Филм
Брус Вилис, Кристен Стјуарт и Џеси Ајзенберг во идниот филм на Вуди Ален
Американските актери Брус Вилис, Кристен Стјуарт и Џеси Ајзенберг ќе глумат во идниот филм на култниот сонародник режисерот Вуди Ален, кој по обичај информациите за сценариото, името на филмот и другите поединости сé уште ги држи во тајност.
Британскиот весник The Guardian пишува дека актерките веќе ги потпишале договорите за новиот филм чиј почеток на снимањето се очекува до крајот на годинава.
За разлика од Џеси Ајзенберг, кои со њујоршкиот синаест соработуваше во 2012 година во неговиот филм „На Рим со љубов“, Кристен Стјуарт, ѕвездата на „Самракот на саката“ ќе дебитира во остварување на Вуди Ален, исто како и 59-годишната ѕвезда Брус Вилис.
Стјуарт пред три седмици влезе во историјата на филмот како првата американска актерка којашто ја освоила реномираната француска филмска награда Цезар за улогата во филмот „Cloud of Sils Maria“.
Како што е вообичаено за Вуди Ален, поединостите за неговиот засега неименуван филм сé уште не се објавени. Познато е досега дека неговите филмови ги продуцираат постојаните партнери – неговата сестра Лети Аронсон, агентот Стивен Тененбаум, кој со режисерот досега соработуваше на 15 филмови и магнатот на кабелската телевизија Едвард Волсон.
Единствено што засега се знае е дека филмот ќе започне да се прикажува во кината следната 2016 година.
Американскиот режисер во моментов го довршува снимањето на филмот „Irrational Man“ со Жоакин Феник и Ема Стоун во главните улоги кои ќе започне да се прикажува во јули 2015-та.
За Вуди Ален, американски актер, режисер и продуцент, четирикратен добитник на најпрестижната филмска награда Оскар, е познато дека е подготвен да снима секаде каде што се подготвени да финансираат без мешање во работата.
Вуди Ален влезе во историјата на филмот, првенствено како своевиден хроничар на Њујорк. Но неговиот комплициран однос со филмските продуценти на крајот го доведе режисерот во Европа, каде што самиот процес на снимање и создавање филм е далеку поевтин отколку во САД.
Неговата европска филмска авантура му донесе и нова професионална среќа, по низата претходни неуспеси во САД, неговите рецентни филмови му донесоа серија номинации на американската Академија на филмските уметности и науки, кулминирајќи со четвртиот Оскар кој го доби за неговиот филм „Полноќ во Париз”.
Во 2012 година Ален во Рим го сними To Rome With Love” (На Рим со љубов), а во Италија снимаше и во 1996 година во Венеција каде беше снимен дел од неговата музичка комедија „Сите велат – те сакам” (Everyone Says I Love You). Претходната 2011 година во француската престолнина Париз го сними „Полноќ во Париз” (Midnight in Paris), во кој во една од споредните улоги се јавува и првата дама на Франција Карла Бруни-Саркози. Овој филм му донесе Оскар за сценарио и номинација за најдобар филм. Во Лондон, Ален ги сними во 2005 гофина „Match Point”, „Сензација” (Scoop, 2006) и „Сонот на Касандра” (Cassandra’s Dream, 2007) со кој дебитираше на филмскиот фестивал во Венеција. Шпанија во 2008 година беше сценографија за „Вики, Кристина, Барселона” (Vicky Cristina Barcelona)./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во февруари 50-годишен јубилеј на Кинотека: Старите вредности во нови контексти
Пред 5 децении е формирана македонската кинотека. Честитки за сето она што досега го направила оваа значајна културна установа. Една од основните дејности на филмскава институција е да го прикаже сето она што го има, и ново и старо; ова второто во нови контексти и изданија. Тоа ќе биде карактеристика на програмата на најкусиот месев во годината – февруари. Календарски, ќе трае 29 дена. Ете можност да се види сето она што кинотеката го подготвила за февруарските денови.
Ќе се стартува со премиерна проекција. Со филм кој има наслов СЛОБОДА. Тоа е краткометражен филм во омнибус формат, чијшто автор е филмскиот критичар Златко Ѓелески. Веднаш потоа враќање децении наназад. Ќе бидат проектирани неколку архивски филмски записи од 1912 до 1952. Тоа се дел од новопримените кино-материјали што кинотеката ги прибра во текот на изминатата година.
Кинотека се решила, враќајќи се децении наназад, да потсети на филмовите создадени во 40-тите, 50-тите, 60-тите, 80-тите, 90-тите и 2000-тите. Режисерите се од различни земји – Италија, Франција, Германија, Шведска, САД. Ставени се во различни контексти, во нови програми. Всушност, станува збор за циклуси на Великаните на фестивалот на филмската камера БРАЌА МАНАКИ и пократок цилкус филмови на францускиот режисер на т.н. француски нов бран Луј Мал.
Во исклучително богатата кинотечна понуда се и неколку филмови на чехословачкиот режисер, оскаровецот Јан Кадар.
Она што е многу интересно, многу потребно за да се знае и запамети, се петте документарни македонски филмови со етнолошка содржина. Во нив е забележана традицијата, обработени се народни и религиозни обичаи од средината на 20-тиот век. Во четири од нив Вера Кличкова, пионерот на етнолошкиот филм кај нас, е сценарист, режисер или консултант.
Филмофилите ќе бидат почестени да го видат сигурно еден од најозборуваните лански филмови – НАПОЛЕОН на Ридли Скот. Во различните оценки за филмот доминираат, што е сосема разбирливо, Англичаните и Французите. Едните го фалат, другите го кудат. Критиките за најновата продукција на Скот се поделени, но не смее да се изостави фактот дека, и покрај одредени пропусти, станува збор за прецизно сработен биопик. Дело кое функционира на неколку нивоа – како биографска сторија, историска рекреација, но и омаж кон еден од омилените филмови на Ридли Скот – Бари Линдон од 1975, по сценарио и режија на Стенли Кјубрик.
Уште една филмска творба којашто предизвика интерес и претежно позитивни рецензии – УБИЈЦИ НА ЦВЕТНАТА МЕСЕЧИНА на Мартин Скорсезе– ќе биде проектирана во кино салата на Кинотека месецов.
Во финалето на месецов, ќе погледнеме два филма со музичка содржина. Познатиот ТОМИ, рок операта на Кен Расел, ќе биде прикажана на оригинална 35 милиметарска лента. Новитетот е музичкиот документарец за екс ју панк легендите Панкрти. Специјален гостин на кинотеката тие денови ќе биде фронтменот на групата, Перо Ловшин.
Февруари е можеби календарски пократок месец , но затоа ќе биде исполнет со исклучително богата кино-програма.
Култура
Македонски филмови во фокус на најпрестижниот фестивал на Балтикот
Престижниот меѓународен филмски фестивал Tallinn Black Nights Film Festival во Талин, Естонија, кој е и најпознат и најголем филмски фестивал на Балтикот, се одвива од 3 до 16 ноември, а македонската кинематографија е во фокус и како никогаш до сега е присутна со филмови во македонска продукција и тоа како мнозински или како малцински копродуценти.
Земји во фокус на фестивалот се Македонија, Србија, Црна Гора и Хрватска, каде што се појавуваат 13 филма, а Македонија како земја учествува со продуцентските и копродуцентските проекти „Домаќинство за почетници“, „Чувари на формулата“ „Живи и здрави“ и „Набљудување“.
Нашиот кандидат за „Оскар“ оваа година, „Домаќинство за почетници“, во режија на Горан Столевски, а во продукција на „Лист продукција“, на 13 ноември имаше своја проекција во Талин во рамките на програмата Screen International Critics’ Choice. „Домаќинство за почетници“ беше селектиран на Филмскиот фестивал во Венеција, каде што ја доби наградата Queer Lion и е номиниран за Европските филмски награди. Копродуцентските куќи се јавуваат од Австралија, Србија, Хрватска, Косово и од Полска. На 16 и на 19 ноември се закажани уште две кинопроекции.
Во официјалната селекција на фестивалот е и филмот „Живи и здрави“ од Црна Гора на Иван Мариновиќ, чиј прием за време на вчерашната проекција наиде на огромен интерес и сите наредни кинопретстави се распродадени. Како македонски копродуцент се јавува Дејан Крајчевски од „Круг продукција“.
Македонскиот филм „Мравки“, во режија на Марјан Гаврилоски и во продукција на „Тајм лапс продукција“ е дел од индустрискиот маркет во Талин. На 16 ноември на панел-дискусијата ќе присуствуваат претставници на филмските центри од регионот и авторите на филмовите, кои се дел од фокусот, по што следува и дегустација на традиционални и автентични вкусови од Балканот. Тимот од Агенцијата за филм и „Медија деск“ се присутни на фестивалот.
Македонија се јавува и како копродуцент на словенечкиот Observing, кој е надвор од конкуренција, а ќе се прикажува во рамките на програмата Critics Peeks. Зад Observing стои режисерот Јанез Бургер, а како копродуцент се јавува „Кавал филм“ од Северна Македонија.
Самиот фестивал го отвори српскиот трилер-филм на Драган Бјелогрлиќ, „Чувари на формулата“, каде што како македонски копродуцент се јавува „Скопје филм студио“, чија тема веќе ја разбранува јавноста и го нарекуваат српскиот „Опенхајмер“.
Култура
Филмови на израелски и палестински автори ќе се прикажуваат во Скопје за да се подигне свеста, настанот е хуманитарен
Во солидарност со сите цивилни жртви на долгиот конфликт помеѓу Израел и Палестина, на 16 ноември, во барот „Котур“ се организира хуманитарен настан на проекции на филмови. Целта на оваа проекција е да се сподели содржина што може да придонесе кон подигнување на свеста за самиот конфликт, но и од потребата за солидарност со цивилните жртви.
Селектираните филмови се добиени во согласност со нивните автори, кои ѝ самите гледаат на филмот како на платформа за солидарност и алатка за критичко промислување и градење перспективи, кои одат преку доминантните сензационалистички наративи на медиумите.
На настанот ќе биде поставена продажна изложба, каде што ќе може да се купат дела од ликовните уметници од независниот уметнички колектив „Кула“. Собраните сретства ќе бидат донирани во хуманитарни организации, кои дејствуваат во Појасот Газа.
Проекциите ќе почнат во 17 часот, влезот е со донација.
Филмовите ќе бидат проектирани во следниот редослед:
17 часот – Нема време за славење (2018) од Руба Саламех и Фадва Наамна
Ова дело е иницијатива на кураторката Фадва Наамна и на Руба Саламех, визуелна уметница. Документарниот филм е снимен во краток временски период, без буџет и опрема. Млади палестински уметници развиваат независни културни и уметнички центри во градот Хаифа, кој е познат по неговата малку напната средина и коегзистенција меѓу Арапите и Евреите. Стремежот за независност и борбата за слобода на изразување продолжува и во сенките на рестриктивната влада, која постојано промовира контрола врз уметничката продукција и фондовите за уметничка продукција.
18 часот – Тивкиот протест. Ерусалем 1929 (2019) на Мухасен Насер-Елдин
Овој краткометражен филм на режисерката Мухасен Насер-Елдин ја раскажува приказната за 26 октомври 1929 година кога Палестинките го почнаа своето женско движење. Приближно 300 жени се собраа во Ерусалим од цела Палестина. Тие одржаа тивки демонстрации преку автомобилски конвој за да протестираат против пристрасноста на британскиот висок комесар против Арапите во бунтот Бурак.
18.30 часот – Реколекција (2015) на Камал Алџафари
Филчмот „Реколекција“ (2015) користи материјали од израелски и американски филмови од шеесеттите до деведесеттите години, каде што протагонистите се избришани од сликите оставајќи го зад себе само празното опкружување на градот. Самото сеќавање снима и меморијата на целата заднина е зачувана од екранот.
20 часот – Ова мора да е рајот (2019) на Елија Сулеиман
Елија Сулејман ни зборува за Палестина не како нешто што постои туку како идна можност гледајќи ги младите Палестинци, кои танцуваат во ЛГБТ+ клуб во Хаифа. Критичкиот поглед на Елија Сулејман е насочен кон светот, кој станува сѐ понеправичен и каде што контролата врз телата и нивното движење нѐ потсетува сѐ повеќе и повеќе на палестинската ситуација.
22 часот – Законот во овие делови (2011) Ра’анан Александрович
„Законот во овие делови“ е израелски документарен филм од 2011 година, режиран од Ра’анан Александрович, кој го истражува судскиот систем управуван од израелските одбранбени сили на Вест Бенк, Палестина. Документарецот е поделен во пет поглавја и ја разгледува правната историја на израелската окупација на арапските територии. Александрович интервјуира голем број судии, кои беа одговорни за извршување на наредбите на воените команданти.
23.30 часот – Три логични излези (2020) на Махди Флеифел
Во „Три логични излези“, Махди Флејфел се враќа во кампот „Аин ел-Хелве“, палестински бегалски камп во Либан. Самиот уметник има палестински корени и го придружува Реда, кој сѐ уште живее таму, уште од детството. Приказната на Реда е ставена во поширок контекст и функционира како претставување на многубројни Палестинци чие постоење во Либан е безнадежна стагнација и чекање. Изгледа дека единствениот излез за младите е да се предадат на консумација и продажба на дрога, да се приклучат на некоја од бунтовничките фракции или да емигрираат – три логични излези – единствените стратегии за справување за живот обележан со експлоатација, дискриминација и расизам.