Филм
Почина британскиот актер Џон Форџем по фаталниот пад
Познатиот британски актер Џон Форџем почина на 75-годишна возраст по фаталниот пад и скршеницата на клучната коска, објавија во саботата медиумите.
Весникот Daily Mail пишува дека причина за смртта е внатрешно крварење предизвикано од скршената клучна коска. Форџем се повредил на 8-ми март, откако паднал од креветот во неговиот дом во Источен Сасекс. Актерот бил хоспитализиран поради внатрешното крварење, а два дена подоцна во петокот починал во болницата.
Форџем е роден во градот Кидерминстер, во грофовијата Вустершир. Од 1966 до 1972 година беше актер на славната трупа Кралска шекспирска компанија. Тој е познат по улогите во филмовите „Италијанска работа“(The Italian Job, 1969), „Побрз од ветрот“(King of the Wind, 1990), „Бакнежот на змејот“ (Kiss of the Dragon, 2001) и „Mean Machine“ од 2001 година и други./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Европски филмови на плажа и на брод во Охрид секоја вечер до недела – „Живи и здрави“ го отвори 7. издание на „Бич филм фестивал“
Под отворено небо, филмот „Живи и Здрави“ на црногорскиот режисер, Иван Мариновиќ, синоќа го отвори седмото издание на фестивалот „Бич филм фестивал“ на плажата Славија во Охрид, кој ќе трае до недела.
Филмот кој на комичен и сатиричен начин ја раскажа приказната за една традиционална црногорска свадба која целосно излегува од контрола, успеа да ги изнасмее од срце присутните на плажата, но истовремено и да отвори бројни теми како што се бракот, патријархот, личните дилеми, бегството и прифаќањето на себе си, а најпосле и на реалноста.
На проекцијата присуствуваше дел од екипата, како и режисерот Мариновиќ, со кои потоа публиката имаше можност да ги сподели впечатоците од филмското дело и да се запознае подобро.
Филмот е мнозински црногорски филм снимен во копродукција со уште пет држави, меѓу кои и Македонија. Партнери во филмската копродукција се „Адриатик вестерн“ од Црна Гора, „Сенс продукција“ од Србија, „Аналог вижн“ од Чешка, „Кинорама“ од Хрватска, „Круг филм“ од Македонија“ и „Спок филм“ од Словенија, а како копродуцент се појавува и Радиотелевизија Црна Гора. Музиката во филмот е на Тони Китановски, а дел од актерската екипа е македонскиот актер, Никола Ристановски кој беше беспрекорен во својата улога.
Фестивалското отворање го донесе и краткиот филм „Шарац“ по сценарио и режија на Димитар Банов кој присуствуваше на настанот.
Во центарот на приказната е Шарац, кој по откривањето на неговата срцева состојба ја губи волјата за социјален живот. Сепак се’ се менува кога ќе се соочи со пријателите од средношколските денови… Во дискусијата по проекцијата беше истакнато и дека Шарац истовремено претставува и почеток на кампањата на Здружението за едукација, промоција и заштита на здравствените и човековите права „Биди Човек“ за благосостојба низ целиот животен век.
Интересна беше и проекцијата на краткометражниот „Гнев“ – изработен од млади филмски ентузијасти на работилница за филм во рамките на фестивалот. Фокусирајќи се на присуството на казината и обложувалниците на секој чекор во градот, филмот направи интересна паралела помеѓу звуците на слот машините и блескавите излози со забавниот адреналински парк, создавајќи гнев кај младиот човек кој чувствува потреба да побегне.
Фестивалската вечер ја збогати настапот на македонска поп-рок-инди-џез група Sioto Jazz (Сиот тој џез) кои останаа на сцената подолго од предиденото на барање на публиката.
„Бич филм фестивал“ до недела ќе се одржува на четири локации во Охрид: Плажа Славија, Брод Армада, Плажа Сараиште и Младински Центар Охрид. Важно е да се напомене и дека за бродот „Армада“ билетите може да се купат само онлајн.
Во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филмови: Rodeo, Summer to come, Afire, Milk, Some birds и Pelican.
Покрај главната програма, на фестивалот дополително ќе бидат претставени и 13 краткометражни филмови, вклучувајќи и на Ана Јакимска, Елеонора Венинова и Јане Спасиќ.
Оваа година четиричленото жири, кое се состои од Julián Génisson (во соработка со шпанската амбасада), Karla Šola, Agim Abdula и Jenńi Ƶyĺka (во соработка со Гете институт), ќе ги додели наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски-Сидо“ за најдобро актерско остварување. Тричленото жири, пак, во состав Ѓоко Симјаноски, Веле Митаноски и Свето Стефановски, ќе ја додели наградата „Мал бран“ за најдобар краткометражен филм.
Култура
Бруно Делбонел е добитник на „Златната камера 300“ за животен опус на 45. издание на „Браќа Манаки“
Оваа година од 21 до 27 септември во Битола ќе се одржи јубилејното 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, соопшти на денешната прес-конференција директорот на Фестивалот, Симеон (Мони) Дамевски.
Годишниот лауреат на наградата за животен опус „Златна камера 300“ е Бруно Делбонел – истакнатиот француски и светски кинематографер.
Бруно Делбонел е најновиот член во Клубот на великаните на „Браќа Манаки“. Изодувајќи го патот од лауреат на „Специјалната ‘Златна камера 300’ за особен придонес во светската филмска уметност“, што фестивалот „Браќа Манаки“ му ја додели во 2011 година, по 13 години, Делбонел им се придружува на светските кинематограферски великани, сега закитен со „Златна камера 300 за животен опус“.
Роден е 1957 година во Нанси, Франција. Студирал филозофија на Сорбона, а дипломирал во 1978 година на ESEC (Ecole Superieure d’Etudes Cinematographique), популарна и ценета школа за кинематограферски студии во Париз.
По дипломирањето, Делбонел пројавил афинитет и кон режија, па во 1989 година го режира долгометражниот документарен филм инспириран од светот на циркусот – „Големиот циркус“/THE GRAND CIRCUS, но потоа ja продолжува својата кариера како кинематографер создавајќи завиден опус во соработка со многумина значајни француски и светски режисери.
На почетокот на кариерата како самостоен кинематографер ќе сними два кратки филма за сценаристичко – режисерскиот тандем Марк Каро – Жан Пјер Жене/Marc Caro-Jean Pierre Jeunet и ова искуство ќе се покаже како решавачко, особено во подоцнежната соработка со Жене, кому во 1984 година му го снима краткиот игран филм „Нема одмор за Били Брако“/Pas de repos pour Billy Brakko). Во 1993 ќе дебитира со целовечерен игран филм, а со Жене станува повторно партнер во нивните две антологиски дела за кои Делбонел ги доби првите две од вкупно шест номинации за „Оскар“: „Амели“/AMELIE (2002) и „Многу долга венчавка“/A VERY LONG ENGAGEMENT (2005).
Во 2001 година, пред да дојде до номинацијата за „Оскар“, на фестивалот во Карлови Вари филмот „Необичната судбина на Амелија Пулен/LE FABULEUX DESTIN d’AMELIE POULAIN го освои „Кристалниот глобус“. Тоа во аналите на овој фестивал останува како најголемо откритие на дело од француската кинематографија, а организторите на Кан ги остава разочарани поради сторениот превид бидејќи пропуштиле тие да го лансираат овој антологиски авторски филм, кој важи и за еден од најкомерцијалните.
Делбонел со „Амелија“ на 44 години достигнува светска слава и во овој филм креира визуелно маестрално ремек-дело рефлектирајќи го бајковитиот, обично необичен свет на Амелија.
.
Изборот на Тату во ликот на Амелија е полн погодок. Актерката со целиот свој талент се вградува во необичниот карактер на нежната девојка, а Делбонел ја трансформира со визуелна разиграност и оригиналност својствена за неговиот изразен стил. Тој како да се претвора во очите и душата на Амелија, нè воведува во нејзините доживувања со несекојдневна визуелна енергија, градејќи ги чудата на оваа девојка со своевиден поетско-магичен хиперреализам. Речиси секој кадар е доживување за себе во необичното секојдневие од животот на Амелија, а воедно и посвета за Париз низ инспиративна колоратура градејќи разгледници изникнати од неговото поднебје, сликани динамично и разиграно.
Покрај номинацијата за Оскар во 2002 година за филмот „Амели“, Делбонел ги доби и номинациите за БАФТА / BAFTA, ASC (Американското друштво на кинематографери), како и за наградата Цезар / Cesar, а ја освои наградата на ЕФА / Европската филмска академија за најдобар европски кинематографер.
По овој голем успех, тандемот Делбонел – Жене ја повтори плодната соработка и во следниот извонреден филм. Станува збор за историската љубовна драма од Првата светска војна – „Многу долга свршувачка“, за која во 2005 година Делбонел ја освои втората номинација за Оскар. Делбонел и во овој филм е во својот врвен креативен елемент. Покрај номинацијата за Оскар и за наградата на ЕФА, со него тој ги освои наградите на ASC и францускиот Цезар.
Третата номинација за Оскар за Делбонел дојде во 2010 година за еден од визуелно најефектните филмови од серијалот за Хари Потер, неговото шесто продолжение, „Хари Потер и полукрвниот принц“ / HARRY POTTER AND THE HALF-BLOOD во режија на Дејвид Јеијтс / David Yates.
Оваа креација Делбонел ја издигнува на ниво на визуелно ремек – дело во изразот. Тој како диригент на оваа фантастична симфонија, супериорно ја
контролира работата на камерите и колор – атмосферата, со над 1000 стручни соработници во неизбежниот технолошки домен на специјалните визуелни ефекти и дигиталната анимација.
Во 2011, Манаки го награди Бруно Делбонел со „Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност“.
Следните три ремек дела во опусот на Делбонел, закитени со номинација за Оскар се: „Внатре во Левин Дејвис“ / INSIDE LLEWYN DAVIS (2014); „Најмрачен час“ / DARKEST HOUR (2018) и „Трагедијата на Магбет“ / THE TRAGEDY OF MACBETH (2022).
По соработката на нивниот краток игран филм „Тилери“ / TUILERIES vo 2006 (сторија од серијалот „Париз те сакам“/ PARIS, JE T’AIME) Делбонел ќе го сними и целовечерниот игран филм на браќата Коен / Coen brothers „Внатре во Левин Дејвис“. Во него, Делбонел ја слика мрачната егзистенцијална драма на младиот кантавтор на фолк музика Левин Дејвис, чија насловна улога ја толкува автентичниот музичар Оскар Исак / Oscar Isaac.
Петтата номинација за Оскар Делбонел ја доби во 2018 година за креацијата во историската драма „Најмрачен час“ во режија на Џое Рајт / Joe Wright. Актерот Гери Олдмен за улогата на Винстон Черчил во овој филм беше награден со Оскар.
Потоа, во 2021 година Делбонел повторно соработува само со едниот од браќата Коен (Јоел / Џоел), на филмот „Трагедијата на Магбет“ за кој следната година ќе ја освои последната од шесте номинации за Оскар. Во насловната улога на оваа најнова екранизација на антологиската трагедија на Шекспир настапува актерот Дензел Вашингтон, а како леди Магбет актерката Френсис МекДорманд.
Во сите три понови филмови номинирани за Оскар, Делбонел ја применува доку – играната визуелна структура својствена за неговите претходни дела, но со историски карактеристики на различни поднебја и периоди.
Делбонел ќе го збогати својот опус и низ соработката со плејада други истакнати светски режисери, како Питер Богданович во „Мјаукот на мачката“ / THE CAT’S MEOW (2000), полуавтентична крими драма за убиството на една актерка во Холивуд во 1924 година, што се случило на јахтата на милионерот Харст. Со рускиот режисер Сокуров ќе го сними „Фауст“ (2011), базиран на Гетеовиот мит за Фауст, кој освојува „Златен лав“ во Венеција, и „Франкофонија“ / FRANCOFONIA (2014), посветен на Парискиот храм на сликарската уметност – музејот Лувр, кој со својата трајна вредност и пркосел на фашистичката окупација. Со Тим Бартон ќе соработува во три наврати, речиси едно по друго. Во 2012 година тој го снима неговиот готски хорор „Мрачни сенки“ / DARK SHADOWS, во 2013 година соработуваат на сродниот, „Големи очи“/ BIG EYES и во 2016 година го реализираат „Домот на гопоѓица Перегрин за чудни деца“ / MISS PEREGRINE’S HOME FOR PECULIAR CHILDREN.
Со браќата Коен одново ќе соработува во 2018 година, во пародиската вестерн комедија во нивен дух – „Баладата за Бастер Скрагс“ / THE BALLAD OF BUSTER SCRUGGS, а најновата соработка од тековнава 2024 година му е со Вес Ендерсон / Wes Anderson, на неговиот најнов филм „Феникиска шема“ / THE PHOENICIAN SCHEME (2024, во пост-продукција), со кастинг од соништата: Бенедикт Камбербач / Benedict Cumberbatch, Том Хенкс / Tom Hanks, Скарлет Јохансон / Scarlett Johansson, Бил Мареј / Bill Murray, Бенисио Дел Торо / Benicio Del Toro и Шарлот Генсбур / Charlotte Gainsbourg.
Во 2019 Бруно Делбонел бил назначен за шеф на кинематограферскиот отсек на прочуената париска филмска школа, La Femis, за да ги пренесе своите професионални кинематограферски искуства и знаења на новите генерации студенти и идни кинематографери.
Оваа година се очекува на Фестивалот да присуствуваат досегашни добитници на наградата „Златна камера 300 за животно дело“ во чест на јубилејното 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Култура
Фестивал за краток филм во Куманово
“ФИЛМАЈ” 2024 фестивалот на краток филм – Куманово ќе се одржи на 29 и 30 мај 2024 (среда и четврток), во Занаетчискиот дом – Куманово.
Двете вечери на шестото издание на фестивалот ќе бидат со почеток во 20 часот. Влезот ќе е бесплатен за посетителите.
На ФИЛМАЈ 2024 ќе бидат прикажани наградените филмови: филипинскиот ‘Жими сè најмило’ режиран од Сам Манакса, чешкиот `Морска сол` со Захер Јуреидини како директор на фотографија, ‘Синкопат’ (Шпанија) по сценарио на Пол Диглер и Рамон Лазаро, заедно со најдобриот домашен филм `Само ѓаволот се плаши од вода` режиран од Лидија Мојсовска, и `Девет сантиметри` (Русија) како најдобар краток филм.
Исто така, ќе бидат прикажани и 11 официјално селектирани филмови. Стручното жири на овогодишниот ФИЛМАЈ беше составено oд Матеј Матијевиќ (режисер и сценарист), Александар Арсовски (продуцент) и Антонио Димитриевски (актер).