Култура
Црната комедија „Бардо Тодор“ на 9 јуни ќе се одигра во Скопје
Црната сатирична комедија „Бардо Тодор“, на 9 јуни, во 20 часот ќе се одигра во Домот на култура во Кисела Вода „Билјана Беличанец“. Претставата која на сатиричен начин носи силна порака е дело на режисерот Сашо Миленковски и авторот Сашо Кокаланов, а е помогната од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.
Актерската екипа е составена од младите актери Надица Дојкоска, Наум Ѓорѓиески и Димитар Паскоски. Од „Еко-свест“ напоменуваат дека влезот за оваа претстава е бесплатен за сите оние кои ќе дојдат да ја погледнат во Домот на култура во Кисела Вода „Билјана Беличанец“.
Кокаланов за претставата вели дека „Бардо Тодор“е црна сатирична комедија која зборува за страшните последици по животот на луѓето кои живеат како први соседи на една термоцентрала со коп на јаглен, приклештени во противречноста – убиецот да им е и главен работодавец. „Приказните се пародија направена според мотиви од приказните за треската, борџот и чумата на Марко Цепенков, како и „Бардо Тодор“, тибетски будистички текстови за искуството на душата по смртта, во западниот свет книга позната како „Тибетска книга на мртвите“.
Идејата беше да се направи драмска нарација во која, паралелно, преку современи ликови и преку нивно карикирање во духот на антологиските ликови од народните преданија, ќе се зборува за апсурдноста на прифаќањето на реалноста да се живее во близина на масовен убиец само затоа што тој убиец обезбедува некаква егзистенција“, наведе авторот за претставата. Тој истакна дека едночинката ќе се игра на отворено, за да му се даде можност на Комбинатот (РЕК Битола) да биде лик во комедијата. „Притоа, ќе се обидеме да испратиме некои пораки за потребата од праведна транзиција – убиецот да е затвори, но притоа крајот да не се опустоши“, наведе Кокланов.
Од Центарот „Еко-свест“ нагласија дека ваквиот тип на претстави се наменети да допрат до широката јавноста за потребата да се направат промени во однос на производството на електрична енергија на јаглен, што носи страшни последици врз здравјето на луѓето. „Нашата главна цел е да ја заштитиме природата и да е спротивставиме на се она што и штети, вклучително и на штетните влијанија врз здравјето на луѓето. Затоа целосно поддржуваме ваков вид на проекти и секојдневно гласно говориме чекорите кои треба да се преземат со цел да се промени моменталната состојба“, потенцираа од „Еко-свест“. Оттаму нагласија дека се надеваат дека пораката што ја испраќа претставата ќе допре до граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Поетот Христо Петрески освои престистижна награда во Црна Гора
На Меѓународниот поетски фестивал Брегот на поетите во Даниловград (Црна Гора), македонскиот поет Христо Петрески ја освои највисоката и единствената награда Александар Секулиќ. Во образложението на Стручната жири-комисија составена од универзитетски професори, критичари и писатели се вели дека Петрески се наградува за креативниот и творечки лирски опус со осведочени уметнички вредности.
Христо Петрески настапи и на Тркалезната маса на тема Поезијата денес, како и на централниот митинг покрај реката Зета во центарот на Даниловград.
Досегашни добитници на наградата која го носи името на познатиот поет Александар Секулиќ, се Перо Зубац и Радомир Андриќ.
Култура
Со церемонија на „Скендербег“ заврши Албанскиот саем на книгата – Скопје 2026
Со завршната церемонија одржана на плоштадот „Скендербег“, денес заврши првото издание на Албанскиот саем на книгата – Скопје 2026, настан што четири дена по ред го претвори Скопје во центар на книгата, културата и албанскиот јазик.
Саемот обедини десетици издавачки куќи, автори, истражувачи и љубители на книгата од Северна Македонија, Косово и Албанија, носејќи илјадници наслови, книжевни промоции, дискусии и културни содржини кои го збогатија културниот живот на градот.
„Четири дена по ред, Скопје живееше со книгата, културата и албанскиот јазик. Овој саем покажа дека постои голем интерес за книгата и дека културата останува една од најсилните врски што нѐ обединува како општество. Горди сме што ги поставивме темелите на една нова културна традиција, која ќе продолжи да расте и во годините што следуваат“, истакна градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.
Албанскиот саем на книгата – Скопје 2026 беше организиран во рамките на манифестацијата „Културно лето на Чаир 2026“.
Култура
Народниот Театар Битола стана дел од основачите на Балканската асоцијација на театри и фестивали
НУ Народен Театар Битола учествуваше на официјалната прес-конференција во рамките на Меѓународниот фестивал Бабел Фаст во Трговиште, Романија. На прес-конференцијата, покрај директорот на НУ Народен Театар Битола, Васко Мавровски, присуствуваа и директорот на Театарот „Тони Буландра“ од Трговиште и директор на Бабел Фаст фестивалот Мек Ранин, како и уметничкиот директор на фестивалот Бабел Фаст, Ливиу Келоју. Во своето обраќање, директорот на Битолскиот театар го претстави НУ Народен Театар Битола и ја истакна честа и задоволството што оваа институција за првпат е дел од еден од најзначајните и најреномирани меѓународни театарски фестивали во регионот и пошироко.
Посебен момент на денешната средба беше официјалната најава за формирање на Балканска асоцијација на театри и фестивали – значајна иницијатива која има за цел продлабочување на културната соработка, размена на искуства и заеднички развој на театарската уметност во регионот.
НУ Народен Театар Битола ќе биде меѓу основачите, потписниците и членови на оваа асоцијација и со тоа продолжува да ги гради своите меѓународни партнерства и да биде активен промотор на македонската театарска уметност пред светската публика.
Во рамките на фестивалот НТБ учествува со претставата „Ричард трети“ од Вилијам Шескпир во режија на Мартин Мирчевски со што уште еднаш го потврдува високото уметничко ниво на македонскиот театар и достојно претставување на Битола и Република Македонија на меѓународната сцена.
