Филм
Европската филмска награда за 'Љубов' на Хенеке
Филмот на славниот австриски режисер и сценарист Михаел Ханеке „Љубов“, приказна за двајца пензионирани париски професори по музика кои се соочуваат со тешката болест на еден од нив, е апсолутниот победник 25-то доделување на Европските филмски награди
Откако на годинешниот престижен филмски фестивал во Кан, филмот „Љубов“ на Австриецот Михаел Ханеке ја освои највисоката награда Златната палма, на свеченоста во саботата навечер во Ла Валета, главниот град на Малта, ги освои наградите за најдобар европски филм, за најдобар режисер и за најдобри женска и машка насловна ролја.
Станува збор за топол филм кој зборува за љубовта и пожртвуваноста, за кој се очекува дека на доделувањето на Оскарите идната година да излезе од категоријата странски филм, снимен е во Париз, на француски јазик и со француски актери, и да се најде во компетицијата за една од главните категории, оцени филмскиот критичар на британскиот весник The Guardian.
На прес-конференцијата по три иполчасовната свеченост, Ханеке покажа љубезна воздржаност наспроти формалните признанија. „Тоа е многу пријатно чувство. Сметам дека треба да се почитува секој поединечен гледач“, рече австрискиот режисер.
Ѕвездите на оваа впечатлива драма не можеа да присуствуваат на доделувањето на наградите за лично да ги преземат, имено 82-годишниот Жан-Луј Трентињан се наоѓа на театарска турнеја, додека 86-годишната Емануел Рива се разболела од грип.
Од другите филмови позабележително минаа британската екранизација на култниот филм на Џон Ле Кар, „Џандар, Дама, Крал, Шпион“, за сценографија на Мари Дјурковиц и за музика на Алберт Иглезиас, додека ремек-делот на Стивен Мекквин „Срамота“ е награден за фотографијата на Шон Бобит и за монтажата на Џо Волкер.
Наградата за најдобро сценарио им припадна на Тобиас Линхолм и Томас Винтерберг за данската драма „Лов“, приказна за учител во основно училиште погрешн обвинет за злоставување малолетници.
За Европско откритие на година е прогласен холандскиот филм „Каубој“ на холандскиот режисер Будевијин Кооле, а за најдобар европски документарен филм е прогласен „Зимски номади“, Швајцарецот Мануел вон Стирлер, која всушност претставува филмувана студија за швајцарските овчари.
„Најдобар анимиран филм е чешко-германската-словачка копродукција „Алоис Небел“, а романскиот „Спермен, Спајдермен или Бетмен“ е најдобриот кус фил, додека наградата за најдобар филм според изборот на публиката го доби белгиската хумористична драма „Аста ла виста“ за тројца хендикепирани девственици кои тргнуваат на турнеја по винските патишта во надеж дека нивната авантура ќе се претвори во сексуална одисеја.
Доделени беа и наградите за животно дело, која оваа година му припадна на италијанскиот филмски режисер Бернардо Бертолучи, додека Хелен Мирен е наградена за европскиот придонес на светската кинематографија. Славниот Беролучи на доделувањето на наградите се појави во инвалидска количка – „Устата ми е премногу сува за долги говори“, рече посакувајќи им на европскиот филм и на манифестацијата „долг живот“. Хелен Мирен, пак, предизвика смеа и овации од публиката „Ви благодарам што ми искажавте голема чест препознавајќи дека и јас сум е… курва. И многу, многу сум горда на тоа“, изјави Мире. Нејзиниот говор всушност беше реминисценција на описот на актерската професија изречена од француската актерка Жана Моро, кога пред пет години ја преземаше истата награда.
Годишните награди што Европската филмска академија ги доделува на европските филмови, режисери, продуценти и актери за највисоките дострели во европската кинематографија се резултат од гласањето на 2.700 членови на Академијата. Секоја втора година домаќин на свеченоста е германската престолнина Берлин, каде што пред 25 година ја втемели режисерот Вим Вендерс како пандан на американските Оскари./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.
Филм
Утре се отвора четвртиот Фестивал на грчки филм
Утре, на 7 април 2024 година, во 20 часот, во Кинотеката на Северна Македонија (Никола Русински 1, Скопје 1000) ќе биде отворено четвртото издание на Фестивалот на грчки филм. На отворањето ќе биде прикажан кусометражниот филм „Тишината на рибата кога умира“ на Василис Кекатос (2019, 19′), а потоа долгометражниот филм „Не би сакал да сум непристоен, но треба сериозно да разговараме“ на Јоргос Георгопулос (2019, 99′).
Ова се две црни комедии во кои што идејата за смртта се прикажува со доза на хумор. Филмот „Тишината на рибата кога умира“ учествуваше на некои од најважните фестивали како Sundance, а Василис Кекатос е еден од најважните претставници на кусометражните филмови со многу награди, вклучително и Златна палма во Кан.
Фестивалот е во ко-организација на Амбасадата на Грција во Скопје и Меѓународниот филмски фестивал Киненова спонзориран од фирмите Armos Balkan и Mermeren.
Влезот е бесплатен.
Култура
Во февруари 50-годишен јубилеј на Кинотека: Старите вредности во нови контексти
Пред 5 децении е формирана македонската кинотека. Честитки за сето она што досега го направила оваа значајна културна установа. Една од основните дејности на филмскава институција е да го прикаже сето она што го има, и ново и старо; ова второто во нови контексти и изданија. Тоа ќе биде карактеристика на програмата на најкусиот месев во годината – февруари. Календарски, ќе трае 29 дена. Ете можност да се види сето она што кинотеката го подготвила за февруарските денови.
Ќе се стартува со премиерна проекција. Со филм кој има наслов СЛОБОДА. Тоа е краткометражен филм во омнибус формат, чијшто автор е филмскиот критичар Златко Ѓелески. Веднаш потоа враќање децении наназад. Ќе бидат проектирани неколку архивски филмски записи од 1912 до 1952. Тоа се дел од новопримените кино-материјали што кинотеката ги прибра во текот на изминатата година.
Кинотека се решила, враќајќи се децении наназад, да потсети на филмовите создадени во 40-тите, 50-тите, 60-тите, 80-тите, 90-тите и 2000-тите. Режисерите се од различни земји – Италија, Франција, Германија, Шведска, САД. Ставени се во различни контексти, во нови програми. Всушност, станува збор за циклуси на Великаните на фестивалот на филмската камера БРАЌА МАНАКИ и пократок цилкус филмови на францускиот режисер на т.н. француски нов бран Луј Мал.
Во исклучително богатата кинотечна понуда се и неколку филмови на чехословачкиот режисер, оскаровецот Јан Кадар.
Она што е многу интересно, многу потребно за да се знае и запамети, се петте документарни македонски филмови со етнолошка содржина. Во нив е забележана традицијата, обработени се народни и религиозни обичаи од средината на 20-тиот век. Во четири од нив Вера Кличкова, пионерот на етнолошкиот филм кај нас, е сценарист, режисер или консултант.
Филмофилите ќе бидат почестени да го видат сигурно еден од најозборуваните лански филмови – НАПОЛЕОН на Ридли Скот. Во различните оценки за филмот доминираат, што е сосема разбирливо, Англичаните и Французите. Едните го фалат, другите го кудат. Критиките за најновата продукција на Скот се поделени, но не смее да се изостави фактот дека, и покрај одредени пропусти, станува збор за прецизно сработен биопик. Дело кое функционира на неколку нивоа – како биографска сторија, историска рекреација, но и омаж кон еден од омилените филмови на Ридли Скот – Бари Линдон од 1975, по сценарио и режија на Стенли Кјубрик.
Уште една филмска творба којашто предизвика интерес и претежно позитивни рецензии – УБИЈЦИ НА ЦВЕТНАТА МЕСЕЧИНА на Мартин Скорсезе– ќе биде проектирана во кино салата на Кинотека месецов.
Во финалето на месецов, ќе погледнеме два филма со музичка содржина. Познатиот ТОМИ, рок операта на Кен Расел, ќе биде прикажана на оригинална 35 милиметарска лента. Новитетот е музичкиот документарец за екс ју панк легендите Панкрти. Специјален гостин на кинотеката тие денови ќе биде фронтменот на групата, Перо Ловшин.
Февруари е можеби календарски пократок месец , но затоа ќе биде исполнет со исклучително богата кино-програма.