, предизвикување кризи, донесување политички одлуки, војни, продажба на производи. Жртва на ова е малиот човек и неговата веројатно најголема политичка способност: неговата ранливост. Ранливоспособност. Како може да се справиме со сето ова на сцената, овој веројатно најдвосмислен простор што еволуцијата го има создадено некогаш? Можеби само како лоша шлаканица, како спротивставување на нештата.

2 декември
„Кожурец“ | 19:30 | онлајн

Нов храбар обид за експериментирање на театарската група Артопија што повеќе од 4 години е симбол на слободен театарски израз, потрага по нов, со силна желба за искрено пренесување на сопствената емоција од другата страна на просцениумот. Работена според вистинска приказна, претставата „Кожурец“, во режија на Билјана Радиноска го отвора просторот на комплексните односи помеѓу премолчувањето и прозборувањето, барајќи го во театарскиот контекст јазикот да прозбори за внатрешните и надворешни механизми на сексуалната злоупотреба на децата. Претставата претставува своевиден емотивен пејзаж на една траума, преиспитување на репрезентацијата во театарот, збир на сцени, слики и песни, добиени како материјал од истражувачкиот процес.

3 декември
„Лоунли пленет“ | 18:00; 20:00 | МКЦ

Култното Ателје 212 го затвора 45. МОТ со обид оваа тешка состојба да ја преврти во тотална спротивност. „Лоунли пленет“ е претстава од имерзивен карактер, која се изведува на отворени и затворени простори, околу и во театарската зграда, намерно избегнувајќи го класичниот сценски простор, односно самата сцена. Преку колажната структура од пет авторски и изведувачки гласови, кои се испреплетуваат и се провираат едни со други, уметниците ја водат соодветно оддалечената публика на туристичка турнеја низ двете страни на паричката на утопијата и дистопијата на нашето (театарско) секојдневие.
Оваа претстава се одразува на светот на првата половина на 2020 година, додека истовремено се обидува да ги преиспита формите на театар што може да се случат и покрај вирусот, и следствено на тоа, потенцијалните форми на заедништво во јавниот простор на иднината.

 

Како последица на ситуацијата предизвикана од Ковид-19 во која се наоѓаме, тимот на МОТ го задржува правото на измени во распоредот на претставите.

Фестивалот е поддржан од Град Скопје.

Прикажи повеќе...

Најново

Култура53 минути

Eкипата на „Медена земја“ тврди: На Атиџе и обезбедивме дом, храна и лекови – здружението „Бекирлија“ и донациите ќе бидат затворени

Екипата на „Медена земја“ реагира по тврдењата коишто се појавија во јавноста дека Атиџе Муратова е заборавена од сите, без...

Европа2 часа

(Видео) Автомобил удри во оградата на канцеларијата на Меркел

Автомобил управуван од непознато лице удрил во оградата на канцеларијата на германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин. Деталите за оваа...

Свет2 часа

Сингапур го искорени коронавирусот

Некогаш имаше најголема стапка на Ковид-19 во Југоисточна Азија, но откако во вторникот пријави 14 дена без нови локални случаи,...

Македонија2 часа

Во ковид-центрите во Скопје за 24 часа се хоспитализирани 39 пациенти, слободни уште 20-ина места

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 39 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно...

Македонија2 часа

(Видео) Пендаровски: Пандемијата покажа дека домот не е најбезбедно место за многу жени и деца

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, се вклучи во глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“ на Обединетите нации,...

Регион2 часа

Од денес стапува во сила полициски час во Црна Гора

Во Црна Гора од денес угостителските и услужните објекти ќе работат од 7 до 18 часот, а забраната за напуштање...

Европа3 часа

Финцитe мајстори во борбата против коронавирусот

Финска, со население од нешто помалку од 6 милиони жители, е една од земјите што најдобро се справуваат со пандемијата...

Свет3 часа

Трамп ќе го помилува поранешниот советник за безбедност, кој го лажеше ФБИ

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да го помилува поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин, кој во 2017 година призна...

Свет4 часа

Бајден: Сè уште не сум разговарал со Трамп

Новоизбраниот американски претседател, Џо Бајден, изјави дека сè уште не разговарал со актуелниот претседател Доналд Трамп. Бајден во првото интервју...

Свет4 часа

Макрон најави попуштање на мерките

Франција следниот викенд ќе почне со олабавување на мерките против ширењето на коронавирусот за до Божик продавниците, театрите и кината...

Свет4 часа

Австралија ги ублажува мерките, со денови нема нови заразени

Австралиската федерална држава Нов Јужен Велс ќе ги олесни ограничувањата за физичка дистанца и ќе ги отстрани условите за компаниите...

Свет4 часа

Голем метеж на аеродромите и во центрите за тестирање во САД во пресрет на Денот на благодарноста

Метежот на аеродромите и редиците пред центрите за тестирање покажуваат дека многу Американци планираат да го прослават Денот на благодарноста...

Македонија16 часа

Регистрирани се 1039 нови случаи на Ковид-19, починаа 15 лица

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 3143 тестирања, а регистрирани се 1039 нови случаи на...

Свет17 часа

Зошто Путин досега не се вакцинирал?

Рускиот претседател Владимир Путин не може да биде меѓу доброволците кои ќе бидат вакцинирани против коронавирусот до крајот на клиничките...

Свет17 часа

(Видео) Маж со секира држеше во заложништво шест деца во Русија

Маж кој држеше шест деца како заложници во стан во Санкт Петербург, се предаде на полицијата.Во стан во предградијата на...

Македонија17 часа

Мухамед Зекири нов генерален секретар на Владата

Поранешниот пратеник Мухамед Зекири е избран за нов генерален секретар во Владата.Одлуката e донесена на последната владина седница одржана денеска....

Европа18 часа

Старските домови во Шпанија први ќе бидат вакцинирани против Ковид-19

Штитениците и персоналот на домовите за стари лица ќе бидат први вакцинирани против коронавирус во Шпанија, изјави министерот за здравство...

Свет19 часа

САД: Повеќе од 190.000 новозаразени со Ковид-19

Во САД 1.083 лица починаа како последица на Ковид-19 во изминатите 24 часа, додека регистрирани се 190.562 нови случаи на...

Спорт19 часа

Ѓоковиќ најдобар во 2020-та година

Моментно најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ ја завршува годинава на првата позиција на АТП листата. Тоа му појде од рака...

Топ19 часа

Приведен германски државјанин баран и од Интерпол, кај него пронајдени две исчезнати деца

Полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка-Отсек за потрага на ул.МАНАПО во Скопје врз основа на издадена меѓународна потерница...

Досие