Култура
Aмериканската премиера на „Врба“ крунисана со наградата за најдобар филм
Aмериканската премиера на „Врба“ на Милчо Манчевски e крунисана со наградата за најдобар филм на фестивалот во Синеквест, Калифорнија. Ова е главната награда на Синеквест што ја доделува меѓународно жири, а „Врба“ е претставен како филм што нема да го заборавите.
Успехот на „Врба“ е многу значаен за претставувањето пред американската публика затоа што Синеквест е еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент, а се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во силиконската долина, седиште на најголемите технолошки гиганти како „Фејсбук“, „Епл“, „Твитер“, „Нетфликс“, „Зум“, „Линкедин“. Фестивалот е специфичен по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. Годинешното јубилејно 30-то издание на фестивалот место во март, поради пандемијата, се одржа онлајн од 1 до 14 октомври, со програма од 154 филма од САД и светот, учествуваа вкупно 950 артисти, а се одржаа и 95 специјални настани поврзани со филмската работа. Фестивалската програма за кратки и анимирани филмови се квалфикува и за „Оскар“.
Неделава „Врба“ ќе ја има и шпанската премиера во конкуренцијата за награди на фестивалот во Валенсија. Изминатиов период „Врба“ доживеа големи интернационални успеси: во септември беше избран во селекцијата за престижната награда за најдобар филм на Европската филмска академија (ЕФА) позната и како европски „Оскар“, а доби и две номинации (за најдобар игран филм и за најдобар режисер) на еден од најголемите фестивали за независен филм Рејнденс во Лондон.
Измина точно една година од светската премиера на фестивалот во Рим, при што „Врба“ постигна рекорди во кино и ТВ-прикажувањето дома, ласкави критики во светските медиуми (длабок, суптилен), над 20 фестивали на четири континенти и 3 награди, а филмот го продолжува фестивалскиот поход со несмалено темпо, што привремено беше запрено поради пандемијата на Ковид-19. Исто така, се очекува следната недела „Врба“ да се врати и во македонските кина како дел од програмата на киното „Синеплекс“ во Скопје.
Во исто време со успехот на „Врба“ се подготвува и новиот филм на Манчевски „Кајмак“, поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а сега доби поддршка и од данската држава – од Данскиот филмски институт.
„Данскиот филмски институт го поддржа ‘Кајмак’, а дански продуцент на филмот е славната Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентката на филмовите ‘Меланхолија’ и ‘Антхрист’ на Ларс фон Трир, на данскиот кандидат за „Оскар“ – „Кралската афера’ и на ‘Сопругата’ за кој Глен Клоус доби номинација за „Оскар“, како и на хит-сериите ‘Премиерката’ и ‘Рагнарок’, меѓу другите. Многу сме задоволни што по соработката со британската легенда Ник Пауел за ‘Врба’, новиот филм на Манчевски ќе овозможи во македонска меѓународна копродукција да влезе уште една реномирана европска и светска продуцентка како Мета Фолдагер“, вели Јане Ќортошев, македонскиот продуцент на „Кајмак“.
Новиот филм на Манчевски, „Кајмак“, е поддржан во првиот рок на одлучување на конкурсот на Агенцијата за филм како проект со мнозински македонски удел, а во него се активни продуценти од дури осум држави: Данска, Велика Британија, Белгија, Луксембург, Полска, Унгарија, Албанија и Словенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.