Филм
Никол Кидман во американскиот римејк на францускиот филм „Недопирливите“
Австралиската актерка Никол Кидман преговара за улогата во римејкот на големиот француски филмски хит од 2011 година „Недопирливите“ (Les Intouchables), дознава порталот Deadline.
Во комедијата снимена по вистински настан за топлото и искрено пријателство меѓу двајца мажи од два различни општествени слоеви, Никол Кидман би требало да ја игра улогата на домаќинка во куќата на богатиот аристократ Филип кој станува тетраплегичар по тешката несреќа на параглајдинг.
Британката Амара Каран во филмот ќе го толкува ликот на секретарката на богаташот, кој во долгометражниот оригинал на Ерик Толедано и Оливие Накаше го толкуваше Одри Флеро.
Улогите на Франсоа Клузет и Омар Си ќе им припаднат на Брајан Кранстон и Кевин Харт.
Режијата на американската верзија ќе ја потпише Нил Бергер, режисер на трилерот „Limitless“ и драмата „The Illusionist“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„И Божана сака чоколадо“: Почна снимањето на новиот филм на Небојша Јовановиќ
Небојша Јовановиќ викендов го почна снимањето на својот нов филм со работен наслов „И Божана сака чоколадо“, копродукција меѓу Македонија, Србија и Молдавија, работен по сценарио на Ева Камчевска и Небојша Јовановиќ.
-Ова е храбар филм за немоќта на едно општество да се осознае, за последиците од неприфаќањето на сопствените и изборите на другите, за нештата кои длабоко не засегаат и болат како општество, а не сакаме да си ги кажеме едни на други, вели Јовановиќ и подвлекува дека е задоволен со реализацијата на овој филм, бидејќи обработува исклучително важна тема, која буквално ја живееме секојдневно, а уметноста е најубавиот начин да се погледнеме во огледало.
Филмот се снима на локации во центарот на Скопје. Главните улоги ги толкуваат Даниела Ивановска, младиот Александар Стоименовски, кој во изминатиов период гради успешна актерска кариера во Белград, а во улогата на малиот Ивица се појавува Дарен Тодевски.
Останатиот дел од актерската екипа ја сочинуваат: Петар Мирчевски, Маја Вељковиќ, Гордана Ендровска, Марија Кондовска и Мартин Ѓорговски.
Кастинг директор е Биљана Драгичевиќ, кинематографер Дарио Секуловски, костимограф Жаклина Крстевска, шминката е на Жанета Димитриевска.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија.
Култура
В недела се доделуваат Оскарите, МТВ со директен пренос од Холивуд
Македонската Телевизија ексклузивно ќе го прикажува 98-то доделување на Оскарите, најпрестижните филмски награди во светот, в недела 15 март, директно од театарот Долби во Холивуд, Лос Анџелес.
Академијата за филмски уметности и науки ќе ги награди најдобрите остварувања во 2025 година. Рекордни 16 номинации има „Грешници“ во режија на Рајан Куглер, 13 номинации освои „Една битка по друга“ на Пол Томас Андерсон, по 9 имаат „Франкенштајн“ на Гијермо дел Торо, „Марти Величествениот“ на Џош Сафди и „Сентиментална вредност“ на Јоаким Трир, додека „Хамнет“ на Клои Џао има 8 номинации.
Програмата „Ноќ на Оскарите“ ќе започне МТВ 1 во 23 часот и 5 минути.
Во 23.30 е почетокот на преносот од Црвената патека, пристигнувањето на најголемите имиња од филмската индустрија и кратки интервјуа со номинираните.
На полноќ започнува 98-та Оскаровска церемонија која ќе ја води Конан О’Брајан, а многу холивудски имиња ќе бидат дел од шоуто, како Никол Кидман, Адријан Броди, Деми Мур, Роберт Дауни џуниор, Ченинг Тејтум, Сигурни Вивер, Зои Салдања, Мајки Медисон, Крис Еванс, Гвинет Палтроу, Киеран Калкин и многу други.
Коментатор на преносот е Миланка Рашиќ.
Скратената двочасовна снимка „98-ми Оскари: Победници“ ќе се емитува во вторник од 20.15. и во сабота во 23.10.
Фото: Depositphotos
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.
