Култура
Дизајнерот на звук од „Game of Thrones“ и „Harry Potter“ доаѓа во Скопје на 7 мај
Дизајнерот на звук од „Game of Thrones“ и „Harry Potter“ доаѓа во Скопје на 7 мајПо повод одбележувањето на 20 години постоење на Агенцијата за филм започнува серија на мастеркласови со врвни меѓународни професионалци, со цел унапредување на знаењето и вештините во помалку застапените, но клучни сегменти на филмската индустрија.
Првиот мастерклас ќе се одржи во Скопје на 7 мај (четврток) со почеток во 11 часот во киното Cineplexx во Skopje City Mall. Гостин-предавач е Andy Kennedy од Англија, еден од водечките светски професионалци во областа на дизајн и монтажа на звук, добитник и номиниран за престижните Emmy и BAFTA награди. Andy Kennedy е еден од поискусните професионалци во областа на филмскиот звук, со кариера што опфаќа повеќе од три децении и над 90 филмски и телевизиски проекти. Добитник е на две Emmy награди за монтажа на звук на минисериите Band of Brothers и Generation Kill.
Претходната недела беше номиниран за BAFTA Craft Award за најдобар звук на серијатa Lockerbie: A Search for Truth. Неговиот пристап се одликува со силен фокус на автентичност и детална звучна атмосфера, при што често користи реални теренски снимки за да постигне уверливо и емотивно аудио искуство. Особено се истакнува во проекти каде звукот има клучна улога во раскажувањето, како што се историски драми и комплексни телевизиски продукции.
Неговиот професионален ангажман го вклучува на некои од најзначајните светски продукции, меѓу кои се издвојуваат: Game of Thrones (прва сезона), Bohemian Rapsody, The Crown, Batman Begins, филмовите од франшизата Harry Potter, The Imitation Game и Fantastic Mr. Fox. Препознатлив по својот пристап кој се темели на автентичност, прецизност и емоционална длабочина на звукот, Kennedy ќе понуди уникатен увид во процесот на создавање звучен идентитет во современата филмска продукција.
Овој мастерклас претставува ретка можност за директна средба со врвен светски експерт, и е наменет за филмски професионалци, студенти и сите кои сакаат да го продлабочат своето знаење во областа на звучниот дизајн. Настанот ќе се одржи на англиски јазик.
Влезот е слободен, но местата се ограничени и неопходно е претходно пријава на следниот линк: https://forms.cloud.microsoft/e/mWsB4PiaML
Дополнително, на 8 мај ќе се одржи и затворена практична работилница, наменета за режисери и професионалци од постпродукција, каде учесниците ќе имаат можност за непосредна работа и размена на искуства со предавачот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Со „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“ свечено отворени 54. Мајски оперски вечери
Со изведбата на оперите „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“ од Џакомо Пучини, синоќа во Македонската опера и балет беше отворено 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Публиката премиерната изведба ја поздрави со долги аплаузи и овации.
Диригент на двете едночинки беше Џанлука Мартиненги, кој го водеше оркестарот низ две различни музички и драмски атмосфери – од трагичната и емотивна „Сестра Анџелика“ до сатиричната и комична „Џани Скики“.
Во главната улога во „Сестра Анџелика“ настапи сопранистката Валентина Бои, која ја донесе емотивната приказна за монахињата што се соочува со лична трагедија. Бенедета Мацето настапи како Принцезата, во улога што внесе силна драмска тензија во претставата.
Режијата е на Пјер Франческо Маестрини, сценографијата на Гиљермо Нова, костимографијата на Кристина Ачети, а светлото го потпишува Милчо Александров.
Во вториот дел од вечерта беше изведена комичната опера „Џани Скики“, во која главната улога ја толкуваше Роберто Де Кандиа. Настапија и Ана Дурловски како Лаурета и Гуо С-Жао како Ринучио.
Публиката особено ја поздрави изведбата на аријата „O mio babbino caro“, како и ансамбл сцените во операта.
Со ова отворање, Мајските оперски вечери ја започнаа новата фестивалска сезона со продукција што обедини силни вокални интерпретации, впечатлива сценографија и современ режисерски пристап.
Култура
Самостојна изложба „Македонска Златна Азбука“ на Мaја Танева во Мобилната/Монтажна галерија во Скопје
Денес во Мобилната/Монтажна галерија во Скопје, ќе биде отвотена самостојната изложба „Македонска Златна Азбука“ на уметницата Мaја Танева, проект кој ја истражува македонската азбука како простор на идентитет, културна меморија и современ визуелен израз.
Изложбата опфаќа 31 дело, по едно за секоја буква од македонската азбука, изработени во акрилна техника со златна фолија на акрилен хамер. Дел од буквите се врамени, додека други излегуваат од класичниот формат и го преземаат самиот галериски простор,претворајќи ја изложбата во визуелно и емоционално искуство.
„Азбуката е едно од ретките нешта што тивко нè следат низ целиот живот. Преку неа првпат го пишуваме сопственото име, првпат читаме и се препознаваме себеси во јазикот,“ вели авторката.

Златото во изложбата не симболизира материјално богатство, туку вредност која што не бледее, како јазикот, наследството и културниот идентитет. Во време на забрзана дигитална визуелна култура, „Македонска Златна Азбука“ отвора простор за повторно поврзување со сопствениот јазик преку уметноста.
Мaја Танева е визуелна уметница и скулпторка, препознатлива по својата работа со инокс и жичени форми. Иако нејзините последни години се обележани со скулпторски изложувања, „Македонска Златна Азбука“ претставува посебен авторски проект и изложување со слики, создадено како визуелно истражување на буквата, јазикот и културниот идентитет, но и продолжување на истражувањето на формата, симболот и просторот низ нов медиумски пристап.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ, во рамки на програмата за развој на Креативни индустрии за 2026 година. По завршувањето на изложбата, делата продолжат да живеат и надвор од галерискиот простор преку дигитална архива, PDF-изданија и принтови достапни за пошироката публика и културни институции.
Изложбата е отворена од 11-ти до 17-ти мај во Мобилна/Монтажна галерија – Скопје.
Култура
Трето издание на Деновите на поезијата, од 14 до 16 мај
„Поезијата е свртена кон човекот, се создава за него и ги дели неговите соништа“. Под ова мото, кое му го должиме на Ацо Шопов, годинава ќе се одржи третото издание на Деновите на поезијата, од 14 до 16 мај, во Скопје Сити Мол.
Соништата на нашите поети – оние што се со нас, и оние што веќе ги нема – ќе бидат во срцевината на програмата, со која фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ доследно продолжува да гради мостови меѓу генерациите.
Традиционално, манифестацијата ќе започне со одбележување на јубилеи на истакнати македонски поети и творци: Васил Куноски и Волче Наумчески (родени 1916), Блаже Конески (1921), Видое Видичевски, Илхами Емин, Анте Поповски, Љупчо Стојменски и Љубен Ташковски (1931), Петар Т. Бошковски и Михаил Ренџов (1936), Светлана Христова-Јоциќ (1941), Атанас Вангелов и Васил Пујовски (1946).
Во текот на Деновите ќе бидат одбележани и јубилејните родендени на Јован Стрезовски, Иван Чаповски, Ефтим Клетников, Катица Ќулавкова, Ванчо Полазаревски и Гордана Јовиќ-Стојковска. На поетската сцена ќе настапат и современите македонски поети: Лира Бојку, Ристо Василевски, Вероника Димоска, Саранда Мехмеди, Нино Наумовски, Елена Пренџова, Михајло Свидерски, Милена Силјаноска, Стефан Спасовски, Виолета Танчева-Златева и Лејла Шериф Емин.
Истовремено, манифестацијата ја зајакнува и својата меѓународна димензија. Минатата година, публиката имаше можност да се запознае со младиот грчки поет Сотирис Минас, кој остави силен впечаток во јавноста, а му беше оддадена почит на сенегалскиот поет Леополд Седар Сенгор (1906-2001). Годинава, пак, како почесна гостинка ќе настапи Дорис Карева, од Естонија, едно од најзначајните имиња во современата европска поезија.
Како што е вообичаено, најновата поетска генерација ја заокружува агендата на манифестацијата. Овојпат, во чест на Анте Поповски, поканети се млади добитници на наградите кои го носат неговото име.
Годинава се навршуваат и 55 години од првото издание на „Златно славејче“, како и 90 години од раѓањето на Александар Џамбазов, кој заедно со Васил Пујовски го иницираше овој фестивал. Затоа, во сабота 16 мај, поетската сцена на фондацијата „Ацо Шопов-Поезија“ и Скопје Сити Мол ќе се претвори во еден прекрасен поетски и музички лавиринт, низ кој публиката ќе ја води Игор Џамбазов. Предвидена е и интерактивна програма во која учествуваат ученици од основните училишта „Ацо Шопов“ и „Владо Тасевски“.
Голем број деца од целата земја се очекуваат и на Државниот рецитаториски натпревар за ученици од основно и средно образование кој ќе се одржи во киното Синеплекс.
Во Синеплекс настапува и ПОЕТРОНИКА со концертот „Кон Ацо Шопов“ – современ музичко-поетски омаж на неговото творештво. За влезниците информации можат да се добијат на Инфопултот во Скопје Сити Мол.
Публиката и овојпат ќе биде вклучена во програмата преку интерактивни содржини за кои се предвидени пригодни награди. Посетителите ќе имаат можност да запишуваат свои стихови на „Ѕидот на поезијата“, како и да учествуваат во наградната игра „Поетско тркало на среќата“.
Како новитет, Деновите на поезијата годинава го воведуваат Поетскиот саем на книгата, замислен како простор за средба меѓу поетите, издавачите и читателите, како и за промоција на современата поетска продукција.
Воедно, за првпат една македонска поетска манифестација станува дел од агендата на „Поетската пролет“ — француска иницијатива која со текот на времето добива сè поизразен меѓународен карактер и претставува значајна платформа за светска поетска и културна размена.
Партнери на настанот се Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност, при УКИМ, основните училишта „Ацо Шопов“ и „Владо Тасевски“, издавачките куќи „Литература.мк“, „ПНВ Публикации“ и „Чудна Шума“, Македонскиот ПЕН Центар, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, младинското здружение „Култура бета“, како и киното Синеплекс.
