Култура
Денови на француски филм во Битола
Љубителите на филмската уметност во Битола ќе имаат можност да се забавуваат и да уживаат во изборот на квалитетни филмски остварувања од француската кинематографија.
Во сабота и во недела, во малата сала на 3Д Кино Битола при Домот на култура во Битола, со почеток во 19.30 часот, ќе се одржат Денови на француски филм.
Ќе бидат прикажани два филмски наслови кои ја претставуваат поновата француска кинематографија. Станува збор за криминалната драма „Соседството на Џо“ од Алан Миние и за „Место на земјата“ во режија на Фабиен Годе.
Деновите на француски филм ги организира продукциската и дистрибутерска компанија „КТ ФИЛМ И Медиа“ од Скопје.
Кратка содржина за „Соседството на Џо“:
После 15 години поминати во затвор, Џо се враќа во старото маало, збир од скапи недвижнини во париското предградие. Неговото маало е целосно сменето, нови банди и нови правила сега владеат со ова место. Џо тешко се справува со овие промени особено откако ќе дознае дека жената што ја сакаше сега е мајка на 14-годишно момче. Џо мора да се справи со сенките од минатото.
За „Место на земјата“
Антоан е фотограф. Неговиот единствен пријател е 7-годишниот Матео, син на неговиот сосед, кој често не е дома. Еден ден ќе слушне соната за пијано која доаѓа од спротива. Маѓепсан од музиката, се опседнува со Елена, убава и мистериозна пијанистка и почнува да ја фотографира секојдневно. Меѓу нив почнува да се развива интензивна врска, која ќе го смени Антоан./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на кривопаланечки драми од Страхил Алексиќ
Во НУ Центар за култура Крива Паланка , во петок со почеток во 12 часот, ќе се одржи промоција на кривопаланечките драми „Ожењи се Санде калајџија“ и „Најефтината свадба“ , чиј автор е Страхил Алексиќ.
Драмските дела се инспирирани од вистинси настани кои се дел од кривопаланечката историја и традиција, а Алексиќ ги има напишано пред 30-тина години.
Драмата „Ожењи се Санде калајџија“ за првпат е поставена и изведена во 90-тите години под раководство на проф. Марица Николовска, а пред повеќе години беше реобновена и претставена пред кривопаланечката публика од Драмското студио при НУ Центар за култура, во режија на Глигор Цветковски. Во 2018 година, пак, е изведена од ученици од СОУ„Ѓорче Петров“, под раководство на проф. Катерина Наковска Митовска, што јасно говори за интересот кај познавачите на драмското творештво, младите актерски таленти и кривопаланечката јавност.
Делото „Најефтината свадба“ досега не е драматизирано и не е познато на јавноста.
Страхил Алексиќ е првиот и засега единствен автор од Крива Паланка кој напишал драмски дела што сведочат за кривопаланчките настани од минатото, со што се потврдува нивната неизмерна вредност.
Издавач на кривопаланечките драми на Алексиќ е НУ Центар за култура од Крива Паланка, рецензент е Емилија Колевска, а подготовката на делата и промоцијата се реализираат во соработка со ЛУ Градски музеј и Општина Крива Паланка.
Настанот е дел од програмата на манифестацијата „Крива Паланка-Град на културата 2024“.
Култура
Изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ во КИЦ во Софија
Во галеријата на Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија на 18 април (четврток) 2024, со почеток од 18:30 часот, ќе биде отворена ликовната изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“.
На изложбата ќе бидат претставени дела кои се настанати во Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во периодот од 2019 до 2023 година. Составот на авторите е од поранешни и сегашни студенти во оваа образовна установа, и тоа се: Александра Јеротијевиќ-Андреева, Бојана Тошевска, Вангел Крстиновски, Дејан Витанов, Ивана Ивановска, Крсте Тарабунов, Миа Ефремова и Мики Иванов.
Нас. доц. д-р Иво Пецов, како куратор на изложбата, се погрижи да бидат избрани нај карактеристичните дела од ареалот на штипската Ликовна академија, во согласност со целите на нејзината програма – да образува кадри од областа на класичното сликарство.
Во образовната програма „Класично сликарство“ студентите од оваа изложба работеле под менторство на различни наставници, и тоа: Лариса Бондаренко и Владимир Недајборшч од Украина, Викторија Егорова и Игор Егоров од Русија, како и македонските професори: Јана Јакимовска, Јордан Ефремов, Слободан Милошески и Ванѓа Димитријева-Кузманоска.
Жанровски нај застапена е мртвата природа, а исто така може да се видат и лицата на некои од авторите преку жанрот автопортрет, како и дела кои биле дел од специфични задачи од опфатените предмети во Ликовната академија.
Изложбата ги опфаќа класичните сликарски техники: маслени бои на платно, акрил на платно, сув пастел на хартија и слично, а форматите се галериски.
При селектирањето на делата се акцентираше врз владеењето на академските вештини во сликарството. При селекцијата беше отворена можноста за учество на дела од автори кои развиле свој посебен стил и уникатност во изразувањето, за чиј развој дала придонес Ликовната академија во Штип.
Целта на изложбата е да го претстави квалитетот на ликовната обука и да ја афирмира Ликовната академија во државата и регионот, да го претстави развојниот пат на креативните личности сврзани со оваа институција.
Култура
Бесплатен влез во музеите и на локалитетите по повод Светскиот ден на спомениците и локалитетите, 18 Април
По повод 18 Април, Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, утре е обезбеден слободен влез во сите национални установи од областа на заштитата на културното наследство, кои ќе бидат отворени во текот на целиот ден, со што граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со археолошките локалитети и спомениците во државава.
Отворени ќе бидат вратите на националните установи: заводи и музеи во Битола, Штип, Охрид, Прилеп и во Струмица; Стоби и Хераклеја; Спомен-куќата на Тоше Проески; Археолошкиот музеј; Националната галерија со сите свои објекти; Музејот на современата уметност; Музејот на македонската борба; Историскиот музеј во Крушево; Музејот на албанската азбука; Уметничката галерија во Тетово; „Д-р Никола Незлобински“ во Струга; Музејот на Западна Македонија во НОВ – Кичево; Музејот на тетовскиот крај; Природонаучниот музеј; Музејот на Северна Македонија; музеите во Куманово и Гевгелија.
Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) во 1982 година го прогласи 18 Април за Светски ден на културното наследство, а ИКОМОС секоја година препорачува тема за прославата и активностите на тој ден организирани од страна на националните и меѓународните научни комитети.
Секоја година темите се актуелни и се однесуваат на подигнување на свеста на јавноста за значењето на светското културно наследство, за заштитата, чувањето и афирмацијата на непроценливото богатство откриено преку археологијата.
Годинашна тема за Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите е „Катастрофи и конфликти низ призмата на Венециската повелба“.
На тригодишното генерално собрание на ИКОМОС во 2023 година во Синдеј, темата „Наследство отпорно на катастрофи и конфликти – подготвеност, одговор и закрепнување“ беше избрана како тема за тригодишниот научен план 2024 – 2027 година. За таа цел, ИКОМОС Македонија во текот на април го разгледува скопскиот земјотрес во 1963 година и неговиот ефект врз културното наследство низ призмата на годинашната тема.