Филм
Лазар Ристовски ќе го игра Цар Самоил
Познатиот актер Лазар Ристовски ќе го толкува историскиот лик на Цар Самоил во македонски филм на Антонио Митриќески, потврди во саботата овој моќен и извонреден актер на прес-конференција што се одржа во хотелот „Инекс-Горица“, Охрид Филм Фест- Фестивал на ангажиран филм, што се одржува од 10-ти до 15-ти јуни во Охрид.
Актерот Лазар Ристовски е ексклузивен гостин на „Охрид Филм Фест“ и присуствуваше на отворањето на Фестивалот што се одржа вчера во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.
Стартот го означи филмот „Од другата страна“, филм во кој во главна улога се појавува овој извонреден актер. На самото отворање на фестивалот, заменик на градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев му врачи награда – Византиски крст со филингранска изработка на Лазар Ристовски, за извонредниот придонес во балканската кинематографија што овој актер го остави како белег со неговите многубројни улоги во филмовите.
Ристовски одговарајќи на новинарски прашања, зборуваше за неговиот пристап и однос кон многубројните улоги.
„Мене скапо ме чинеше глумата. Некои актери доаѓаат насмеани, ќе ја одиграат улогата и ќе си заминат, додека јас доаѓав најмалку еден час порано, се подготвував за секоја улога. По претставите ние актерите одиме во бифето на театарот, каде се релаксираме по секоја претстава. Затоа и го оставив театарот пред осум години, ми требаше многу енергија, па го одбрав филмот“, рече Ристовски кој во кариерата има остварено импозантна бројка од четири илјади претстави.
„Ми претставува особена чест што ќе го играм Цар Самоил, особено што моите корени се од Македонија“, рече Ристовски, откривајќи ја веста за новиот филм што треба да се снима на овие простори.
Ристовски смета дека јазикот претставува пречка за глумење во странски филмови, но дека тој и не е толку пресуден и дека очите, преку кои се гледаат емоциите се најважни, бидејќи преку нив се се гледаат емоциите.
„Меѓу глумење ‘пијани Руси’ во Холивуд и улогите дома, јас одбрав да останам на овие простори. Инаку фестивалите никогаш не се доволни, секогаш има место за уште еден, а овој фестивал му е потребен на овој прекрасен град, посебно што се работи за ангажиран филм“, рече Ристовски и додаде дека се радува што стартува еден ваков фестивал и оти директорката на „Охрид Филм Фест“, Сунчица Уневска ќе ја има секогаш неговата поддршка.
Фестивалот за ангажиран филм „Охрид Филм Фест“ го живее вториот ден од неговото прво издание и тој ќе продолжи со прикажување со по три до пет проекции секоја вечер. На втората вечер ќе бидат прикажани три долгометражни и два кратки филма.
Втората фестивалска вечер во неделата стартува со документарниот филм „Охридско езеро“ што е дел од програмата „Охрид на филм“. Оваа програма е направена специјално за Охрид, програма посветена на градот и на филмовите кои се снимени за Охридско езеро и за Охрид.
Следува долгометражниот иранско–германски филм „Сонита“ во кој се збори за 18-годишна девојка, илегален имигрант од Авганистан, којашто живее во Техеран и која наидува и се бори со сите пречки што ги носи нејзината професија на пејачка.
„Црн куфер“ е ирански краток филм од четири ипол минути, а по него следи босанскиот долгометражен филм „Наша секојдневна приказна“ на Инес Тановиќ. Во овој филм семејството Сушиќ, живее босански живот. Неговиот син е воен ветеран, а ќерката го напушта Сараево. Проблемите следат откакои нивната мајка открива дека е тешко болна.
Втората вечер ќе заврши со долгометражниот мексичк-американски филм „Земјата на Картел“./крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Филм
Утре се отвора четвртиот Фестивал на грчки филм
Утре, на 7 април 2024 година, во 20 часот, во Кинотеката на Северна Македонија (Никола Русински 1, Скопје 1000) ќе биде отворено четвртото издание на Фестивалот на грчки филм. На отворањето ќе биде прикажан кусометражниот филм „Тишината на рибата кога умира“ на Василис Кекатос (2019, 19′), а потоа долгометражниот филм „Не би сакал да сум непристоен, но треба сериозно да разговараме“ на Јоргос Георгопулос (2019, 99′).
Ова се две црни комедии во кои што идејата за смртта се прикажува со доза на хумор. Филмот „Тишината на рибата кога умира“ учествуваше на некои од најважните фестивали како Sundance, а Василис Кекатос е еден од најважните претставници на кусометражните филмови со многу награди, вклучително и Златна палма во Кан.
Фестивалот е во ко-организација на Амбасадата на Грција во Скопје и Меѓународниот филмски фестивал Киненова спонзориран од фирмите Armos Balkan и Mermeren.
Влезот е бесплатен.
Култура
Во февруари 50-годишен јубилеј на Кинотека: Старите вредности во нови контексти
Пред 5 децении е формирана македонската кинотека. Честитки за сето она што досега го направила оваа значајна културна установа. Една од основните дејности на филмскава институција е да го прикаже сето она што го има, и ново и старо; ова второто во нови контексти и изданија. Тоа ќе биде карактеристика на програмата на најкусиот месев во годината – февруари. Календарски, ќе трае 29 дена. Ете можност да се види сето она што кинотеката го подготвила за февруарските денови.
Ќе се стартува со премиерна проекција. Со филм кој има наслов СЛОБОДА. Тоа е краткометражен филм во омнибус формат, чијшто автор е филмскиот критичар Златко Ѓелески. Веднаш потоа враќање децении наназад. Ќе бидат проектирани неколку архивски филмски записи од 1912 до 1952. Тоа се дел од новопримените кино-материјали што кинотеката ги прибра во текот на изминатата година.
Кинотека се решила, враќајќи се децении наназад, да потсети на филмовите создадени во 40-тите, 50-тите, 60-тите, 80-тите, 90-тите и 2000-тите. Режисерите се од различни земји – Италија, Франција, Германија, Шведска, САД. Ставени се во различни контексти, во нови програми. Всушност, станува збор за циклуси на Великаните на фестивалот на филмската камера БРАЌА МАНАКИ и пократок цилкус филмови на францускиот режисер на т.н. француски нов бран Луј Мал.
Во исклучително богатата кинотечна понуда се и неколку филмови на чехословачкиот режисер, оскаровецот Јан Кадар.
Она што е многу интересно, многу потребно за да се знае и запамети, се петте документарни македонски филмови со етнолошка содржина. Во нив е забележана традицијата, обработени се народни и религиозни обичаи од средината на 20-тиот век. Во четири од нив Вера Кличкова, пионерот на етнолошкиот филм кај нас, е сценарист, режисер или консултант.
Филмофилите ќе бидат почестени да го видат сигурно еден од најозборуваните лански филмови – НАПОЛЕОН на Ридли Скот. Во различните оценки за филмот доминираат, што е сосема разбирливо, Англичаните и Французите. Едните го фалат, другите го кудат. Критиките за најновата продукција на Скот се поделени, но не смее да се изостави фактот дека, и покрај одредени пропусти, станува збор за прецизно сработен биопик. Дело кое функционира на неколку нивоа – како биографска сторија, историска рекреација, но и омаж кон еден од омилените филмови на Ридли Скот – Бари Линдон од 1975, по сценарио и режија на Стенли Кјубрик.
Уште една филмска творба којашто предизвика интерес и претежно позитивни рецензии – УБИЈЦИ НА ЦВЕТНАТА МЕСЕЧИНА на Мартин Скорсезе– ќе биде проектирана во кино салата на Кинотека месецов.
Во финалето на месецов, ќе погледнеме два филма со музичка содржина. Познатиот ТОМИ, рок операта на Кен Расел, ќе биде прикажана на оригинална 35 милиметарска лента. Новитетот е музичкиот документарец за екс ју панк легендите Панкрти. Специјален гостин на кинотеката тие денови ќе биде фронтменот на групата, Перо Ловшин.
Февруари е можеби календарски пократок месец , но затоа ќе биде исполнет со исклучително богата кино-програма.
Култура
Македонски филмови во фокус на најпрестижниот фестивал на Балтикот
Престижниот меѓународен филмски фестивал Tallinn Black Nights Film Festival во Талин, Естонија, кој е и најпознат и најголем филмски фестивал на Балтикот, се одвива од 3 до 16 ноември, а македонската кинематографија е во фокус и како никогаш до сега е присутна со филмови во македонска продукција и тоа како мнозински или како малцински копродуценти.
Земји во фокус на фестивалот се Македонија, Србија, Црна Гора и Хрватска, каде што се појавуваат 13 филма, а Македонија како земја учествува со продуцентските и копродуцентските проекти „Домаќинство за почетници“, „Чувари на формулата“ „Живи и здрави“ и „Набљудување“.
Нашиот кандидат за „Оскар“ оваа година, „Домаќинство за почетници“, во режија на Горан Столевски, а во продукција на „Лист продукција“, на 13 ноември имаше своја проекција во Талин во рамките на програмата Screen International Critics’ Choice. „Домаќинство за почетници“ беше селектиран на Филмскиот фестивал во Венеција, каде што ја доби наградата Queer Lion и е номиниран за Европските филмски награди. Копродуцентските куќи се јавуваат од Австралија, Србија, Хрватска, Косово и од Полска. На 16 и на 19 ноември се закажани уште две кинопроекции.
Во официјалната селекција на фестивалот е и филмот „Живи и здрави“ од Црна Гора на Иван Мариновиќ, чиј прием за време на вчерашната проекција наиде на огромен интерес и сите наредни кинопретстави се распродадени. Како македонски копродуцент се јавува Дејан Крајчевски од „Круг продукција“.
Македонскиот филм „Мравки“, во режија на Марјан Гаврилоски и во продукција на „Тајм лапс продукција“ е дел од индустрискиот маркет во Талин. На 16 ноември на панел-дискусијата ќе присуствуваат претставници на филмските центри од регионот и авторите на филмовите, кои се дел од фокусот, по што следува и дегустација на традиционални и автентични вкусови од Балканот. Тимот од Агенцијата за филм и „Медија деск“ се присутни на фестивалот.
Македонија се јавува и како копродуцент на словенечкиот Observing, кој е надвор од конкуренција, а ќе се прикажува во рамките на програмата Critics Peeks. Зад Observing стои режисерот Јанез Бургер, а како копродуцент се јавува „Кавал филм“ од Северна Македонија.
Самиот фестивал го отвори српскиот трилер-филм на Драган Бјелогрлиќ, „Чувари на формулата“, каде што како македонски копродуцент се јавува „Скопје филм студио“, чија тема веќе ја разбранува јавноста и го нарекуваат српскиот „Опенхајмер“.