Филм
’На пат кон надолу’ и ’Модерно семејство’ најдобри серии
Сериите „На пат кон надолу“ (Breaking Bad) и „Модерно семејство“ се прогласени за најдобри телевизиски серии на 66-то доделување на наградите Еми, најпрестижните американски телевизиски награди кое се одржа во Лос Анџелес.
Во текот на доделувањето на наградите во „Театар Нокиа“, актерот Били Кристал му одаде почест на Робин Вилијамс „најсјајната ѕвезда во галаксијата на комедијата“, чиешто самоубиство пред две седмици го потресе Лос Анџелес. „Нé смееше, на телевизија, во кината, во театрите, болниците…, бевме големи пријатели“, рече Били Кристал.
Освен наградата за најдобра драмска серија, „На пат кон надолу“ ја освои и наградата за најдобра машка улога, којашто му беше врачена на Браја Кренстон, како и наградите за најдобри споредни улоги, за Арон Пол и Ен Ган, како и наградата за најдобро драмско сценарио.
За Кренстон ова е четврта последователна награда Еми за улогата на поранешен професор по хемија заболен од рак кој започнува да произведува и да продава хемиски дроги за да го извлече семејството од финансиска криза. Примајќи ја наградата, Кренстон се потсети на својата улога и им се заблагодари на сите партнери во серијата, особено на „пријателот Арон Пол“ и на „својата сопругата од серијата“ Ен Ган.
Наградата за најдобра главна женска улога во драмска серија беше доделена на Џулијан Маргулис за улогата во серијата „Добра жена“ која се емитува од 2009 годија. Маргулис во серијата го толкува ликот на измамена жена која станува адвокатка кога нејзиниот сопруг поради сексуален скандал и корупција мора да поднесе оставка на функцијата државен обвинител.
Признанието Еми за најдобра режија ги добија Кери Џоџи Фукунага, режисер на драмската серија „Вистински детектив“ и Гејл Манкузо, режисерката на !Модерно семејство“ која воедно беше прогласена за најдобра хумористична серија.
Наградите за најдобри главни улоги во хумористични серии им беа доделени на Џим Персон („Теоријата на големиот тресок“) и на Џулија Луј-Драјфус („Потпретседателка“), додека за споредни улоги во комедии наградени беа Ти Барел („Модено семејство“) и Алисон Џејни („Мам“)
За најдобар телевизиски филм е прогласен „The Normal Heartе“ посветен на обидите за предупредување од ширењето на СИДА-та во почетокот на 1980-те.
Во категоријата мини серии за најдобра е прогласена „Фарго“, којашто ја освои и наградата за најдобра режија. Мини серијата за британскиот детектив Шерлок Холмс освои три награди, сите за епизодата „Sherlock: His Last Vow“, и тоа за најдобра машка главна улога – Бенедикт Камнербач, за најдобра споредна машка улога – Мартин Фримен и за најдобро сценарио – Стивен Мофат. Наградите за најдобра главна и споредна женска улога во оваа категорија ги добија Џесика Ланг и Кејти Бејтс за ролјите во серијата „Американска хорор приказна“ ./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.
Филм
Утре се отвора четвртиот Фестивал на грчки филм
Утре, на 7 април 2024 година, во 20 часот, во Кинотеката на Северна Македонија (Никола Русински 1, Скопје 1000) ќе биде отворено четвртото издание на Фестивалот на грчки филм. На отворањето ќе биде прикажан кусометражниот филм „Тишината на рибата кога умира“ на Василис Кекатос (2019, 19′), а потоа долгометражниот филм „Не би сакал да сум непристоен, но треба сериозно да разговараме“ на Јоргос Георгопулос (2019, 99′).
Ова се две црни комедии во кои што идејата за смртта се прикажува со доза на хумор. Филмот „Тишината на рибата кога умира“ учествуваше на некои од најважните фестивали како Sundance, а Василис Кекатос е еден од најважните претставници на кусометражните филмови со многу награди, вклучително и Златна палма во Кан.
Фестивалот е во ко-организација на Амбасадата на Грција во Скопје и Меѓународниот филмски фестивал Киненова спонзориран од фирмите Armos Balkan и Mermeren.
Влезот е бесплатен.
Култура
Во февруари 50-годишен јубилеј на Кинотека: Старите вредности во нови контексти
Пред 5 децении е формирана македонската кинотека. Честитки за сето она што досега го направила оваа значајна културна установа. Една од основните дејности на филмскава институција е да го прикаже сето она што го има, и ново и старо; ова второто во нови контексти и изданија. Тоа ќе биде карактеристика на програмата на најкусиот месев во годината – февруари. Календарски, ќе трае 29 дена. Ете можност да се види сето она што кинотеката го подготвила за февруарските денови.
Ќе се стартува со премиерна проекција. Со филм кој има наслов СЛОБОДА. Тоа е краткометражен филм во омнибус формат, чијшто автор е филмскиот критичар Златко Ѓелески. Веднаш потоа враќање децении наназад. Ќе бидат проектирани неколку архивски филмски записи од 1912 до 1952. Тоа се дел од новопримените кино-материјали што кинотеката ги прибра во текот на изминатата година.
Кинотека се решила, враќајќи се децении наназад, да потсети на филмовите создадени во 40-тите, 50-тите, 60-тите, 80-тите, 90-тите и 2000-тите. Режисерите се од различни земји – Италија, Франција, Германија, Шведска, САД. Ставени се во различни контексти, во нови програми. Всушност, станува збор за циклуси на Великаните на фестивалот на филмската камера БРАЌА МАНАКИ и пократок цилкус филмови на францускиот режисер на т.н. француски нов бран Луј Мал.
Во исклучително богатата кинотечна понуда се и неколку филмови на чехословачкиот режисер, оскаровецот Јан Кадар.
Она што е многу интересно, многу потребно за да се знае и запамети, се петте документарни македонски филмови со етнолошка содржина. Во нив е забележана традицијата, обработени се народни и религиозни обичаи од средината на 20-тиот век. Во четири од нив Вера Кличкова, пионерот на етнолошкиот филм кај нас, е сценарист, режисер или консултант.
Филмофилите ќе бидат почестени да го видат сигурно еден од најозборуваните лански филмови – НАПОЛЕОН на Ридли Скот. Во различните оценки за филмот доминираат, што е сосема разбирливо, Англичаните и Французите. Едните го фалат, другите го кудат. Критиките за најновата продукција на Скот се поделени, но не смее да се изостави фактот дека, и покрај одредени пропусти, станува збор за прецизно сработен биопик. Дело кое функционира на неколку нивоа – како биографска сторија, историска рекреација, но и омаж кон еден од омилените филмови на Ридли Скот – Бари Линдон од 1975, по сценарио и режија на Стенли Кјубрик.
Уште една филмска творба којашто предизвика интерес и претежно позитивни рецензии – УБИЈЦИ НА ЦВЕТНАТА МЕСЕЧИНА на Мартин Скорсезе– ќе биде проектирана во кино салата на Кинотека месецов.
Во финалето на месецов, ќе погледнеме два филма со музичка содржина. Познатиот ТОМИ, рок операта на Кен Расел, ќе биде прикажана на оригинална 35 милиметарска лента. Новитетот е музичкиот документарец за екс ју панк легендите Панкрти. Специјален гостин на кинотеката тие денови ќе биде фронтменот на групата, Перо Ловшин.
Февруари е можеби календарски пократок месец , но затоа ќе биде исполнет со исклучително богата кино-програма.